У.бр.182/2011-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 8 февруари 2012 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за локалитет Црква Урбана единица Б, донесена под бр.07-509/2 од 3 февруари 2009 година од Советот на општина Аеродром („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.3/2009 од 3 февруари 2009 година).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА решението за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на Одлуката, означена во точката 1 од ова одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Радоје Стојчески од Скопје и други со решение У.бр.182/2011 од 21 декември 2011 година поведе постапка за оценување на законитоста на Одлука означена во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нејзината согласност со членот 24 став 9 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

5. Судот на седницата утврди дека, Советот на општина Аеродром на седницата одржана на 2 февруари 2009 година ја донел оспорената одлука во која со членот 1 е определено дека се донесува предметниот план за локалитетот Црква Урбана едница Б, а врз основа на определбите на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање и соодветните правилници.

Во членот 2 е определено дека Планот е со површина од 30 ха и е во рамките на следните граници: Југозапад-булевар „III Македонска бригада“, Северозапад-улица „Фрањо Клуз“ и булевар „Јане Сандански“, Север-улица „Владимир Комаров“ и Исток-улица “Коста Новаковиќ“. Во оваа одредба се содржани и податоци по однос на намената на објектите и други податоци по однос на планскиот опфат.

Во членот 3 се содржани податоци во врска со текстуалниот и графички дел од Планот.

Во членот 4 е определено дека Деталниот план се заверува со печат на Советот на општината Аеродром и потпис на претседателот на Советот. Според членот 5 Советот на Општината е должен во рок од 30 дена од донесувањето на планот да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон, а во членот 6 е уредено архивирањето на Планот.

Во членот 7 е определено дека Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Аеродром“.

Судот, исто така, од увидот и анализата на документацијата доставена од Советот на општина Аеродром, утврди дека:

– Нацрт-Планот е изработен од АД за урбанизам, архитектура и инженеринг „ЗУАС„-Скопје во март 2007 година и се води под бр.1503/6 од март 2007 година.
– Стручната ревизија е изработена од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија „ИН-ПУМА“ од Скопје под бр.73/2007 од април 2007 година.
– АД за урбанизам, архитектура и инеженеринг „ЗУАС„-Скопје во април 2007 година дало одговор на наводите од ревизијата.
– Советот на општина Аеродром на 21 декември 2007 година донел потпрограма (Ф1) за урбанистичко планирање на подрачјето на Општината за 2008 година, во која е опфатен и Планот за локалитетот Црква Б, според усвоената програма од 2006 година. Градоначалникот на општина Аеродром донел решение бр.08-8495/14 од 24 декември 2007 година, меѓу другото и за објавување на наведената програма и истата е објавена во „Службен гласник на општина Аеродром“ бр.3 од 24 декември 2007 година.
– Геодетскиот елаборат за ажурирана геодетска подлога за локалитетот Црква Урбана единица Б на 24 декември 2007 година го сочинило Друштвото за трговија, градежништво, проектирање и катастарски услуги „Катастар-гео премер“ ДООЕЛ Скопје. Елеборатот е заведен под бр.1807/01 од 02 јануари 2008 година.
– Градот Скопје-Сектор за планирање и уредување на просторот во допис бр.07-13-1062/1 од 17 мај 2007 година дал мислење по Нацрт-Планот со конкретни забелешки.
– АД за урбанизам, архитектура и инженеринг „ЗУАС„-Скопје во август 2007 година дало одговор по мислењето на Градот Скопје.
– Министерството за транспорт и врски дало Стручно мислење број 16-4928 од 3 јули 2007 година на Нацрт-планот со соодветни забелешки.
– АД за урбанизам, архитектура и инеженеринг „ЗУАС„-Скопје во август 2007 година дало одговор по мислењето на Министерството.
– Со Одлука број 07-136/12 од 27 ноември 2007 година Советот на општина Аеродром го утврдил Нацрт-планот.
– За организирање на јавната презентација и јавната анкета во траење од 15 дена по Нацрт-планот градоначалникот на општината Аеродром донел Одлука број 08-8000/1 од 27 ноември 2007 година и за таа цел е подготвено Соопштение од истиот датум дека ќе се организира јавна анкета во периодот 29 ноември до 29 декември 2007 година во просториите на ОУ „Блаже Коневски“.
– Соопштението било објавено во „Нова Македонија“ на 28 ноември 2007 година.
– Од извештајот од спроведената јавна анкета бр.18-5929/1 од 27 август 2008 година произлегува дека биле поднесени 334 анкетни листови, од кои 296 се прифатени, а 38 не се прифатени.
– Поединечни известувањата до граѓаните со образложение за прифатени и неприфатени забелешки од страна на општината Аеродром се доставни.
– Градот Скопје дал позитивно мислење по однос на Предлог-Планот заведено под бр.08/13-651/1 од 19 март 2008 година.
– Министерството за транспорт и врски дало согласност на Предлог-Планот со допис бр.16-14126/1 од 28 ноември 2008 година.

Оспорената одлука е донесена на 2 февраури 2009 година, заведена е под бр.07-509/2 од 3 февруари 2009 година и е објавена наредниот ден во службеното гласило на општината Аеродром.

6. Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапакта за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007 и 151/2007-исправка), во чие време на важење е донесена оспорената одлука.

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Според членот 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.

Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот одржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури.

Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.

Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Понатаму, согласно член 18 од Законот, изработување на урбанистички планови вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.

Според одредбата од членот 21 став 1 од Законот плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во членот 23 од Законот е уредена поконкретно постапката за донесување на генерален урбанистички план (во оваа постапка се оспорува донесен детален урбанистички план).

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).

Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета (член 24 став 9).

Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Во членот 31 став 1 од Законот, помеѓу другото е предвидено дека во постапката за изработување на плановите задолжително се применуваат стандардите и нормативите за уредување на урбанистичкото планирање.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Имајќи ја предвид наведената законска регулатива, како и увидот и анализата на доставената документација за донесување на одлуката за донесување на конкретниот Детален урбанистички план според Судот постои, во конкретниот случај, направена е повреда на членот 24 став 9 од Законот. Имено, оваа одредба, налага градоначалникот да спроведе нова јавна анкета, по предлог на Комисијата од членот 24 став 6 од Законот, доколку со прифатените забелешки од јавната анкета планот претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), за кое нешто Судот оцени дека е пропуштено да се направи.

Поточно во постапката се поднесени 334 анкетни листови со забелешки на граѓаните учесници на јавната анкета, од кои 296 се прифатени, а само 38 не се прифатени, или изразено процентуално, околу 90% од изнесените забелешки биле прифатени, што само по себе зборува за настанати промени во планот од поголем обем.

Тоа произлегува и од карактерот на прифатените забелешки како што се промена на катноста на поголем број на објектите од првично проектираната катност за по уште еден спрат и потпокрив. Поточно, поголем број на објекти од предвидените П+5 и висина 18.6 м. сега имаат П+6+По и висина од 23.2 м (зголемување на висината за 4.6 м.), како што е случајот со улицата „Васко Карангелески“ за 3 објекти, со улицата „Фрањо Клуз“ за 2 објекти, со двете страни на улицата „Пандил Шишков“ за 7 објекти, со улицата „Руди Чајавец“ за 10 објекти и други. Кај Блокот 2 еден објект, видно од забелешката за прифаќање на анкетниот лист бр.4 за КП 762/1, ГП 2.1 катноста е зголемена од П+5 на П+8+По, односно од 18.6 м. на 29.2 м. (зголемување на висината за 10.6 м.) или за три ката. Ова нешто се потврдува и со увидот во графичките прилози на Нацрт-Планот и Предлог-Планот. Потоа, направена е промена во правец на бришење на новопроектираната улица 1 заедно со паркинг просторот (непознат број на паркинг места), кај КП.744/12, КП.744/11 и КП.744/10 прифатено е додавање на потпокривен простор, кај градежните парцели 12.1 и 1.7 е прифатена забелешка освен трговски центар да има и станбен простор, направено е и спојување на градежните парцели 8.1.1 и 8.1.2 и многу други промени.

Дека планот претрпел промени во поголем обем, како резултат на спроведената јавна анкета произлегува и од споредбата на нумеричките податоци содржани во членот 2-делот „вкупен плански опфат“ од Нацрт-Одлуката донесена на 27 ноември 2007 година и оспорената одлука донесена на 2 февруари 2009 година. Така максималната површина на парцели во Нацрт-Одлуката е 180.189.00 м2, а во оспорената одлука 183.863.00 м2 (зголемување за 3.674.00 м2), вкупната површина предвидена за градба во Нацрт-Одлуката е 62.808.00 м2, а во оспорената одлука е 58.450 м2 (намалување за 4.358.00 м2), бруто развиената површина во Нацрт-Одлуката е 392.735.00 м2, а во оспорената одлука е 445.654.00 м2 (зголемување за 52.919.00 м2), височината до венец во двете одлуки е определено да се движи од П до П+18 ката, а видно од двете одлуки е дека највискоките објекти имаат 8 ката и подпокрив. Исто така, бројот на паркин места во Нацрт-Одлуката е определен на 5698, а во оспорената одлука на 5692 или за 6 паркинг места помалку, иако очигледно е дека катноста на голем број станбени објекти се зголемила, а тоа би барало според членот 59 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/06, 140/07, 12/09, 93/09, 52/10 и 62/10) поголем број на паркинг места, а не помал број. Поточно, зголемената катност на објектите неминовно морала да доведе и до зголемен број на паркин места како што предвидува членот 59 од Правилникот, односно да се испланираат 1 до 2 паркинг места за новите станбени и деловни површини во зависност од квадратурата на становите и другите објекти и нивната локација, но тоа не произлегува од бројот на паркинг местата според оспорената одлука (намален број за 6). Како и да е од приложената документација не може да се утврди со сигурност на која околност се должи намалувањето на паркинг местата за 6 во оспорената одлука, а при состојба на промена на Планот во поголем обем.

Од изнесената правна и фактичка состојба произлегува дека оспорената Одлука не е во согласност со членот 24 став 9 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, а како направената анализа и изнесената фактичка и правна состојба укажуваат на промена на планот како разултат на спроведената јавна анкета, која промена ја наметнала потребата Комисијата од членот 24 став 6 од Законот да му предложи на градоначалникот спроведување на нова јавна анкета, кое нешто во овој случај не е направено.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.182/2011
8 февруари 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски