227/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија,член 28 алинеа 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 февруари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 1 точка 11 од Правилникот за начинот на остварување на правото на постојана парична помош („Службен весник на Република Македонија“ бр.146/2009) и член 2 став 1 точка 11 од Правилникот за начинот на остварување и користење на правото на социјална парична помош („Службен весник на Република Македонија“ бр.146/2009).

2. Јонче Блажески од с.Другово, му поднесе иницијатива на Уставниот суд на Република Македонија за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилниците означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата во вкупните приходи на домаќинството не требало да се сметаат примањата од „додаток за дете“, туку без тие примања, и на тој начин „постојаната и социјалната помош“ ќе се примале во домаќинството кое имало потреба од помош, а „додатокот за дете“ бил наменет не за семејството општо, туку за детето поединечно како детски додаток. Од овие причини оспорените одредби од Правилниците не биле во согласност со Законот за заштита на децата и со членот 35 од Уставот, кој се однесува на социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 2 став 1 точка 11 од Правилникот за начинот за остварување на правото на постојана парична помош, е предвидено, меѓу другото, дека состојбата на приходите на подносителот на барањето за постојана парична помош и лицето кое е должно согласно со Законот за семејството да го издржува се утврдува врз основа на примањата остварени од родителски додаток за дете.

Според членот 2 став 1 точка 11 од Правилникот за начинот на остварување и користење на правото на социјална парична помош вкупните приходи на домаќинството се утврдуваат меѓу другото и врз основа на примања остварени од родителски додаток за дете.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Репубика Македонија, Уставнот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Решение У.бр.28/2010 од 23 јуни 2010 година, Уставниот суд на Република Македонија не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 1 точка 11 од Правилникот за начинот на остварување на правото на постојана парична помош („Службен весник на Република Македонија“ бр.146/2009) и член 2 став 1 точка 11 од Правилникот за начинот на остварување и користење на правото на социјална парична помош („Службен весник на Република Македонија“ бр.146/2009). Ставот на Судот во Решението со уставно судската анализа му е доставена и на подносителот на иницијативата во овој предмет. Со оглед на тоа што со иницијативата се оспоруваат одредбите од Правилниците кои веќе биле ценети од Судот и со наведеното решение не била поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста, а нема основа за поинакво одлучување, настапени се деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.227/2011
8 февруари 2012 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски