124/2009-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 47 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 1 февруари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 8 од Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2004).

2. Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 24 март 2010 година, со Решение У. бр. 124/2009, поведе постапка за оценување на уставноста на член 8 од Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2004) и за оценување на законитоста на Одлуката за донесување детален урбанистички план за Градска четврт „ЛИРИЈА-2“, Општина Чаир Скопје, планиран развој 2008-2013 година, бр.07-1355/3 од 17.09.2008 година, донесена од Советот на Општина Чаир („Службен гласник на Општина Чаир“ бр. 14/2008), затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и закон. Истовремено, Судот го запре извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.

Постапката за оценување на уставноста на член 8 од Законот за градот Скопје беше поведена поради непрецизност на законската одредба, односно поради меѓусебна неусогласеност и противречност на три става ( 2, 3 и 9) во еден ист член, со кои се определува описот на границите на општините Бутел, Гази Баба и Чаир, што доведува до преклопување на границите на општините и создава проблеми во примената на Законот, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

3. Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 10 ноември 2011 година, донесе Закон за изменување и дополнување на Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/2011). Со член 1 од овој закон се врши изменување и дополнување на член 8 ставовите 2, 3, 8 и 9 од Законот, и тоа:

– Во ставот 2 зборовите “излегува на границата на парк-шумата “Гази Баба” (тромеѓа на општините Бутел, Чаир и Гази Баба), се движи по западната граница на парк-шумата” се заменуваат со зборовите “се движи по улицата Христијан Тодоровски Карпош“ до спојувањето со новата улица “Кружна Гази Баба” планирана со Генералниот урбанистички план на град Скопје (тромеѓа меѓу општините Бутел, Чаир и Гази Баба), продолжува да се движи на исток по улицата ХристијанТодоровски Карпош ”.

– Во ставот 3 зборовите „западната граница на парк-шумата “Гази Баба” “, се заменуваат со зборовите „источната страна на КП 70/1 и КП 71/1 КО Гази Баба, свртува по јужната страна на КП 71/1 и КП 65 КО Гази Баба, продолжува по западната страна на КП 2153 КО Гази Баба и продолжува по осовината на новопроектираната улица “Кружна Гази Баба” “, а зборовите„ КО Стајковци ,“ се заменуваат со зборовите „ КО Брњарци, “.

– Во ставот 8 по зборовите “до крстосницата со улицата Беласица” се додаваат зборовите ” (тромеѓа меѓу општините Гази Баба, Чаир и Центар од ставот 3 на овој член)”.

– Во ставот 9 зборовите “Центарот за дератизација (тромеѓа меѓу општините Чаир, Гази Баба и Бутел)” се заменуваат со зборовите “тромеѓата меѓу општините Чаир, Гази Баба и Бутел”.

Според образложението на Законот, со наведените измени на одредбите на членот 8 од Законот ќе се овозможи допрецизирање на описот на границите на општините Бутел, Гази Баба и Чаир со што ќе се отстранат недоследностите при целосно и непречено урбанистичко планирање и уредување на подрачјата на општините.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност односно уставност и законитост во време на важењето.

Со оглед на тоа што поведувањето на постапката за оценување на уставноста на член 8 од Законот за градот Скопје било поради непрецизност на законската одредба, односно поради меѓусебната неусогласеност и противречност на три става ( 2, 3 и 9) во еден ист член, со кои се определува описот на границите на општините Бутел, Гази Баба и Чаир, а со направените изменувања и дополнувања на членот 8 од Законот е отстранета наведената непрецизност во одредбите, произлегува дека со наведеното изменување и дополнување на Законот се елиминирани причините кои го доведувале во прашање владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, поради што се исполнети условите за запирање на постапката.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова -Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.124/2009
1 февруари 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски