Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 февруари 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Договори за пружање и плаќање здравствени услуги во специјалистичко-консултативни и болничка здравствена заштита, број 09-473/2 од 30 март 2011 година склучени меѓу Фондот за здравствено осигурување на Македонија и сите јавни здравствени установи во Република Македонија.
2. Самостојниот синдикат на Клинички центри и други здравствени организации на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата сите јавни здравствени установи во Република Македонија склучиле Договори со Фондот за здравствено осигурување спротивно на Законот за здравствено осигурување и Уставот на Република Македонија. Имено, оспорениот акт – Договорите, биле склучени за пружање и плаќање здравствени услуги во специјалистичко-консултативни и болничка здравствена заштита, врз основа на членот 70 од Законот за здравствено осигурување, според кој за извршување на здравствените услуги Фондот како купувач на здравствените услуги склучува и раскинува договори со здравствени установи (став 1). Во договорот од ставот 1 на овој член се уредува видот, обемот, квалитетот и роковите за остварување на здравствена заштита, односно здравствените услуги според медицина базирана на докази, начинот на пресметувањето и плаќањето на здравствените услуги, причините и условите под кои може да се раскине договорот, договорна казна (став 2) .. Покрај основот во Законот, оспорениот акт се засновал и на Правилникот за критериумите за склучување договори и за начинот на плаќање на здравствените услуги кои ги пружаат здравствените установи на осигурените лица во болничката здравствена заштита. Меѓутоа, со оспорениот акт не се обезбедувало уставно гарантираното право на здравствена заштита на секој граѓанин, согласно членот 39 од Уставот, според кој на секој граѓанин му се гарантирало правото на здравствена заштита и граѓанинот имал право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите. Договорните казни во членовите 28, 29, 30, 32, 33 и 34 од оспорените Договори биле определени без уставни и законски рамки, спротивно на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 34, член 39, член 51 и член 96 од Уставот на Република Македонија, и спротивно на Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување, Законот за облигационите односи и меѓудржавните договори за социјално осигурување.
Договорите биле составени од права на Фондот и обврски на здравствените установи, без партнерски однос во договарањето, во многу битни елементи, како што биле цените за плаќање на дополнителните услуги во здравствените установи, потоа наплатата на партиципацијата од осигурените лица и правото на Фондот да го намали надоместокот на установата за оној износ кој бил остварен од неправилно пресметување и наплата на партиципацијата и од неточно утврден надоместок, потоа, правото на Фондот еднострано да го раскинел договорот доколку во определен рок не се платела договорната казна, потоа, правото на Фондот да не склучи нов договор со здравствената установа, што било штетно за граѓаните, а не само за установите, потоа, за решавање на споровите што ќе настанале од договорите, надлежен ќе бил Основниот суд Скопје 2 Скопје но наспроти тоа со едностраното раскинување на договорите Фондот и без суд сам одлучувал за траењето на договорниот однос. Во случајов во оспорените Договори немало рамноправност на учесниците во облигациониот однос, туку самоволно исклучиво по волја на Фондот се уредувале односите, спротивно на членот 12 од Законот за облигациони односи, кој упатувал на почитување на основните права на потрошувачите и корисниците на услуги утврдени со овој закон, друг закон и меѓународните договори ратификувани во Република Македонија и спротивно на член 13 од овој закон кој упатувал учесниците во облигациониот однос да ги решаваат споровите со усогласување, посредување или на друг мирен начин. Меѓутоа, во Договорите немало норми за мирно решавање на споровите. Од овие причини се оспорува уставноста и законитоста на Договорите и се предлага донесување на времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорените договори.
3. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата, ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Врз основа на приложената документација се утврди дека под број 09-473/2 од 30 март 2011 година бил склучен еден Договор за пружање и плаќање здравствени услуги во специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита, помеѓу Фондот за здравствено осигурување на Македонија, како купувач на здравствени услуги од една страна, и ЈЗУ Универзитетска клиника за очни болести, како давател на услуги од друга страна.
Подносителот со иницијативата како оспорен наведува акт кој не постои под број 09-473/2 од 30 март 2011 година, а со наслов „Договори за пружање и плаќање здравствени услуги во специјалистичко-консултативни и болничка здравствена заштита склучени помеѓу Фондот за здравствено осигурување на Македонија и сите јавни здравствени установи во Република Македонија“.
Според Судот, поаѓајќи општо од карактерот на договорите или спогодбите, со кои во правниот поредок се уредуваат меѓусебните односи на договорните страни, тие претставуваат конкретни акти кои имаат правно дејство само за субјектите кои ги склучиле истите, а не и за неограничен број на субјекти, како такви тие не се прописи или општи акти и не подлежат на уставносудска оцена. Со оглед на тоа, а имајќи во предвид и дека со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на наведениот акт кој како што е насловен не постои, се утврди дека се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер -Дамјановска, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.211/11
15 февруари 2012 година
С к о п ј е
л.а.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски