Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 февруари 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на
– Член 11 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2011) и
– Член 112 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2009).
2. ДООЕЛ „Стоимен Трајков“ застапувано од Гоце Трајков од Радовиш на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијтива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 11 став 2 и член 112 од законите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата со измената на Законот за шуми, односно со член 11 став 2 се повредувало начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок утврдено во член 8, член 9 и член 55 односно слободата на пазарот и претприемништвото.
Ова од причина што Законот се применувал селективно, односно за државните претпријатија немало потреба од лиценциран инженер, а за приватните фирми кои ќе работат во приватните фирми имало потреба од лиценциран шумарски инженер. Тоа доведувало до заклучок дека лиценците важат само за шумите во приватна сопственост на кој начин се создавала нелојална конкуренција и нееднакви услови за стопанисување на субјектите кои стопанисуваат со шуми од 100 ха и повеќе и кои изработиле посебен план за стопанисување со шуми како што било во неговиот случај.
Понатаму, во иницијативата подносителот наведува дека во периодот и во моментот на донесување на законот неговата фирма постоела како стопански субјекти, меѓутоа со членот 112 од Законот била ставена во нерамноправна дискриминаторска положба затоа што тој бил спречен да ја експлоатира неговата шума (не државна) под исти услови како и на „Македонски шуми“ и другите државни фирми на кои им било дадено правото непречено како во државните шуми така и во приватните шуми да вршат ознака на сеча и жигосување. Тоа било затоа што предлагачот на законот не сватил дека приватните шуми од 100 ха за кои има посебен план можат да бидат експлоатирани од страна на приватните стопански субјекти под исти услови како и државните фирми без лиценца.
Воедно, подносителот наведува дека веќе има лиценцирани инженери и на некој начин проблемот е надминат, меѓутоа сепак смета дека неопходно е да се одлучува и за овој член со цел предлагачот да свати дека грешел и дека оспорениот член 112 не е во согласност со член 8 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за шуми е предвидено дека во членот 87 по ставот 1 се додава нов став кој гласи:
„Стручните работи во шумарството Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и субјектите кои управуваат со шумите и шумското земјиште во заштитените подрачја ги вршат без лиценца“.
Според оспорениот член 112 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2009) е предвидено дека: „До издавање на лиценци на лица за вршење на ознака на сеча и жигосување во државни и приватни шуми на пресечено дрво ќе вршат правните лица кои стопанисуваат со шумите во државна сопственост“.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 7 од Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Согласно став 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според став 3 на истиот член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Во член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а во став 2 на овој член меѓу другото е утврдено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
Според член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено историско и културно значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
Според член 1 од Законот за шумите,(“Службен весник на република Македонија” бр 64/2009 и 24/2011), со овој закон се уредуваат планирањето, управувањето, стопанисувањето, одгледувањето, заштитата и користењето (во натамошниот текст: стопанисување со шумите), чувањето на шумите како природно богатство и шумското земјиште, остварувањето на општокорисните функции на шумите, правото и обврските на користење на шумите, финансирањето, како и други прашања од значење за шумите и шумското земјиште по принципот на биолошка, економска, социјална и еколошка прифатливост. Одредбите на овој закон се применуваат на сите шуми и шумско земјиште без оглед на сопственоста и намената.
Согласно член 2 на истиот закон, шумите се во државна и во приватна сопственост.
Според член 3 на овој закон, шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Република Македонија и уживаат посебна заштита. Планирањето, управувањето, стопанисувањето и чувањето на шумите и шумското земјиште се дејности од јавен интерес.
Во членот 11 став 2 од Законот е предвидено дека шумите во заштитените подрачја се прогласуваат со Законот за заштита на природата.
Според член 12 точка 14 од Законот во кој е определено значењето на одделни поими е предвидено дека „Лиценцирање на извршување на стручни работи во шумарството е постапка во овластена државна институција, во посебна постапка потврдува дека правно и физичкото лице ги исполнуваат стручните квалификации за извршување на работи во шумарството.
Во точката 31 од член 12 е определено дека „Стручни работи во областа на шумарството се работи поврзани со извршување на ознаката за сеча и планирање на шумите, заштитата и одржување на шумите биодиверзитетот во шумите, одгледување на шумите, користење на шумите, изградба на шумски комуникации и советувања на сопствениците на шумите.
Согласно член 23 од Законот, националната шумарска политика во Република Македонија се остварува преку Стратегијата за одржлив развој на шумарството во Република Македонија, која ја донесува Владата за период од 20 години. Според член 28 од истиот закон, планирањето на управувањето и стопанисувањето со шумите и шумското земјиште се остварува преку: посебни планови за стопанисување со шумите; програма за стопанисување со шумите и годишни планови за стопанисување со шумите.
Во Главата IV oд Законот, насловена како Стопанисување со шумите, законодавецот го уредил одгледувањето на шумите (членови 41-46), заштитата на шумите (членови 47 – 60) и користењето на шумите (членови 61-76).
Од анализата на наведените одредби и на Законот во целина произлегува дека законодавецот ја операционализирал уставната определба за воспоставување посебен режим на заштита на шумите како добро од општ интерес, кој режим важи за сите шуми, независно од нивниот сопственички статус, имајќи предвид дека сопственоста не е апсолутно право на поединецот, туку создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата, што во случајот на сопственост врз шумите како природно богатство посебно доаѓа до израз..
Според член 87 став 1 од Законот, стопанисување со шумите кои имаат стопански и заштитен карактер во државна сопственост го врши јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“.
Во оспорениот член 11 со кој се додава став 2 на член 87 е предвидено дека „Стручните работи во шумарството Јавното претпријтие за стоппанисување со државни шуми „Македонкси шуми“ и субјекти кои управуваат со шуми и шумско земјиште во заштитените подрачја ги вршат без лиценца.
Според став 3 на член 87 од Законот, стопанисувањето и управувањето со шуми и шумско земјиште во заштитените подрачја го вршат субјектите утврдени со актот за прогласување, а во согласност со овој закон и Законот за заштита на природата.
Согласно член 17 од Законот за шуми („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1997) за стопанисувње со шуми во државна сопственост за стопанска намена, Владата на Република Макекдонија основа јавно претпријатие за стопанисување со шуми.
Врз основа на наведеното законско овластување, Владата на Република Македонија на 15 декември 1997 година донело Одлука за основање на Јавно претпријатие за стопанисување со шуми („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1997).
На 19 април 2011 Владата на Република Македонија, донело Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за основање на Јавно претпријтие за стопанисување со шумите.
Во наведената одлука се утврдени дејности што ги врши ова јавно претпријатие, при што покрај приоритетната дејност на одгледување, користење и заштита на шуми, ова претпријатие може да врши и други дејности утврдени во НКД, освен оние за кои е потребна согласност, одобрение или друг акт на државен орган, а посебно ги наведува дејностите за кое е потребно посебен акт или согласност.
Од тука произлегува дека на наведеното јавно претпријатије основано од државата и се пренесени јавни овластувања во врска со стопанисување со шуми во државна сопственост како дејност од посебен интерес и вработените во ова претпријатие можат да вршат стручни работи дефинирани во законот меѓу кои и ознака и жигосување на посечено дрво.
Притоа согласно член 88 од Законот за шуми, покрај јавното претпријати со шумите може да стопанисуваат и други субјекти кои мора да исполнуваат точно определени услови и да поседуваат лиценца.
Со Законот за заштита на природата во делот „заштитени подрачја“ се уредени прашањата кои се однесуваат на системот на заштитените подрачја, категории на заштитени подрачја, обврските на субјектите надлежни за вршење на активности со управување и заштита и донесување на планови за управување (член 98).
Согласно член 135, пак, од наведениот закон управувањето и заштитата на заштитените подрачја го вршат субјекти задолжени за управување под услови и начин утврден со актот за прогласување при што надзор врши органот на државната управа надлежна за вршење на работите од областа на заштитата на природата.
Субјектот кој управува со заштитени подрачја, согласно член 135-а од Законот треба да располага со човечки, административни, просторни, технички и финансиски ресурси. Критериумите односно минималните услови што треба да ги исполнува субјектот за управување со заштитено подрачје во однос на потребните услови ги утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работи од областа на заштита на природата за секоја категорија на заштитени подрачја утврдени во член 66 од Законот.
Од наведеното произлегува дека субјектите кои управуваат со заштитените подрачја, управуваат со нив доколку ги исполнуваат пропишаните услови.
Тргнувајќи од наведеното произлегува дека со даденото законско овластување на ЈП „Македонски шуми“ основано од Владата на Република Македонија и на субјектите кои управуваат со шумите и шумското земјиште во заштитените подрачја да вршат стручни работи без лиценца не се доведуваат во нееднаква положба субјектите кои управуваат со шумите во државна и приватна сопственост.
Ова од причина што законодавецот точно со Законот за заштита на природата и Законот за шуми ги утврдил условите кои треба да ги исполнуваат субјектите кои управуваат со шумите во државна сопственост односно јавното претпријатие основано од Владата и со шуми во заштитените подрачја во однос на стручната екипираност и тоа само доколку ги исполнуват предвидените услови за да можат да управуваат и да вршат стручни работи во шумарството без лиценца.
Со оглед на наведеното, Судот оцени дека со оспорената одредби од член 11 не се доведува во прашање начелото на еднаквост и начелото на слобода на пазарот и претприемништвото
5. Во однос на оспорениот член 112 од Законот кој го уредува преодниот режим до издавањето на лиценци за вршење на стручни работи во шумарството кој како што наведува и самиот подносител постепено се исцрпувал во примената со издавање на лиценци Судот оцени дека нема основи за изразување на сомнение за неговата неуставност.
Ова од причина што право е на законодавецот, а со цел заштита на шумите како добро од општ интерес без оглед на сопственоста, да го утврди преодниот режим потребен за имплементирање односно спроведување на постапка за издавање на лиценци од надлежен државен орган.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.219/2011
8 февруари 2012 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски