167/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 28 декември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 259 ставови 1 и 2 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010 и 47/2011).

2. Митре Лазов, адвокат од Неготино, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, одредбата не била во согласност со членовите 55 и 58 став 1 од Уставот на Република Македонија од причина што не можело со закон да им се наложува на правните субјекти, во случај кога инспекторот на трудот ќе затекне на работа лице кое не засновало работен однос согласно законот, да заснове работен однос на неопределено време и да му исплати надоместок во висина на три просечни плати во Републиката. Ова од причина што според членот 5 од Законот за работните односи, работниот однос е договорен однос помеѓу работникот и работодавачот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други лични примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот, така што законската обврска предвидена со оспорената одредба ја ограничувала слободата на пазарот на стока и работна сила и претприемништвото во деловните односи. Со одредбата, исто така, се ограничувала и автономијата во управувањето и одлучувањето кои произлегуваат од сопственоста и трудот на секој правен субјект кој настапува на пазарот. Работодавачот бил самостоен и негово автономно право било да одлучи со кого ќе заснова работен однос, дали ќе го заснова работниот однос на определено или неопределено време, а државата не можела со закон да го задолжи да заснова работен однос со лице кое било затекнато од страна на инспекторот, ниту пак можела да го задолжи работодавачот да му исплати на затекнатото лице надоместок во висина од три просечни плати.

Законодавецот имал право само да пропише одредба со која ќе го овласти инспекторот за труд да поднесе барање за поведување прекршочна постапка ако затекне кај работодавачот лице со кое не е заснован работен однос согласно законот. Со ваквиот начин на засновање на работен однос, законодавецот директно се мешал во автономијата на работодавачите при засновањето на работните односи на пазарот на трудот, поради што со иницијативата се бара Судот да го поништи член 259 ставови 1 и 2 од Законот за работните односи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 259 став 1 од Законот за работните односи, ако инспекторот за труд затекне на работа кај работодавачот лице со кое не е заснован работен однос согласно со законот и лицето не е пријавено во задолжително социјално осигурување, со решение ќе му нареди на работодавачот, во рок од 15 дена да заснова работен однос со затеченото или друго лице на неопределено време и да му исплати надоместок во висина од три просечни исплатени бруто плати во Републиката, објавена во тековниот месец. Според ставот 2 на истиот член од Законот, ако работодавачот не постапи по решението од ставот 1 на овој член, инспекторот за труд ќе донесе решение за забрана на работа во работната просторија на работодавачот, до постапувањето по наредбата од ставот 1 на овој член.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 55 се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презма мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 58 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Според член 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010 и 47/2011), со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување.

Според член 5 став 1 точка 1 од Законот, работниот однос е договорен однос меѓу работникот и работодавачот во кој работникот добороволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатставата и под надзор на работодавачот.

Според членот 13 од Законот, со потпишување на договорот за вработување се занова работен однос меѓу работникот и работодавачот. Правата, обврските и одговорностите врз основа на вршењето на работата од работниот однос и вклучување во задолжителното социјално осигурување врз основа на работниот однос, започнуваат да се остваруваат со денот на стапувањето на работникот на работа, договорени во договорот за вработување. Според ставот 7 на овој член од законот, работникот не може да стапи на работа пред да се склучи договор за вработување и пред работодавачот да го пријави во задолжително социјално осигурување.

Според член 21 од Законот,работодавачот има право на слободно одлучување, со кој кандидат кој ги исполнува пропишаните, договорени, односно од работодавачот барани услови за вршење на работата, почитувајќи ги законските забрани, ќе склучи договор за вработување.

Според членот 256 од Законот, надзор над примената на овој закон, другите закони и вработување прописи за работните односи, колективните договори и договорите за работа со кои се уредуваат правата и обврските на работникот и работодавачот од работниот однос, врши органот на државната управа надлежен за работите на инспекцијата на трудот.

Според членот 258 од Законот, ако инспекторот на трудот утврди повреда на закон, друг пропис, колективен договор, договор за вработување и други акти над чија примена врши инспекциски надзор, со решение ќе му нареди на работодавачот да донесе или поништи акт со кој ќе ги отстрани утврдените неправилности и недостатоци.

Според член 259 од Законот, (чии ставови 1 и 2 се оспорени со иницијативата) ако инспекторот за труд затекне на работа кај работодавачот лице со кое не е заснован работен однос согласно со законот и лицето не е пријавено во задолжително социјално осигурување, со решение ќе му нареди на работодавачот, во рок од 15 дена да заснова работен однос со затеченото или друго лице на неопределено време и да му исплати надоместок во висина од три просечни исплатени бруто плати во Републиката, објавена во тековниот месец (став 1).

Ако работодавачот не постапи по решението од ставот 1 на овој член, инспекторот за труд ќе донесе решение за забрана на работа во работната просторија на работодавачот, до постапувањето по наредбата од ставот 1 на овој член. (став 2).

Извршувањето на наплатата на надоместокот од ставот 1 на овој член го остварува затеченото лице, согласно со Законот за извршување. (став 3)

Ако во рок од две години кај работодавачот од ставот 1 на овој член на работа се затекне лице со кое не е заснован работен однос, согласно со закон, инспекторот за труд ќе донесе решение за забрана на работа во работната просторија на работодавачот во траење од 30 дена (став 4).

Според ставот 5 на овој член од Законот, за прекршокот од ставовите 1 и 4 на овој член инспекторот за труд поднесува барање за поведување прекршочна постапка.

Според член 261 од Законот, инспекторот на трудот ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка, ако констатира дека работодавачот, односно одговорното лице со повреда на закон или други прописи, колективни договори и договор за вработување со кои се уредуваат работните односи, извршил прекршок.

Според член 264 став 1, глоба во износ од 7000 евра во денарска противредност ќе му се изрече за прекршок на работодавач-правно лице, меѓу другите, и ако не е склучен договор за вработување меѓу работникот и работодавачот и работодавачот не го пријавил работникот во задолжително пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и осигурување во случај на невработеност пред стапување на работникот на работа (член 13 ставови 1, 2, 3 и 7).

Во членот 17 од Законот за инспекцијата на трудот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/1997, 29/2002 и 36/2011) е предвидено дека во согласност со закон заради отстранување на утврдените неправилности инспекторот има право и обврска на субјектот на надзорот:
1) да му укаже на утврдените неправилности и да определи рок за нивно отстранување;
2) да му нареди да преземе соодветни мерки и активности во рокот кој ќе го определи инспекторот и
3) да забрани работа во работна просторија, на дел од техничка технолошка целина, на одделно работно место или на орудие за работа.

Од анализата на наведените законски одредби, во контекст на наводите во иницијативата, произлегува дека работен однос во согласност со законот се занова со потпишување на договор за вработување и дека работникот не може да стапи на работа пред да склучи договор за вработување и пред работодавачот да го пријави во задолжително социјално осигурување.

Со оглед на тоа што работниот однос е договорен однос помеѓу работникот и работодавачот, работодавачот има т.н. договорна слобода дефинирана во членот 21 од Законот за работните односи, според која тој слободно одлучува со кој кандидат кој ги исполнува пропишаните, договорени односно од работодавачот барани услови за вршење на работата ќе склучи договор за вработување. Од самата законска одредба произлегува дека оваа договорна слобода се однесува на прием на работник на работа согласно законот, односно вработување со засновање на работен однос во согласност со законот, и таа не ги покрива случаите кога работникот се прима на работа без да заснова работен однос со склучување на договор за вработување. Работодавачот (било да е физичко или правно лице) како и одговорното лице – директорот се одговорни за прекршок доколку не склучат договор за вработување со работникот и доколку не го пријават работникот во задолжително пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и осигурување во случај на невработеност пред да стапи работникот на работа.

Прекршочната одговорност на работодавачот за вработување спротивно на законот постои независно од обврската на работодавачот да постапи по решението на инспекторот на трудот кој при вршењето на инспекцискиот надзор, согласно Законот за инспекцијата на трудот, може да примени различни мерки со цел да се отстранат констатираните неправилности и незаконитости и кои се движат од укажување и предупредување, наредба да се преземат определени мерки и активности во определен рок, па се до забрана на работата во работна просторија.

Мерките што ги презема трудовата инспекција се всушност управни мерки кои како работи на инспекцискиот надзор ги преземаат инспекторите на трудот во согласност со законот и тие имаат за цел да се отстранат утврдените неправилности и незаконитости во работењето и да се обезбеди почитување на законите и другите прописи од сферата на работните односи. Во таа смисла и мерката предвидена во оспорената одредба, која се состои во наредба на работодавачот во рок од 15 дена да заснова работен однос со затеченото лице или друго лице на неопределено време и да исплати надоместок во висина од три просечни плати има за цел да се отстрани незаконитоста, односно една фактичка, незаконита ситуација во која едно лице е затекнато да работи без да има засновано работен однос да се трансформира во законита, преку склучување на договор со тоа или со друго лице и негово пријавување во задолжително социјално осигурување. Со оваа мерка со ништо не се задира во автономијата на работодавачот при засновањето на работните односи и при изборот на работникот, кој согласно законската одредба не мора да биде затекнатото лице туку може да биде и друго лице по избор на работодавачот, таа не е насочена против интересите на работодавачот, ниту пак го нарушува процесот на трудот кај тој работодавачот. Ова особено ако се има предвид дека оваа мерка е поблага, во споредба со мерката забрана на работа во работната просторија на работодавачот која инспекторот на трудот може да ја изрече, доколку работодавачот не постапи по наредбата за склучување на договор за вработување согласно законот.

Оттука, според мислењето на Судот оспорената одредба не го повредува начелото на слободата на пазарот и претприемништвото и договорната автономија, кои не се апсолутни и не значат слобода за непочитување на законите и прописите од страна на работодавачите, поради што Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 259 ставови 1 и 2 од Законот за работните односи со членовите 55 и 58 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите Наташа Габер – Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 167/2011
28 декември 2011 година
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски