142/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 декември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на

– Одлуката за утврдување на цени за вонредно чистење на улиците, бр. 02-451/03 од 26.04.2004 година и бр. 02-415/10 од 24.04.2008 година, донесена од Управниот одбор на ЈП „Охридски комуналец“ Охрид и

– Одлуката на Советот на Општина Охрид, бр.07-1403/6 од 26.06.2008 година, за давање согласност за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на цени за вонредно чистење на улиците, бр. 02-451/03 од 26.04.2004 година, донесена од Управниот одбор на ЈП „Охридски комуналец“ Охрид („Службен гласник на Општина Охрид“ бр. 4 од 30.06.2008 година).

2. Македонски телеком АД за електронски комуникации – Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените одлуки биле во спротивност со Законот за јавна чистота и Законот за комунални работи и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Имено, со Законот за комунални дејности било определено дека вршењето на комуналните дејности било од јавен интерес, а комуналните дејности биле определени во член 3 од Законот, каде меѓу другото, спаѓале: обработка и депонирање на комунален цврст отпад и одржување на јавна чистота во градски и други населби, но не било предвидено дека вонредно чистење на улици претставува комунална дејност. Понатаму, се наведува дека комуналната дејност- изнесување и депонирање на смет можеле да ја вршат јавни претпријатија за комунални дејности основани од општината кои како даватели на услугата можеле да се овластат да ја утврдуваат и висината на цената и начинот на плаќање на оваа комунална дејност по претходна согласност на основачот. Средствата за вршење на комуналните дејности се остварувале од цената на комуналните услуги која корисникот треба редовно да ја плаќа. Оттука, следувало дека оспорените одлуки биле во спротивност со Законот за комунални дејности.

Законот за јавна чистота ги уредувал условите и начинот на одржување на јавната чистота, правата и обврските на учесниците во одржувањето на јавната чистота, површините и објектите на кои се врши одржување на јавната чистота, собирање на смет и чистење на снег и мраз во зимски услови. Во одредбите на овој закон исто така не било превидено вонредно чистење на улиците при изведување на градежни работи.

Дополнително, се укажува дека согласно член 3 од Законот за јавна чистота, одржувањето на јавната чистота било континуиран процес кој обезбедувал трајно и квалитетно чистење на јавните површини. Градежните работи не биле вонредни активности, односно истите претставувале редовна појава. Градежните активности не се одвивале само во определен дел од годината и не биле периодични случувања, едноставно тие се случувале во текот на целата година и биле постојани, поради што не можеле да се подведат под вонредни околности. Согласно на тоа, вонредно чистење во случај кога на улиците е предизвикан смет како последица на преземени градежни активности предвидено со член 1 од оспорената одлука на ЈП „Охридски комуналец“ било спротивно на Законот за јавна чистота.

Оттука, следувало дека согласно овој закон, Советот на Општина Охрид немал законско овластување да донесува одлуки за одобрување на надоместоци за вонредно чистење на улиците на територијата на општината.

Во прилог на ова говорел и фактот што Советот на Општина Охрид донел Одлука за одржување на јавната чистота и утврдување на надоместокот за одржување на јавната чистота, бр. 07-2285/16 од 14.09.2009 година, со која се регулира одржувањето на јавната чистота на јавни површини, начинот на користење на јавните површини и собирањето на сметот, чистење на снег и мраз, отстранување на предмети кои ја загрозуваат јавната чистота, како и мерките за спроведување на одлуката. Согласно член 3 од оваа одлука, Советот на општината утврдил дека за одржување на јавната чистота се плаќа надоместок и висината на надоместокот се утврдува врз основа на изграденоста, уреденоста на јавните површини на територијата на општина Охрид и потребата – обемот за одржување на јавната чистота во зависност од местоположбата на живеалиштата на домаќинствата, односно седиштата на правните лица и деловните единици како и видот на дејноста што ја вршат.

Во насока на горенаведеното била и Програмата за работа на ЈП„Охридски комуналец“ Охрид за 2011 година, каде под вонредно чистење се подведувале манифестациите кои во летниот период се одржуваат и за кои ЈП„Охридски комуналец“ Охрид преку својата служба Р.Е. „Услужна хигиена“ предвидувал секојдневно чистење и подигање на сметот.

Понатаму, се наведува дека Советот на Општина Охрид донел Одлука за усвојување на Програма за јавна чистота за 2011 година („Службен гласник на Општина Охрид“ бр. 15/2010), каде како вонредни активности кои ЈП„Охридски комуналец“ Охрид ќе ги извршува се наведени оние вонредни активности кои се извршуваат во одреден дел од годината и во зависност од временските прилики. Оттука, произлегувало дека чистењето на градежниот смет не се сметало за вонредна активност која ЈП„Охридски комуналец“ Охрид ќе ја извршува.

Според член 14 од Законот за јавна чистота, секое правно и физичко лице требало да се придржува и да се грижи за јавната чистота, а градителот бил должен остатокот од градежниот материјал, односно градежниот шут да го фрли или остави во место определено за таа намена. Ваквиот начин на чистење на сметот од страна на извршителите на градежни работи не доведувал до дополнително чистење на улиците од страна на претпријатијата должни за одржување на јавната чистота, а воедно и не претставувало вонредна околност, како што тоа било уредено со оспорената одлука на Јавното претпријатие. Постапувањето на градителите спротивно на овој член, повлекувало соодветна прекршочна одговорност и изрекување на прекршочна санкција, согласно член 29 од истиот закон.

Поради наведеното, се предлага оспорените одлуки, по поведувањето на постапка за оценување на нивната уставност и законитост, да бидат поништени.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 став 1 од Одлуката за утврдување на цени за вонредно чистење на улиците донесена од Управниот одбор на ЈП „Охридски комуналец“ Охрид, бр. 02-451/03 од 26.04.2004 година и бр. 02-415/10 од 24.04.2008 година, се обврзуваат изведувачите на градежни работи: изградба на станбени и деловни објекти, изградба на објекти од областа на инфраструктурата (прекопи за полагање на електрични, телефонски, водоводни и канализациони инсталации) во периодот додека траат градежните активности да платат вонреден надоместок за одржување на јавната хиогиена во околината на просторот каде се извршуваат градежните работи, на ЈП „Охридски комуналец“ Охрид. Според став 2 на овој член, надоместокот се однесува за вонредно чистење на улиците од сметот предизвикан како последица на преземените градежни активности.

Според член 2 од Одлуката, надоместокот ќе се определува на следниот начин:
– За објекти до 100м2 надоместокот ќе изнесува 5.000,00 денари;
– За објекти над 100м2 надоместокот ќе изнесува 50,00 денари/м2
– За објекти од областа на инфраструктурата (прекопи за полагање на електрични, телефонски, водоводни и канализациони инсталации) надоместокот ќе изнесува 30,00 денари на метар квадратен од ден.

Според член 3 став 1 од оваа одлука, утврдувањето на надоместокот за вонредно одржување на јавната хигиена по цените утврдени во член 2 од оваа одлука ќе го определуваат записнички претставници од ЈП „Охридски комуналец“ Охрид и Комуналната инспекција од локалната самоуправа. Според став 2 на овој член, за сите објекти каде се извршуваат градежни работи а не се опфатени со оваа одлука, цената на надоместокот за вонредно одржување на јавната хигиена ќе ја одредува гореспоменатата комисија.

Според член 4 од Одлуката, плаќањето ќе се изврши на жиро сметката на ЈП „Охридски комуналец“ Охрид врз основа на претходно склучен договор помеѓу ЈП „Охридски комуналец“ Охрид и инвеститорот.

Согласно член 5 од Одлуката, оваа одлука стапува на сила со денот на добивање согласност од Советот на Општина Охрид согласно член 11 став 1 точка 6 од Законот за јавни претпријатија

Судот утврди дека според член 1 од Одлуката за давање согласност за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на цени за вонредно чистење на улиците, бр. 02-451/03 од 26.04.2004 година, донесена од Управниот одбор на ЈП „Охридски комуналец“ Охрид, донесена од Советот на Општина Охрид, бр.07-1403/6 од 26.06.2008 година, („Службен гласник на Општина Охрид“ бр. 4 од 30.06.2008 година), се дава согласност на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на цени за вонредно чистење на улиците, бр. 02-451/03 од 26.04.2004 година, донесена од Управниот одбор на ЈП „Охридски комуналец“ Охрид

Според член 2 на Одлуката, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Охрид“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и уредување на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 43 став 1 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина. Согласно став 2 на овој член, секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Според став 3 на истиот член, Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 2 од Законот за комунални дејности (“Службен весник на Република Македонија” брoj 45/97, 23/99, 45/2002 и 16/2004, 5/2009), вршењето на комунални дејности е од јавен интерес. Според член 3 на овој закон, комунални дејности во смисла на овој закон, помеѓу другото, претставува и одржување на јавна чистота во градски и други населби, под што се подразбира чистење (миење и метење) на јавни и сообраќајни површини, одржување на пешачки патеки, детски игралишта, отворени одводни канали, кејови, како и чистење на снегот во зимски услови (точка 8).

Според член 14 на овој закон, комунална дејност може да се врши со основање на јавно претпријатие за комунална дејност, со давање концесија за вршење на комунална дејност на начин утврден со закон и со дозвола за вршење на комунална дејност.

Согласно член 27 од истиот закон, висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги, ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот, а според член 29 алинеја 6 од истиот закон, плаќањето на комунални услуги – одржување на хигиена во градски и други населби, се врши во мерна единица – ден/м2.

Според член 3 од Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ број 111/2008, 64/2009, 88/10 и 23/11, 53/2011), одржувањето на јавната чистота е континуиран процес кој обезбедува трајно и квалитетно чистење на јавните површини на јавните објекти, на отворените простори на јавните објекти и на дворните површини на колективните и индивидуалните објекти за домување, заради обезбедување на здрава и чиста животна средина.

Според член 4 од овој закон, одредбите на овој закон не се однесуваат на одржување на јавната чистота во вонредни околности и во услови на елементарни непогоди.

Согласно член 12 став 1 од истиот закон, за вршење на работите на одржување на јавната чистота општините, општините во градот Скопје и градот Скопје секоја година донесуваат годишна програма која содржи: вид и обем на работите што треба да се извршат, финансиски средства, временски рокови за извршување на работите, динамика и начин на вршење на работите.

Според член 24 став 1 од Законот, за одржување на јавната чистота се плаќа надоместок. Според став 2 на истиот член, висината на надоместокот од ставот 1 на овој член ја утврдува советот на општината, советите на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје во зависност од изграденоста, уреденоста на јавните површини и потребата -обемот за одржувањето на јавните површини на нивното подрачје.

Согласно член 25 став 1 на овој закон, наплатата на надоместокот за одржување на јавната чистота се врши преку доставување на сметка за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на другите видови неопасен отпад, кој се прикажува одвоено на сметката. Според став 3 на истиот член, средствата собрани од надоместокот за одржување на јавната чистота се приход на општината, општините во градот Скопје и градот Скопје и се користат за финансирање на работите на јавната чистота.

Според член 11 точка 5 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 38/96, 6/2002, 40/2003, 49/2006 и 22/2007, 83/2009), основачот на јавното претпријатие дава согласност на актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги продава и врши за корисниците доколку таквите цени не се предмет на регулирање од страна на независно регулаторно тело.

Од анализата на наведените одредби на Законот за комунални дејности произлегува дека комуналните дејности, меѓу кои спаѓа одржување на јавна чистота во градски и други населби, под што се подразбира чистење (миење и метење) на јавни и сообраќајни површини, одржување на пешачки патеки, детски игралишта, отворени одводни канали, кејови, како и чистење на снегот во зимски услови, се дејности од јавен интерес, кои можат да се вршат од страна на јавно претпријатие за комунална дејност и дека висината на цената и начинот на плаќање на оваа комунална услуга, пресметана во ден/м2 ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот.

Според наведените одредби на Законот за јавна чистота, произлегува дека одржувањето на јавната чистота е континуиран процес кој обезбедува трајно и квалитетно чистење на јавните површини на јавните објекти, на отворените простори на јавните објекти и на дворните површини на колективните и индивидуалните објекти за домување, заради обезбедување на здрава и чиста животна средина. За одржување на јавната чистота се плаќа надоместок, чија висина ја утврдува советот на општината во зависност од изграденоста, уреденоста на јавните површини и потребата-обемот за одржувањето на јавните површини на нивното подрачје. Средствата собрани од надоместокот за одржување на јавната чистота се приход на општината и се користат за финансирање на работите на јавната чистота. Одредбите на овој закон не се однесуваат на одржување на јавната чистота во вонредни околности и во услови на елементарни непогоди.

Тргнувајќи од наведената законска регулатива, наспроти наводите во иницијативата, Судот оцени дека оспорените одлуки не се несогласни со Законот за комунални дејности и Законот за јавна чистота.

Имено, Управниот одбор на Јавното претпријатие„Охридски комуналец“Охрид донел Одлука со која го утврдил надоместокот за вонредно чистење на улиците од сметот предизвикан како последица на преземени градежни активности (собирање, транспортирање, преработка и депонирање на отпадоци што се создаваат со изведување на градежни работи), кој е обврска на изведувачите на градежните работи, во корист на ЈП„Охридски комуналец“Охрид, како јавно комунално претпријатие надлежно за вршење на комуналната дејност – собирање, транспортирање и депонирање на комунален отпад на територијата на Општина Охрид. Советот на Општина Охрид дал согласност на ваквата одлука.

Според Судот, вонредното чистење на улиците во наведениот случај не е комунална дејност за која се плаќа месечен надоместок – комунална давачка согласно Законот за јавна чистота, кој е приход на Општината, туку станува збор за вонредна околност на која не се однесува овој закон, односно станува збор за дополнителен ангажман на опрема и работници на јавното претпријатие неопходни за вонредно чистење на просторот каде се преземаат одредени градежни работи, значи ангажман по потреба, поради што обврската за плаќање на овој надоместок е еднократна, се однесува само на изведувачите на тие градежни работи и само во врска со тие градежни работи. Во оваа смисла, и јавното претпријатие ја утврдило висината на овој надоместок, која согласно Законот за комунални дејности, е негов приход, а Советот на Општината дал согласност на ваквата одлука.

Програмата за јавна чистота за 2011 година, донесена од Советот на Општина Охрид, која ја спроведува Одделението за јавна хигиена од работната единица Комунална хигиена и во која е наведена динамиката на одржување на чистотата на јавните и сообраќајните површини преку наведени редовните и вонредните активности, на која се укажува во иницијативата како поткрепа за незаконитоста на оспорените одлуки, во смисла дека вонредното чистење на улиците не е предвидено како вонредна активност, Според Судот, не претставува пропис во однос на кој Уставниот суд има надлежност да ја цени уставноста и законитоста на оспорените одлуки.

Поради наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорените одлуки со член 51 од Уставот и одредбите на Законот за комунални дејности и Законот за јавна чистота.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.142/2011
21 декември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски