151/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 28 декември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 3 од Одлуката за распределба на социјални станови како и условите за нивно користење изградени по Програмата за изградба и одржување на станови сопственост на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/2009).

2. Методиа Ѓоргиев од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредба од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука требало да биде надополнета со уште еден став со кој ќе им се дадело право да конкурираат за социјален стан и на други социјално загрознени граѓани кои својата социјална загрозеност ќе можеле да ја документираат, покрај оние определени во член 3 од Одлуката. Имено, и покрај фактот што подносителот на барањето и неговата фамилија фактички биле социјално загрозени, не можеле да конкурираат за социјален стан во Штип, затоа што иако никој од фамилијата не бил вработен и не поседувал ниту куќа, ниту стан или викендица на територијата на Република Македонија, не примале социјална помош, од причина што биле здрави и способни за работа и им било срам да ја примаат, но тоа било пречка да конкурираат за добивање на социјален стан.

Поради наведеното, со оспорената одлука се повредувале уставните одредби од областа на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, односно еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, утврдени со член 9 став 2 и член 35 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 3 од Одлуката за распределба на социјални станови како и условите за нивно користење изградени по Програмата за изградба и одржување на станови сопственост на Република Македонија, корисници на социјални станови може да бидат следниве категории на граѓани кои се станбено необезбедени:

1. Деца без родители или родителска грижа – лица над 18 години кои до својата осумнаесета година биле згрижени во институции и други облици за згрижување на деца без родители.
2. Корисници на социјална или постојана парична помош.
3. Лица погодени од елементарни- природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни (примарни) живеалишта.
4. Инвалидни лица и лица на кои им е потребна помош и грижа од друго лице и семејство со инвалидизирани лица.
5. Лица припадници на Ромската заедница социјално загрозени( согласно „Стратегијата за ромите на Република Македонија) и
6. Самохрани родители со малолетни деца.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со Одлуката за распределба на социјални станови како и условите за нивно користење изградени по Програмата за изградба и одржување на станови сопственост на Република Македонија, се уредува распределбата на социјалните станови, условите за нивно користење и критериуми за распределба на социјални станови изградени по Програмата за изградба и одржување на станови сопственост на Република Македонија кои ќе се издаваат под закуп.

Со оспорениот член 3 од оваа одлука се утврдуваат категориите на граѓани кои се станбено необезбедени и кои можат да бидат корисници на социјални станови.

Со иницијативата се оспорува уставноста на овој член од Одлуката, на начин што се бара истиот да биде дополнет со уште една категорија на социјално загрозени граѓани кои својата социјална загрозеност ќе можеле да ја документираат.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби во однос на барањето во иницијативата да се оценува акт кој не содржи одредба каква, според подносителот, би требало да содржи, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по истата и дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.151/2011
28 декември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски