169/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 декември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението за наплата на трошоци при преземање на посебни мерки за безбедност при превоз на определени експлозивни материи, обезбедување на вонреден превоз и обезбедување (придружба) при превоз на определени стоки од страна на Министерството за внатрешни работи, бр.121-60053/1 донесено од министерот за внатрешни работи на 1 август 2011 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.108/2011).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспореното решение не било во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и член 96 од Уставот на Република Македонија, со член 55 став 1 и член 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, со член 44 став 2 од Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај како и со член 158 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Ова од причина што со него не било направено разработка на законските одредби, туку изворно се уредува обврската за надоместок на трошоците што мора да биде регулирано со закон, а не со подзаконски акт.

Воедно, според подносителот оспореното решение било спротивно и на Одлуката на Уставниот суд У.бр.1/2011 од 8 јуни 2011 година со која се укинал член 161 од Правилникот за начинот на вршење на полициските работи и Решението за наплата на трошоци при асистенција и задолжително обезбедување на стоки согласно закон бр.194-10532/1 од 19 јануари 2009 година донесено од министерот за внатрешни работи.

Новото оспорено Решение било исто како и укинатото со што очигледно бил нарушен принципот на конечност и извршност на одлуките на Уставниот суд, од кои причини подносителот бара оспореното решение да се поништи, а до конечно одлучување Судот да донесе времена мерка.

3. Судот на седницата утврди дека министерот за внатрешни работи врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација на органите на државната управа, а во врска со член 44 став 2 од Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај и член 158 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата на 1 август 2011 година донел Решение за наплата на трошоци при преземање на посебни мерки за безбедност при превоз на определени експлозивни материи, обезбедување на вонреден превоз и обезбедување (придружба) при превоз на определени стоки од страна на Министерството за внатрешни работи.

I. За преземање на посебни мерки за безбедност при превоз на определени експлозивни материи, обезбедување на вонреден превоз/учество во сообраќајот на возила што не ги исполнуваат пропишаните услови како и обезбедување (придружба) при превоз на предмети од вредност од страна на Министерството за внатрешни работи согласно закон, подносителот на барањето е должен да ги надомести трошоците согласно следните вредности по час односно километар: вредност на еден работен час – 6 евра во денарска противвредност; вредност на еден поминат километар – 1 евро во денарска противвредност.

II. Ова решение влегува во сила наредниот ден од денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според ставот 2 на овој член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија, меѓу другото, донесува закони.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002 и 82/2008), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон. Ф-5 го нема.

Во Главата XI „Овластување за подзаконски прописи“ од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007, 86/2008, 98/2008, 64/2009, 161/2009, 36/2011 и 51/2011) односно во членот 417 е предвидено дека се овластува министерот за внатрешни работи да донесе поблиски прописи за „начинот на организација на обезбедувањето на вонредниот превоз и висината на трошоците поврзани со обезбедувањето на вонреден превоз од страна на униформираните полициски службеници на Министерството за внатрешни работи“.

Во членот 156, 157 и 158 поместен во Глава „Учество во сообраќај на возила што не ги исполнуваат пропишаните услови (вонреден превоз) од наведениот законот е предвидено дека трошоците за обезбедување на вонредниот превоз кога тоа го вршат униформирани полициски службеници на Министерството за внатрешни работи се на товар на превозникот.

Во Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај ( “Службен весникна Република Македонија” бр.92/2007, 161/2009 и 17/2011 односно во членот 4 под поимот „опасни материи“ се подразбира супстанции или производи за кои превозот е забранет или одобрен само под определени околности во согласност со прописите од членот 3 на овој закон. Членот 3, пак, од овој закон предвидува дека за превоз на опасни материи освен овој закон се применува и Европската спогодба за меѓународниот патен превоз на опасни материи (ADR) и Конвенцијата за меѓународен железнички превоз (COTIF) чиј составен дел е Правилникот за меѓународниот превоз на опасни материи во железничкиот сообраќај (RID).

Во член 5 пак се класифицирани опасни материи врз основа на своите карактеристики (експлозивни материи и предмети, гасови, запалива течност, самозапаливи материи, заразни материи, радиоактивни материи …. и други опасни материи).

Како опасни материи се сметаат и суровини од кои се произведуваат опасни материи и отпадоците, ако ги имаат карактеристиките на тие материи.

Во Глава VI „Посебни мерки за безбедност за превоз на определени видови опасни материи“, односно во член 44 од Законот е предвидено дека Министерството за внатрешни работи може по потреба, да нареди преземање на посебни мерки за безбедност при превоз на определени експлозиви материи (превоз на движење, придружба на испраќање или превземање полициска придружба и др.).

Во став 2 на член 44 е предвидено дека трошоците на посебните мерки за безбедност од став 1 на овој член во внатрешниот превоз на експлозивни материи ги поднесува испраќачот на експлозивни материи, а при увоз или транзит на експлозивни материи ги поднесува превозникот.

Тргнувајќи од анализата на одредбите на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, а кои се однесуваат на посебната потреба за преземање на посебни мерки на безбедност за определени опасни материи (член 44) како и членот 417 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Судот оцени дека наводите во иницијативата не се основани.

Ова од причина што членот 417 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата му дава овластување на министерот за внатрешни работи да го уреди прашањето на висината на трошоците при вонреден превоз што паѓа на товар на превозникот или испраќачот. Факт е дека во решението како основ за донесување на решението не е предвиден член 417 туку член 158 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, меѓутоа, според Судот не наведувањето на соодветната одредба за донесување на оспореното решение не го прави истото несогласно со одредбите од законите на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Ова дотолку повеќе што во основот за донесување на оспореното решение доносителот се повикува на Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Воедно, Судот оцени дека не се основани наводите од иницијативата дека со оспореното решение се повредува член 112 од Уставот.

Ова од причина што по донесување на Одлуката на Судот, Министерството за внатрешни работи донел решение кое е објавено во службеното гласило на Републиката и основот за донесување на истото како што наведува е Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а не член 7 од Законот за полиција како што било предвидено во решението кое Уставниот суд го укинал.

Со оглед на наведеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспореното решение со Уставот и законските одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.169/2011
21 декември 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски