У.бр.225/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 28 декември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 42-е став 3 во делот: “или на друг“ од Законот за управните спорови (“Службен весник на Република Македонија” број 62/2006 и 150/2010).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 42-б од Законот означен во точката 1 од решението.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорениот член 42-б од Законот бил противуставен затоа што не содржел и други причини поради кои може да се изјави жалба против одлука на судот во Управен спор. Имено, според оспорената одредба од Законот, жалбата можела да се поднесе поради суштествени повреди на одредбите на постапката, поради погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и поради погрешна примена на материјалното право, но не било предвидено во жалбата да се истакнуваат нови факти и да се предлагаат нови докази, и ако било така како што било предвидено со оспорената законска одредба, тогаш жалбата немала смисла. Предлага да се имало во предвид и одредбата од членот 232 став 2 од Законот за општата управна постапка според која во жалбата можат да се изнесуваат нови факти и нови докази, но жалителот е должен да образложи поради што не ги изнел во првостепената постапка.

По однос на оспорениот член 42-е став 3 од Законот, во делот: “или на друг“, во иницијативата се наведува дека овој оспорен дел не можел да опстои во правниот поредок од уставно-правен аспект, затоа што суштествените повреди на одредбите на постапката биле децидно наведена во одредбите на членот 42-г од Законот, па со тоа поднесената жалба не можела да биде изјавена поради суштествена повреда на одредби на друг закон, како што било пропишано во оспорениот законски дел, туку само и исклучиво на одредбите од Законот за управните спорови.

Од овие причини со оспорените одредби се повредувале членот 8 став 1 алинеите 1 и 3, членот 50 став 2, членот 51 и Амандманот XXI со кој е заменет членот 15 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 42-б од Законот определува дека против одлуката на судот може да се изјави жалба поради:

– суштествени повреди на одредбите на постапката,
– поради погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и
– поради погрешна примена на материјалното право.

Судот, исто така утврди дека ставот 3 и неговиот оспорен дел од членот 42-е од Законот, определува дека кога на седница на советот ќе се утврди дека пресудата против која е изјавена жалба се заснова на суштествена повреда на одредбите на овој или на друг закон или на погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, а пресудата веќе еднаш била укината, Вишиот управен суд ќе закаже расправа и мериторно ќе одлучи.

5. Спoред членот 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот на Република Македонија основните слободи и прва на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според Амандман XXI со кој е заменет член 15 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на жалба против одлуките донесени во постапка во прв степен пред суд.

Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и други органи што вршат јавни овластувања се уредува со закон.

Со членот 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Според членот 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува уставот и законите.

Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со Законот за управните спорови се уредува дека заради обезбедување судска заштита на правата и правните интереси на физичките и правните лица и заради обезбедување на законитоста, судот во управните спорови одлучува за законитоста на актите на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога решаваат за правата и обврските во поединечните управни работи, како и за актите на тие органи донесени во прекршочна постапка ( член 1).

Според оспорениот член 42-б од Законот против одлуката на судот може да се изјави жалба поради:

-суштествени повреди на одредбите на постапката,
-поради погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и
-поради погрешна примена на материјалното право.

Со членот 42-е став 1 од Законот, е определено дека Вишиот управен суд по жалба по правило одлучува без расправа, а според ставот 2 од истиот член кога советот на Вишиот управен суд ќе најде дека заради правилно утврдување на фактичката состојба е потребно да се повторат веќе изведените докази, ќе закаже расправа.

Според ставот 3 и неговиот оспорен дел од членот 42-е од Законот, кога на седница на советот ќе се утврди дека пресудата против која е изјавена жалба се заснова на суштествена повреда на одредбите на овој или на друг закон или на погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, а пресудата веќе еднаш била укината, Вишиот управен суд ќе закаже расправа и мериторно ќе одлучи.

Со иницијативата се оспорува членот 42-б од Законот, бидејќи покрај постојната содржина, требало да содржи и друго, односно дека во оспорената одредба не било предвидено, а според подносителот на иницијативата требало да биде предвидено дека во жалбата можело да се истакнуваат нови факти и да се предлагаат нови докази, како што тоа било предвидено во одредбата од членот 232 став 2 од Законот за општата управна постапка.

Всушност со иницијативата, подносителот бара оспорената одредба од Законот за управните спорови да има содржина која ја нема, а која содржина била предвидена во одредба од друг закон односно во Законот за општата управна постапка. Тоа значи дека одредбата од член 42-б од Законот не се оспорува поради нејзината постојна содржина, туку се оспорува поради содржина која ја нема и всушност се бара законската одредба да се измени и дополни така како што смета подносителот на иницијативата, што е прашање во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд. Воедно оспорената одредба од Законот се оспорува затоа што не содржела нешто, кое било содржано во друга одредба од друг закон, меѓутоа од аспект на овие наводи оспорената одредба не може уставно да се проблематизира, бидејќи не е во надлежност на овој суд да ја оценува согласноста на еден закон со друг закон.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, содржината на оспорениот член 42-б од Законот и причините за нејзиното оспорување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Според содржината на членот 42-е став 3 од Законот, Вишиот управен суд ќе закаже расправа и мериторно ќе одлучи, кога на седницата на советот ќе се утврди дека пресудата против која е изјавена жалба се заснова на суштествена повреда на одредбите на овој или на друг закон или на погрешно или нецелосно утврдена фактичка состојба, а пресудата веќе еднаш била укината.

Со иницијативата се оспорува ставот 3 од наведениот член од Законот во делот: “или на друг“. Всушност, според наводите во иницијативата оспорениот законски дел не можел да опстои во правниот поредок, затоа што суштествените повреди на одредбите на постапката биле децидно наведени во одредбите на членот 42-г од Законот, што значело дека жалбата не можела да биде заснована поради суштествена повреда на одредбите на друг закон, туку ислучиво на одредбите на Законот за управните спорови. Меѓутоа од аспект на овие наводи не може да се стави под уставно сомнение оспорениот законски дел, бидејќи во случајов подносителот на иницијативата своите наводи ги заснова на споредба на една одредба од Законот со друга. Меѓутоа, подносителот на иницијативата и тука не земал предвид дека и членот 42-г од Законот за управните спорови на кој тој се повикува во иницијативата, конкретно во ставот 1 од овој член, определува дека “суштествена повреда на одредбите на постапката постои, ако судот во текот на постапката не применил или неправилно применил одредба од овој закон или друг закон, а тоа влијаело или можело да влијае врз донесувањето на законита и правилна одлука”, што значи дека и во оваа одредба е содржан оспорениот законски дел. Исто така, во членот 7-а од Законот за управните спорови, децидно е наведено дека “доколку овој закон (се мисли на Законот за управните спорови) не содржи одредби за постапката во управните спорови, соодветно ќе се применуваат одредбите од Законот за парнична постапка”. Со оглед на фактот што членот 7-а од Законот упатува на примена и на Законот за парничната постапка, следствено на тоа е и постојното оспорено законско решение на членот 42-е став 3 во делот: “или на друг“, од кои причини според Судот, дека нема уставна пречка за опстојување на оспорениот законски дел во правниот поредок.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на членот 42-е став 3 во делот: “или на друг“ од Законот, со одредбите од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.225/2010
28 декември 2011 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски