У.бр.191/2011

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 декември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 11 став 4 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2008, 143/2008 и 56/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената одредба со која се востановувале права и обврски на заедничка сопственост на градежно земјиште кое не може да се дели, а се пренесува заедно со правото на сопственост на посебниот дел од објектот, односно објектот, се уредувало ограничување на правото на сопственост кое не било во функција на општиот јавен интерес во земјата, а ниту било пропорционално, бидејќи немало правична рамнотежа меѓу заштитата на правото на сопственост и општиот правен интерес, со што одредбата била спротивна на член 8 став 1 алинеите 1, 3, 6 и 7, член 9 став 2, член 30, член 51, член 54 став 1 и член 55 од Уставот.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и истата да ја укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 11 став 4 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2008, 143/2008 и 56/2010), физички и правни лица сопственици на посебни делови од објект или објект изграден на градежно земјиште во нивна сопственост востановуваат права и обврски на заедничка сопственост на градежното земјиште. Заедничката сопственост на градежно земјиште на повеќе лица вклучува право на заедничко наменско користење на земјиштето кое не може да се дели, а се пренесува со правото на сопственост на посебниот дел од објектот, односно објектот.

Судот утврди дека пред поднесувањето на иницијативата, донесен е нов Закон за градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија”, број 17/2011), така што предметниот закон чија одредба се оспорува, не е повеќе во правниот поредок.

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената законска одредба е содржана во Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2008, 143/2008 и 56/2010).

Собранието на Република Македонија донесе нов Закон за градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија”, број 17 од 11 февруари 2011 година).

Според член 116 од овој закон, со денот на отпочнување на примената на овој закон престанува да важи Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија” број 82/2008, 143/2008 и 56/10).

Според член 117 од истиот закон, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија “, а ќе започне да се применува од 1 јули 2011 година.

Од наведеното произлегува дека подносителот на иницијативата немал предвид дека Законот за градежно земјиште, чија одредба ја оспорува, престанал да важи пред поднесувањето на иницијативата.

Со оглед дека Законот за градежно земјиште во кој била содржана оспорената одредба, престанал да важи и не е во правниот поредок на Република Македониоја, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за нејзино отфрлање.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.191/2011
21 декември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски