177/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 декември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за начинот на исплата и висината на надоместоците за селидбени трошоци, трошоци за превоз, вршење на служба на дежурство, стражарска служба и служба на посебни воени објекти и за време поминато на трупно патување и служба под посебни услови на активниот воен и цивилен персонал во Армијата,број 01-5145/1 донесен од Министерот за одбрана на 19 јули 2010 година.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот акт бил донесен врз основа на повеќе одредби од Законот за служба во Армијата при што истиот не бил објавен во службеното гласило на Републиката,што не било во согласност со член 52 став 1 и 2 од Уставот. Воедно оспорениот акт не бил во согласност и со член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа затоа што со него се утврдувала висината на трошоците што морало да се утврди во закон, а не со подзаконски пропис како што е тоа во конкретниов случај.

Според тоа подносителот смета дека Правилникот во целина не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51,член 52 ставовите 1 и 2 , член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија,член 55 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и со Законот за служба во Армијата на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 188 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Министерот за одбрана на 19 јули 2010 година донел Правилник за начинот на исплата и висината на надоместоците за селидбени трошоци,трошоци за превоз, вршење на служба на дежурство, стражарска служба и служба на посебни воени објекти и за време поминато на трупно патување и служба под посебни услови на активниот воен и цивилен персонал во Армијата на Република Македонија.

Со овој Правилник се утврдува начинот за исплата и висината на надоместоците за селидбени трошоци, трошоци за превоз, вршење на служба на дежурство , стражарска служба и служба на посебни воени објекти и за време поминато на трупно патување и служба под посебни услови на територијата на Република Македонија на активниот воен и цивилен персонал кој врши служба во Армијата на Република Македонија,за времето за кое се изложени на зголемени трошоци во и вон местото на вршењето на службата. Како место на вршењена службата се смета местото во кое воената единица односно воената установа е постојано лоцирана,а во кое лицето ја врши службата (член 1).

Во членовите 2, 3 и 4 од Правилникот се уредени прашањата за тоа: на кого му следува надоместок за селидбени трошоци, висината на надоместокот кој се исплатува според реалните трошоци за превоз на покуќнината, како и тоа дека надоместокот не може да биде повисок од износот на една нето просечна плата исплатена во Република Македонија објавена на денот на исплатата, кои документи ги поднесува барателот и кој носи решение за исплата на надоместокот.

Во членот 5 од Правилникот се уредени прашањата кои се однесуваат за тоа: кои лица го остваруваат правото на надоместок за вршење на служба за дежурство, стражарска служба и служба на посебни воени објекти во времетраење од 24 часа непрекинато и повеќе организирани според Правилата за внатрешен ред и односите во вршењето на службата, дека решението за надоместокот го носи министерот за одбрана како и тоа дека овој вид на надоместок се зголемува за 20% за време на неделен одмор, а 30% за време на празници утврдени со закон.

Во членовите 6, 7, 8 и 9 од Правилникот е уредено прашањето за тоа:на кои лица од воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата му следува надоместок на трошоци за превоз, во кои случаи, кои документи ги поднесува барателот, правото на надоместок за превоз и во случај кога лицето се упатува на лекарски преглед заради утврдување на здравствената способност за вршење на служба во Армијата, како и тоа дека решение за трошоци за превоз носи командантот на самостоен баталјон нему рамен или повисок воен старешина.

Во членовите 10, 11 и 12 од Правилникот е уреденo прашањeто за надоместокот за време поминато на трупно патување при што е дефинирано што се подразбира под трупно патување, што се подразбира а што не под службени активности во трупни услови, висината на овој вид надоместок се утврдува во висина на надоместокот за вршење на дежурство, стражарска служба и служба на посебни воени објекти.

Во членовите 13, 14 и 15 од Правилникот е утврден надоместокот за време поминато на служба под посебни услови при што во овие членови е утврдено дека под служба под посебни услови се смета ангажирањето на воениот и цивилниот персонал во воена состоја, во вонредна состојба, во обезбедување на лица и невоени објекти од посебно значење за Републиката, во услови кога се бара продолжување на започната работа чие прекинување или запирање би имало штетни последици за борбената готовност на воената единица и извршување на вонредни задачи или одредени состојби во Армијата. Понатаму, утврдено е дека висината на надоместокот за вршење на овие активности се утврдува исто како и надоместокот за вршење на дежурство, стражарска служба и служба на посебни воени објекти при што тој надоместок се зголемува за 100% за ангажирање во услови на воена состојба, а за ангажирање во услови на вонредна состојба износот се зголемува за 80%.

Во членот 16 од Правилникот е утврдено дека тој влегува во сила со денот на донесувањето и објавувањето на огланата табла на Министерството за одбрана ,а ќе се применува од 1 август 2010 година.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според ставот 2 на овој член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија, меѓу другото, донесува закони.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002 и 82/2008), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Во членот 188 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/2010, 23/2011, 47/2011 и 148/2011) поместен во делот “Други примања” се утврдени видовите на другите надоместоци што може да ги прима воениот и цивилниот персонал. Во ставот 3 на овој член е определено дека начинот за исплата и висината на надоместоците од ставот 1 точките од 6 до 9 на овој член ги утврдува министерот за одбрана.

. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и за неопределен број субјекти во правото, Судот оцени дека оспорениот акт нема карактер на пропис, поради што не е подобен за уставносудска оцена.

Според Судот, оспорениот правилник има карактер на интерен акт. со кој само се доуредуваат одредени прашања кои се однесуваат само на вработените во Министерството за одбрана.

Со оглед на фактот што оспорениот правилник нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставува интерен акт, за кој овој суд не е надлежен да ја оценува неговата согласност со Уставот и со закон, се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.177/2011
21 декември 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски