188/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 февруари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 27 став 3 од Измените и дополнувањата на Колективниот договор за работниците во ЈП „Македонски шуми“ ПО – Скопје бр.02-1126/4 од 13 јули 2009 година.

2. Лазо Денковски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му достави иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорениот член од Колективниот договор се повредувало начелото на еднаквост од причина што за возраст од 25-35 години се земал распон од 10 години, а за возраст од 35-40 години се земал распон од 5 години. Имено, начелото распон на години морало и требало да се применува еднаквоза сите возрасти.

Сите граѓани од 40-45 години се наоѓале во понеповолна положба како останатите граѓани и не биле еднакви според критериумот возраст со што се повредувало начелото на еднаквост пред Уставот, законите и колективните договори. Според иницијативата, ако за една возраст на граѓани се применува распон на години и за возраст од 35 до 40 години. Само под точката 3 од членот 27 од Колективниот договор се применувало начело – распон од 5 години.

Оспорениот критериум, според наводите во иницијативата, (возраст од 35-40 години) не пропишувал еднаква правна положба на граѓаните по однос на примена на ист распон на години и исто начело.

Во критериумот возраст договарачите на измени и дополнувања на КД на ЈП се должни облигаторно да предвидат и нормираат права со кои ќе се санкционира посебната заштита на повозрасните работници, што според ЗРО е предвидено. Посебната заштита на повозрасни работници во критериумот возраст се реализира низ призма на предвидување на повеќе бодови на постарите работници, а особено на повозрасните работници, како што е впрочем санкционирано и во ЗРО.

Согласно на оваа одредба од ЗРО договарачите на КД на ЈП – Македонски шуми ПО – Скопје се должни да предвидат – 40 бода за повозрасни работници, односно најмногу бодови за највозрасни работници во критериумот возраст. Со предвидување на повеќе бодови на помлади работници на штета на постари и повозрасни работници работодавачот тешко го повредил член 179 од ЗРО и предвидел начело – бодови спротивно на законот што е предмет на оспорување пред Уставен суд.

3. Судот на седницата утврди дека според член 27 од оспорениот акт критериумот возраст се вреднува според следните мерила: 1. возраст до 25 години – 40, 2. возраст од 25 до 35 години – 30, 3. возраст од 35 до 40 години – 20 и 4. возраст над 40 години – 10.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно став 3 од истиот член, секој има право на соодветна заработувачка, а согласно став 5, остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Од наведените уставни одредби произлегува дека правата и положбата на вработените се уредува со закон и со колективни договори, дека со колективните договори се доуредуваат правата и обврските на работниците и работодавачите и дека тие мора да бидат во согласност со Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005), со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување.

Согласно член 13 став 1 од Законот за работните односи, работниот однос меѓу работникот и работодавачот се заснова со потпишување на договор за вработување.

Според член 19 став 1 и 2 од истиот закон, работникот кој склучува договор за вработување, мора да ги исполнува условите за вршење на работата, определени со закон, актот на работодавачот, односно условите барани од страна на работодавачот. Работодавачот е должен со акт да ги определи посебните услови за вршење на работата на секое поединечно работно место.

Согласно член 21 од Законот, работодавачот има право на слободно одлучување, со кој кандидат кој ги исполнува пропишаните договорени, односно од работодавачот барани услови за вршење на работата, почитувајќи ги законските забрани, ќе склучи договор за вработување.

Содржината на договорот за вработување е утврдена во член 28 на Законот, при што називот на работното место, односно податоци за видот на работата за којашто работникот склучува договор за вработување, со краток опис на работата што ќе ја врши според договорот за вработување, како и одредба за висината на основната плата која му припаѓа на работникот за вршење на работата според закон, колективен договор и договорот за вработување, претставуваат елементи на договорот за вработување, утврдени во став 1 точките 3 и 8 од овој член.

Согласно член 30 став 1 од овој закон, работникот е должен совесно да ја извршува работата на работното место за кое што склучил договор за вработување, во време и на место, кои што се определени за извршување на работата, почитувајќи ја организацијата на работа и деловната активност на работодавачот. Според став 2 на истиот член, во случаите определени со закон и колективен договор, работникот е должен да врши и друга работа која не е предвидена со договорот за вработување, ако е во рамките на степенот на неговата стручна подготовка

Според член 105 став 1 од Законот, работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување. Согласно став 3 на истиот член, платата е составена од основната плата, дел од платата за работната успешност и додатоците, ако со друг закон поинаку не е определено.

Основната плата, согласно член 106 став 1 од овој закон, се определува земајќи ги предвид барањата на работното место, за кое работникот го склучил договорот за вработување.

Во преодните и завршните одредби на Законот (член 269 став 4) се утврдува дека постојните договори за работа склучени до влегувањето во сила на овој закон се сметаат за договори за вработување.

Од наведените законски одредби произлегува дека законодавецот го утврдува договорот за вработување како основа за создавање на работниот однос. Со договорот за вработување се определува работното место за кое се заснова работен однос, како и платата што се оставрува за извршување на работите на работното место. Законот пропишува дека работникот е должен, совесно да ја извршува работата на работното место за коешто склучил договор за вработување, а во случаи определени со закон и колективен договор, да врши и друга работа која не е предвидена со договорот за вработување, ако е во рамките на степенот на неговата стручна подготовка.

Ваквата законска регулатива го дефинира работниот однос како двостран однос меѓу две договорни страни, при што, неспорно произлегува дека правата и обврските на работникот и работодавачот ги поврзува и условува работното место за кое е склучен договорот за вработување.

Со преодните и завршните одредби на Законот, законодавецот, со цел да ги заштити работниците кои биле во работен однос во време на влегувањето во сила на овој закон, пропишал дека постојните договори за работа склучени до влегувањето во сила на овој закон се сметаат за договори за вработување, што значи дека работниците и работодавачите кои ги склучиле тие договори, се обврзани да ги имплементираат на начин како да станува збор за договори за вработување во смисла на овој закон.

Според член 12 став 2 од Законот за работните односи, со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон. Согласно ставот 3 на овој член, со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.

Согласно член 203 од истиот закон, колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка и поединечен на ниво на работодавач.

Согласно член 204 од Законот, на ниво на Република Македонија се склучуваат општ колективен договор за стопанството и општ колективен договор за јавниот сектор.

Општиот колективен договор, согласно член 205 од овој закон, се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите кои се членови на здружението на работодавачите потписници на колективниот договор или кои дополнително му пристапиле на здружението. Колективниот договор на ниво на гранка се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите кои се членови на здружението на работодавачите потписници на колективниот договор или кои дополнително му пристапиле на здружението.

Според член 206 од истиот закон, со колективните договори се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор, а може да содржи и правни правила со кои се уредува склучувањето, содржината и престанокот на работните односи и други прашања од работните односи или во врска со работните односи. Правните норми содржани во колективниот договор се применуваат непосредно и се задолжителни за сите лица на кои, во согласност со одредбите на овој договор, се применува колективниот договор.

Согласно член 207 од истиот закон, лицата кои според овој закон можат да бидат страна на колективниот договор, се должни со добра волја да преговараат за склучување на колективен договор во врска со прашањата кои според овој закон можат да бидат предмет на колективниот договор.

Според член 208 од Законот, колективниот договор ги обврзува сите лица кои го склучиле и сите лица кои во времето на склучувањето на колективниот договор биле или дополнително станале членови на здруженијата кои го склучиле колективниот договор. Колективниот договор ги обврзува и сите лица кои му пристапиле на колективниот договор и сите лица кои дополнително станале членови на здруженијата кои пристапиле на колективниот договор. Поединечниот колективен договор ги обврзува – важи и за работниците кај работодавачот кои не се членови на синдикат или на синдикатот – потписник на колективниот договор.

Според член 210 став 1 од Законот, колективен договор склучуваат работодавачот или репрезентативното здружение на работодавачите и репрезентативниот синдикат.

Општиот колективен договор, согласно член 216 од Законот, го склучуваат репрезентативното здружение на работодавачите и репрезентативниот синдикат за територијата на Република Македонија.

Согласно член 223 став 1 од Законот, странките на колективниот договор и лицата на кои тој се применува, се должни да ги извршуваат неговите одредби.

Од наведената законска регулатива произлегува дека со Законот за работните односи се утврдуваат видот на колективните договори, предметот на колективното договарање, примената и важноста на колективните договори, учесниците во склучувањето на колективните договори.

Законот утврдува дека постојат три нивоа на колективни договори: општ колективен договор, посебен колективен договор на ниво на гранка и поединечен колективен договор на ниво на работодавач. Во однос на општиот колективен договор, законодавецот утврдува дека овој колективен договор се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите кои се членови на здружението на работодавачите потписници на колективниот договор или кои дополнително му пристапиле на здружението.

Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија е склучен на 14 јуни 2006 година, помеѓу Организација на работодавачите на Македонија и Сојузот на синдикатите на Македонија. Со овој договор се уредуваат и доуредуваат, во согласност со закон и други прописи, правата, обврските и одговорностите на договорните страни кои го склучиле овој договор, а особено склучувањето, содржината и престанокот на договорот за вработување и други прашања од работните односи или во врска со работните односи во стопанството на РМ, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.

Според член 2 на овој општ колективен договор, истиот се применува непосредно и е задолжителен за сите работници и работодавачи во чие име е склучен.

Во член 3 од истиот договор е предвидено дека со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач, можат да се утврдат и други права и обврски, покмрај утврдените со закон и овој колективендоговор. Со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач можат да се утврдат и поголеми права на работниците од оние утврдени со закон или со овој колективен договор.

Од анализата на наведените одредби произлегува дека со колективен договор на ниво на дејност може да се утврдат поголеми права од правата утврдени со закон и со општ колективен договор, доколку тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор, а доколку се утврдат помали права или понеповолни услови за работа од правата, односно условите за работа утврдени со општ колективен договор се применуваат одредбите од општиот колективен договор. Тоа значи дека со овој колективен договор како општ за стопанството на Република Македонија се утврдуваат права кои се задолжителни за сите работници и работодавачи на кои се однесува овој договор, а дека договорните страни можат да утврдат и поголеми права од овде утврдените, но само доколку тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор.

При ваква регулатива, со иницијативата се покренува прашањето дали утврдениот критериум возраст во членот 27 став 3 од Измените и дополнувањата на Колективниот договор за работниците во ЈП „Македонски шуми“ ПО – Скопје, го повредува начелото на еднаквост, каде е предвиден распон од 5 години, односно е предвидено бодување на возрасна група од 35 – 40 години.

Во давањето на одговор на ова прашање, Судот го имаше во предвид Уставот на Република Македонија каде се определува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од анализата на целината на Законот за работните односи, како и од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, со сигурност се утврди дека во ниту еден од наведените акти не е утврдено задолжително определување на возрасни групи од 10 години, како што се тврди во иницијативата, при утврдувањето на критериумот возраст на работникот. Оттука, Судот оцени дека право е на работодавецот да ги утврди критериумите, а доколку повеќе што истите се во интерес на посебната заштита на повозрасните работници.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.188/2011
1 февруари 2012 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски