10/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 55 став 2 во делот „за учество“ од Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци („Службен весник на Република Македонија“ број.13/1996).

2. Сојузот на воените инвалиди на Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, член 55 став 2 од Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на паднатите борци, бил во спротивност со членовите 8, 36 и 52 од Уставот на Република Македонија.

Имено, во оспорениот закон, во ниеден член не се споменува кои здравствени организации требале да им пружат здравствена заштита на наведените лица од споменатиот закон, на кои Министерството за труд и социјална политика ќе ги платело трошоците за пружената соодветна здравствена заштита, што значи дека наведените лица можеле да побарат здравствена услуга од било која здравствена организација (јавна или приватна), а трошоците ќе ги покриело Министерството за труд и социјална политика. Меѓутоа во пракса ова не било така, Министерството за труд и социјална политика ги покривало трошоците само во здравствените организации со кои Фондот за здравствено осигурување имало склучен договор, што било незаконито работење и постапување.

Поради тоа со иницијативата се бара да се поведе постапка за оценување на уставноста на член 55 став 2 од Законот во делот „за учество“.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 55 став 1 од Законот е предвидено дека воените инвалиди и корисниците на семејна инвалиднина кои тоа право го оствариле како членови на семејство на паднат борец, не учествуваат во трошоците при користење на здравствена заштита, освен за користење на лекови, незадолжителна имунизација и лекување со примена на природен фактор.

Според ставот 2 од овој член од Законот, Министерството за труд и социјална политика ги надоместува трошоците за учеството при користењето на здравствената заштита на здравствената организација која извршила здравствени услуги.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 36 став 1 од Уставот, Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција. Во ставот 2 од овој член се наведува дека посебните права се уредуваат со закон.

Според членот 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 2 од овој член законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Според став 3 од овој член, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Според став 4 од овој член, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Во членот 55 став 1 од Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци, е наведено дека воените инвалиди и корисниците на семејна инвалиднина кои тоа право го оствариле како членови на семејство на паднат борец, не учествуваат во трошоците при користење на здравствена заштита, освен за користење на лекови, незадолжителна имунизација и лекување со примена на природен фактор.

Согласно став 2 од овој член од Законот, Министерството за труд и социјална политика ги надоместува трошоците за учество при користењето на здравствената заштита на здравствената организација која извршила здравствени услуги.

Од формулацијата на оспорената одредба од член 55 став 2, произлегува дека Министерството за труд и социјална политика не прави селекција на здравствените организации и установи кои имаат склучено договор со Фондот за здравствено осигурување, како што е тоа наведено во наводите на иницијативата, туку е напротив општа одредба од каде што произлегува дека Министерството за труд и социјална политика ги надоместува трошоците за учество при користењето на здраствената заштита на здраствената организација која извршила здравствени услуги. Оттаму Судот констатира дека не станува збор за одредба која го ограничува правото на граѓаните на здравствена заштита, туку за општа одредба која утврдува еден општ принцип за надоместување на трошоците за учество при користење на здравствена заштита.
Од ваквата линија на анализа на оваа оспорена одредба би произлегло дека во Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци, законодавецот го почитува потполно уставното право на граѓаните за здравствена заштита која е гарантирана со овој Закон. Интенцијата на законодавецот со оваа одредба не била да го ограничи правото на здраствена заштита, ниту пак предвидел селекција на поединечни здравствени организации.

Истотака не е спорно дека прашањето за правата на оваа категорија на граѓани е уредено со овој Закон, со што е испочитувано уставното право на воените инвалиди да им се гарантираат посебни социјални права, како што се: лична инвалиднина (член 26), семејна и зголемена семејна ивалиднина (членовите 27-34), инвалидски додаток (членовите 35-41), додаток за нега и помош од страна на друго лице (членовите 42-46) банско и климатско лекување (член 47), право на патничко моторно возило (член 48), додаток на деца (членовите 49-51) и професионална рехабилитација, здравствена заштита, помош во случај на смрт и бесплатен и повластен превоз (членовите 52-57).

Имајќи го предвид наведеното Судот оцени дека оспорената законска одредба е во согласност со членовите 36 и 52 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.10/2011
29 ноември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски