226/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 декември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Решението за именување на претставници на општина Карбинци во Училишниот одбор во општинското Основно училиште „Страшо Пинџур“ – Карбинци бр.0701-1060/8 од 24 ноември 2011 година, донесено од Советот на општина Карбинци („Службен гласник на општина Карбинци“ бр.9/2011).

2. Градоначалникот на општина Карбинци до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, именуваното лице Илчо Богданов кој истовремено бил и советник во Советот на општината и претседател на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања, а во исто време и член на неговото потесно семејство (син) бил вработен во ООУ „Страшо Пинџур“ – Карбинци како наставник, Советот на општина Карбинци во никој случај не требал да го донесе оспореното решение, бидејќи во случајот во ниту еден пропис не била предвидена можноста тој да биде повторно именуван за член на училишен одбор, а од друга страна со оспореното решение се повредува член 8 од Законот за спречување на судир на интереси, каде е предвидено дека „службеното лице во време на извршувањето на јавните овластувања и должности не смее да врши никаква дејност која може да влијае на непристрасно вршење на јавните овластувања и должности“ и член 44 став 1 каде стои дека „членот на советот не може да учествува во процесот на одлучувањето за прашања во кои тој или неговиот брачен другар, дете или роднина до втор степен странична линија има финансиски или друг личен интерес“.Ова од причини што тој како член на училишен одбор би учествувал во директно давање мислење до директорот за избор на наставниците, стручните соработници и воспитувачите, во поднесување предлог до директорот за престанок на работниот однос на наставниците, стручните соработници или воспитувачите, кои во остварувањето на воспитно-образовниот процес не покажуваат задоволителни резултати, да одлучува по приговорите и жалбите на вработените во основното училиште и истовремено да учествува во други надлежности на училишниот одбор.

3. Судот на седницата утврди дека со оспореното решение за претставници на општина Карбинци во Училишниот одбор на Општинското основно училиште „Страшо Пинџур“ – Карбинци се именуваат: Илчо Богданов и Љубица Соколовска. Мандатот на именуваните членови на Училишниот одбор изнесува 3 (три) години. Ова решение влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Карбинци“.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување и да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, според Судот во конкретниов случај оспореното Решение нема карактер на пропис, поради што, како таков не е подобен за уставно-судска оцена.

Имено, оспореното Решение има карактер на поединечен акт со кој се именуваат Илчо Богданов и Љубица Соколовска за претставници на општина Карбинци во Училишниот одбор на Општинското основно училиште „Страшо Пинџур“, и исто така, оспореното решение нема карактер erga omnes, односно не се однесува на неопределен круг луѓе, туку истото има карактер inter partes, за што Уставниот суд нема надлежност да ја цени неговата уставност и законитост во смисла на цитираната уставна и деловничка одредба.

Оттука,со оглед на фактот што оспореното Решение нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставува поединечен акт, за што Судот не е надлежен за оценување на согласноста на оспореното Решение со Уставот и Законот за локалната самоуправа, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.226/2011
21 декември 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски