127/2011-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Македонија, член 47 алинеја 4 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 декември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.75/2011), донесена од Собранието на Адвокатската комора на Република Македонија.

2. Уставниот суд на Република Македонија, постапувајќи по иницијативата на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.127/2011 од 9 ноември 2011 година поведе постапка за оценување на уставноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Ова поради тоа што Судот изрази сомнение дека доносителот ја донел оспорената одлука спротивно на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и спротивно на членот 52 ставови 1 и 2 од Уставот, според кои законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила и законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Имено, со оспорената Одлука од 2011 година се вршат измени и дополнувања на Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија донесен на 28 мај 2006 година кој не бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“ и не влегол во сила, а воедно и измените и дополнувањата на овој статут од 2007 и 2009 година не биле објавени во „Службен весник на Република Македонија“ и не биле влезени во сила. Поради тоа, Судот оценил дека со оспорената одлука не можело да се врши измени и дополнувања на статут кој не бил во сила, па оттука и Одлуката не можела да егзистира во правниот поредок и немала правно дејство, поради што таа не била во согласност со наведените одредби од Уставот.

3. Од доставениот одговор на претседателот на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија, на наводите содржани во Решението за поведување на постапката на оспорената Одлука и доказите во прилог кон одговорот, Судот утврди дека во „Службен весник на Република Македонија“ број 169/2011 од 7 декември 2011 година се објавени Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 28 мај 2006 година и неговите измени и дополнувања донесени на 25 мај 2007 година и 30 мај 2009 година.

Со оглед на тоа што со оспорената Одлука се уредуваат прашања за коморската маркичка која е регулирана со Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008 и 135/2011), за која Судот со решенија У.бр. 31/2007 и 2/2011 веќе се произнел дека не постојат уставни пречки со закон да се уредува и со акти на Адвокатската комора да се доуредува коморската маркичка во работењето на адвокатите, а во случајов сите акти односно оспорената одлука и Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 2006 година со измените и дополнувањата донесени во 2007 и 2009 година се објавени во „Службени весници на Република Македонија“, Судот утврди дека постапката за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука треба да се запре согласно членот 47 алинеја 4 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.127/2011
28 декември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски