Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 1 февруари 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.102/2010).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 8 од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Иницијативата започнува со цитирање на оспорената законска одредба па врз основа на изнесената содржина се наведува дека за ваквото уредување веќе постоело пропишано кривично дело Даночно затајување, согласно членот 279 од Кривичниот законик, кое исто така, целосно е цитирано во продолжението на иницијативата. Оттаму, според подносителот на иницијативата со опстојувањето на оспорената законска одредба доаѓало до постоење на два паралелни системи на уредување на една иста работа и по ист основ субјектите се казнувале со казна затвор и парична казна што било спротивно на принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Од друга страна, според членот 96-а од Кривичниот законик на правното лице не можела да му се изрече казна затвор и ако било така, тогаш и на одговорното лице во правното лице не можела да му се изрече казна затвор, бидејќи одговорното лице било составен дел на правното лице и ја делело судбината со правното лице. При ова особено требало да се има предвид дека за исто кривично дело кумулативно се изрекувала и казна затвор и парична казна, а покрај тоа со членовите 6 и 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, за исти или слични дејствија, биле предвидени строги прекршочни санкции, глоби. Исто така, и со членовите 179 до 179-г од Законот за даночната постапка, за исти или слични дејствија, биле предвидени строги прекшочни глоби. Поради наведеното и од тој аспект, оспорената одредба била уставно неоснована и неодржлива.
Оттаму, казната затвор за одговорното лице во правното лице, предвидена со оспорената одредба, била непропорционална и несоодветна на целите поради кои законодавецот ја утврдил и предизвикувала повеќекратно, прекумерно и неопрадвано ограничу-вање на правата на граѓаните, кое не било во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 9 од Уставот.
Освен тоа, со формулацијата: „..или ќе поднесат даночна пријава, а нема да го уплатат долгуваниот данок на утврдените сметки…“ се повредувало почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право од членот 8 став 1 алинеја 11 и членот 118 од Уставот. Ова од причина што според членот 1 од Протоколот 4 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, (ратификувана со Закон објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1997) со кој се обезбедувале некои права и слободи што не биле обезбедени со Протоколот број 1, никој не смеел да биде лишен од слобода само поради тоа што не бил во состојба да изврши некоја договорна обврска.
При одлучувањето, според подносителот на иниција-тивата, требало да се има предвид и содржината на членот 1 од Законот за данокот на додадената вредност, од која одредба произлегувало дека со наведениот закон не можеле да се воведуваат кривични санкции, бидејќи истите се воведувале само со Кривичниот законик, а не и со други закони. Само со Кривичниот законик се утврдувале основните начела и општите институти од материјално-правен карактер, со кои се определувал општиот поим на кривичните дела, се дефинирале претпоставките и условите на кривичната одговорност и се утврдувале основите за нивното исклучување, се утврдувал системот на санкциите и поблиску се одредувале условите за нивна примена и се пропишувале конкретните кривични дела и санкциите кои можат да се изречат за секое кривично дело.
Со оглед на тоа што често пати правните лица биле и субјекти на пазарот, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба го повредувала и членот 55 од Уставот, бидејќи со неа не се овозможувала слобода на пазарот и претприемништвото и еднаква правна положба на субјектите на пазарот.
Врз основа на наведното подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 7 и 11, член 9, член 51, член 54 ставови 1 и 2, член 55 и член 118 од Уставот. Воедно предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба заради можноста од настанување на тешко отстранливи последици.
3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на оспорениот член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.102/2010), членот 60-а од Законот се менува и гласи:
„Одговорното лице во правното лице и физичко лице- даночен обврзник кои нема да поднесат даночна пријава во пропиша-ниот рок, или ќе поднесат даночна пријава, но во истата нема да внесат точни податоци, или ќе поднесат даночна пријава а нема да го уплатат долгуваниот данок на утврдените сметки, со цел да се сте-кнат со поголема имотна корист или вредност, ќе се казнат со казна затвор од шест месеци до пет години и со парична казна.
Ако износот на обврската од овој член е значителен, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку четири години и со парична казна.
Ако делото од овој член го стори правно лице ќе се казни со парична казна.
Имотната корист прибавена со извршеното кривично дело од овој член се одзема со судска одлука.“
4. Согласно членот 8 став 1 алинеи 1, 3, 7 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; слободата на пазарот и претприемништвото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2).
Според член 55 од Уставот, се гаранитира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1). Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презма мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2).
Според членот 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатре-шниот поредок на Република Македонија и не можат да се менуваат со закон.
Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи на Советот на Европа и протоколите број 1, 4, 6, 7 и 11 се ратификувани со Закон објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997.
Врз основа на анализата на член 8 став 1 алинеја 3, член 14 став 1, член 51 и член 54 од Уставот произлегува дека начелото на законитост во Република Македонија е подигнато на ранг на уставно начело, а во казненото право се искажува преку принципот за законска определеност на казнивите дела и на казните и служи како гарант за правата и слободите на граѓаните од една страна и како гарант за остварувањето на казнената политика на земјата, вградена во нејзините казнени закони, од друга страна.
Начелото на законитост во казненото право пред се овозможува никој да не може да биде казнет за дело што пред да е сторено не било со закон пропишано како казниво дело, односно на никој да не може да му биде изречена казна што не е предвидена со закон.
Притоа, видовите на кривичните дела, видовите на казни и нивната висина не се определени со Уставот туку препуштено е тие да се определат со закон, водејќи притоа сметка за член 54 став 4 од Уставот според кој ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правната одреденост на казнивите дела и казните.
Во оваа смисла, со Кривичниот законик се утврдуваат основните начела и општи институти од материјално правен карактер, со кои се определува општиот поим на кривичното дело, се дефинираат претпоставките и условите на кривичната одговорност и се утврдуваат основите за нивното исклучување, се утврдува систем на санкции и поблиску се одредуваат условите за примена на санкциите, како и се пропишуваат конкретните кривични дела и санкциите кои можат да се изречат за секое кривично дело.
Со член 1 од Кривичниот законик, се утврдува дека на никого не може да му биде изречена казна или друга кривична санкци-ја за дело, кое, пред да биде сторено, не било со закон определено како кривично дело и за кое не била пропишана казна со закон.
Оттаму, Уставот зацртувајќи го принципот на владеење на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок не определил дека кривичните дела и казните за сторените кривични дела треба да бидат определени само во еден закон, од кои причини и законодавецот имал простор описот на кривичните дела и казните за нив номотехнички да ги уреди во повеќе закони, а не само во Кривичниот законик. Од уставно-правен аспект од значење е само да се постигне јасно, недвосмислено нормирање кое нема да остави простор за различно толкување и примена.
Сепак, дали одредено лице ќе одговара за сторено кривично дело според оспорената одредба или пак за сторено кривично дело Даночно затајување од членот 279 од Кривичниот законик секогаш е фактичко прашање, односно јавниот обвинител, а потоа и судот кој ја води кривичната постапка е надлежен да утврди дали во конкретниот случај се остварени законските елементи на кривичното дело од првиот или вториот закон од што ќе зависи и неговата кривична одговорност и изречена санкција.
Како и да е во оспорениот член 60-а од Законот за данокот на додадената вредност е предвидено дека, одговорното лице во правното лице и физичко лице-даночен обврзник кои нема да поднесат даночна пријава во пропишаниот рок, или ќе поднесат даночна пријава, но во истата нема да внесат точни податоци, или ќе поднесат даночна пријава а нема да го уплатат долгуваниот данок на утврдените сметки, со цел да се стекнат со поголема имотна корист или вредност, ќе се казнат со казна затвор од шест месеци до пет години и со парична казна (став 1). Ако износот на обврската од овој член е значителен, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку четири години и со парична казна (став 2). Ако делото од овој член го стори правно лице ќе се казни со парична казна (став 3). Имотната корист прибавена со извршеното кривично дело од овој член се одзема со судска одлука (став 4).
Од анализата на описот на наведеното кривично дело од Законот за данокот за додадената вредност произлегува дека извршители на ова дело можат да бидат: правно лице, одговорно лице во правното лице и физичко лице-даночен обврзник. Дејствието на извршување се состои во неподнесување даночна пријава во пропишан рок, или поднесување на даночна пријава во која нема да се внесат точни податоци или пак иако дошло до поднесување на пријава данокот не се уплатува. Притоа, целта на сторителот е стекнување поголема имотна корист или вредност.
Кривичното дело „Даночно затајување“ од членот 279 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/11 и 135/2011), го прави тој што со намера самиот или некој друг да одбегне целосно или делумно плаќање данок, придонес или некоја друга давачка на која е обврзан со закон, дава лажни податоци за своите приходи, или за приходите на правното лице, предметите или другите факти од влијание за утврдување на износот на ваквите обврски или тој што со иста намера во случај на задолжителна пријава не пријави приход, односно предмет или друг факт од влијание за утврдување на ваквите обврски, а износот на обврската е од поголема вредност, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години и со парична казна (став 1). Ако износот на обврската од став 1 е значителен, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку четири години и со парична казна (став 2). Ако делото од став 1 го стори правно лице, ќе се казни со парична казна (став 3).
Од анализата на описот на наведеното кривично дело од Кривичниот законик произлегува дека извршители на ова дело можат да бидат: правно или физичко лице. Дејствието на извршување се состои во одбегнување целосно или делумно плаќање данок, придонес или некоја друга давачка на која се обврзани со закон, давање лажни податоци за своите приходи, или за приходите на правното лице, предметите или другите факти од влијание за утврду-вање на износот на ваквите обврски не пријавување приход, односно предмет или друг факт од влијание за утврдување на ваквите обврски.
Комапартивната анализа на двете цитирани и анализирани кривични дела покажа дека истите се совпаѓаат меѓусебно само по однос на запретените казни. Од анализата на останатите елементи произлегува дека станува збор за сосема различни и специфични кривични дела (првото од областа на данокот за додадена вредност, второто од областа на даноците воопшто, придонесите и другите давачки определени со закон), од каде Судот не ги прифати како основани наводите од иницијативата дека со оспорената одредба доаѓало до постоење на два паралелни системи на уредување на една иста работа и по ист основ субјектите се казнувале со казна затвор и парична казна што било спротивно на принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Според оцена на Судот, исто така, неосновани се наводите од иницијативата дека, според членот 96-а од Кривичниот законик на правното лице не можела да му се изрече казна затвор и ако било така, тогаш и на одговорното лице во правното лице не можела да му се изрече казна затвор, бидејќи одговорното лице било оставен дел на правното лице и ја делело судбината со правното лице, како и да се има предвид дека Законот за данокот на додадена вредност и Законот за даночната постапка за исти или слични дејствија предвидувале строги прекршочни санкции, глоби. за исти или слични дејствија.
Ова од причина што, вака изнесените наводи, иако оскудни, според Судот, водат кон оспорување на целината на кривично правниот институт казнување со казна затвор на одговорното лице во правното лице што секако не може да се направи само со оспорување на членот 60-а од Законот за данокот на додадена вредност, туку за утврдување на неуставност на наведениот институт е потребно нешто повеќе, аргументирано и издржано оспорување на поголем дел одредби од Кривичниот законик, но и од многу други закони.
Имено, согласно член 122 став 7 од Кривичниот законик, како одговорно лице во правно лице се смета лице во правно лице на кое со оглед на неговата функција или врз посебно овластување во правното лице му е доверен определен круг на работи што се однесуваат на извршување на законските прописи или на прописите донесени врз основа на закон или општ акт на правното лице во управувањето, користењето и располагањето со имот, раководењето со производниот или деловен потфат, некој друг стопански процес или надзорот над нив. Како одговорно лице се смета и службено лице кога се во прашање дела кај кои како сторител е означено одговорно лице, а не се предвидени во главата за кривични дела против службената должност, односно како кривични дела на службено лице предвидени во некоја друга глава на овој законик.
Кога е тоа посебно предвидено со овој законик, како одговорно лице се смета и лицето кое врши посебна функција или овластување или на кое му е доверено самостојно вршење на определени работи во странско правно лице, како и лицето кое е претставник на странско правно лице во Република Македонија.
Согласно член 28-а став 1 од истиот законик, во случаите определени со закон, правното лице е одговорно за кривичното дело сторено од одговорно лице во правното лице, во име, за сметка или во корист на правното лице.
Според ставот 2 од истиот член од Кривичниот законик, „Правното лице е одговорно и за кривично дело сторено од негов вработен или застапник на правното лице со кое е остварена значителна имотна корист или на друг му е нанесена значителна штета, ако:
1. извршувањето на заклучок, наредба или друга одлука или одобрение на орган на управување, орган на раководење или надзорен орган претставува сторување на кривично дело или
2. до сторување на делото дошло поради пропуштање на должниот надзор на органот на управување, органот на раководење или надзорниот орган или
3. органот на управување, органот на раководење или надзорниот орган не го спречил кривичното дело или го прикрил или не го пријавил пред покренувањето на кривична постапка против сторителот.
Под условите од ставовите 1 и 2 на овој член, кривично се одговорни сите правни лица со исклучок на државата.
Единиците на локалната самоуправа се одговорни само за делата извршени надвор од нивните јавни овластувања.
Под условите од ставовите 1 и 2 на овој член, странско правно лице е кривично одговорно ако делото е сторено на територијата на Република Македонија, без оглед дали има свое претставништво или подружница која врши дејност на нејзина територија.“
Во членот 28-б од Кривичниот законик, е предвидено дека: „Одговорноста на правното лице не ја исклучува кривичната одговорност на физичкото лице како сторител на делото. Под условите од членот 28-а ставови 1 и 2 на овој член правното лице е одговорно за кривично дело и кога постојат фактички или правни пречки за утврдување на кривичната одговорност на физичкото лице како сторител на делото. Ако кривичното дело е сторено од небрежност, правното лице е одговорно под условите од членот 28-а на овој законик, ако со закон е предвидено казнување за кривично дело сторено од небрежност (член 11 став 2).“
Од анализата на наведените одредби, но и од анализата на членовите 96-а, 96-6, 96-в, 96-г, 96-д и 96-ѓ од Кривичниот законик јасно произлегува дека законодавацеот прецизно нормирал во кој случај и поради кои услови кривично може да биде одоговорно правното лице, потоа одговорното лице во правното лице или пак двете лица и на какви се казни истите можат да бидат осудени. Во таа смисла особено е значајна определбата на законодавецот од членот 28-б став 1 од Кривичниот законик, според која одговорноста на правното лице не ја исклучува кривичната одговорност на физичкото лице како сторител на делото.
Според тоа, неосновани се и наводите од иницијативата за непропорционална и несоодветна казна за одговорното лице во правното лице, како и за постоење на повеќекратно, прекумерно и неопрадвано ограничување на правата на граѓаните, што водело кон повреда на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
По однос, пак, на можната повреда на членот 9 до Уставот во поднесената иницијатива воопшто не се среќаваат причини за повреда на посочената уставна одредба, односно на кој начин одредбата доведува до нееднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.
Според оцена на Судот неприфатливи се и наводите од иницијативата за повреда на членот 8 став 1 алине 1 и 11 и членот 118 од Уставот, а од причина што одредбата од членот 1 од Протоколот 4 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, не може да се доведе во корелација со оспорената одредба.
Поточно, никој не може да биде лишен од слобода само затоа што не е во состојба да изврши определена договорна обврска, според членот 1 од Протоколот број 4 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, со кој се признаваат некои права и слободи кои не се наведени во Конвенцијата и во Потоколот број 1 кон Конвенцијата, кој Протокол е ратификуван со Закон објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1997. Значи во прашање е забрана за лишување од слобода поради неисполнување на договорна обврска, а со оспорената одредба се предвидуваат санкции за повреда не на договорна, туку на законска обврска за плаќање на данок на додадена вредност. Уште повеќе согласно членот 33 од Уставот, плаќањето на даноците е и уставна обврска.
Конечно со оспорената одредба не се повредуваат членот 8 став 1 алинеја 7 и членот 55 од Уставот, затоа што санкцио-нирањето на правните лица кои не ги исполнуваат своите уставни и законски обврски во никој случај не ги повредува слободата на пазарот и претприемништвото, туку напротив води кон почитување на пропишани правила на однесување и зголемување и зајакнување на слободата на пазарот и претприемништвото.
Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорената одредба е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 7 и 11, член 9, член 51, член 54 ставови 1 и 2, член 55 и член 118 од Уставот.
Од изнесеното произлегува дека во иницијативата неосновано се предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија, согласно членот 27 од Деловникот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Вера Маркова, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.174/2011
1 февруари 2012 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски