145/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и спасување („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2011).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 19 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, условите кои требало да ги исполнуваат инспекторите биле определени во членот 140 од Законот за заштита и спасување, каде и со последните измени и дополнувања на Законот, во 2011 година со членот 7 било утврдено дека: „инспектор за заштита и спасување можело да биде лице со високо образование со завршен VII-1 степен на образование или стекнати 180 до 300 кредити според ЕКТС со најмалку шест години работно искуство во заштитата и спасувањето од кои најмалку две години во државна служба“.

Во Законот за инспекциски надзор и во Законот за државните службеници, исто така, било предвидено високо образование како основен услов за стекнување на статус инспектор. Имајќи предвид дека во пракса фактичката состојба била таква што инспекторите за заштита и спасување биле распоредени на работни задачи – инспектори во 2005 година врз основа на членот 160 од Законот за заштита и спасување („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2004), и покрај тоа што и членот 140 од истиот закон децидно предвидувал тие да го исполнувале условот на високо образование, произлегувало дека инспекторите без високо образование од тој период биле веќе 6 години толерирани, а сега со оспорениот член од Законот продолжувале да се толерираат уште 4 години да го исполнат условот на образование. Бидејќи во Дирекцијата за заштита и спасување имало доволно вработени кои ги исполнувале условите за стекнување на статус инспектор, а и пошироко во други органи на државната управа и други граѓани на Република Македонија, кои би можеле да аплицираат за работно место инспектори за заштита и спасување, произлегувало дека оспорениот член 19 од Законот не бил во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот кој се однесува на владеењето на правото и членот 9 од Уставот, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 19 од Законот е предвидено дека вработените инспектори за заштита и спасување во Дирекцијата што не ги исполнуваат посебните услови утврдени во овој закон се должни во рок од четири години да ги исполнат утврдените посебни услови, а во спротивно им престанува работниот однос како инспектор за заштита и спасување.

4. Според члленот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за заштита и спасување, кој бил донесен во 2004 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2004), со членот 140 став 2 предвидел: „Инспектор може да биде лице вработено во Дирекцијата за заштита и спасување со соодветно високо образование и работно искуство од најмалку пет години во областа на заштитата и спасувањето“.

Во преодните и завршните одредби од овој закон, меѓу другото било предвидено: директорот на Дирекцијата за заштита и спасување го именува Владата; рок за донесување на акти за организација и систематизација на работните места во Дирекцијата; вработните од Министерството за внатрешни работи кои вршат работи од областа на инспекцискиот надзор за заштита од пожари ги презема Дирекцијата; вработните од Министерството за одбрана кои вршат работи од областа на цивилната заштита ги презема Дирекцијата; објектите за заштита од Министерството за одбрана ги презема Дирекцијата; вработените од Министерството за внатрешни работи кои вршеле работи во областа на инспекцискиот надзор за заштита од пожари, материјално-техничките средства, инвентарот, средствата за работа, архивата, документацијата, возилата кои биле во врска со вршење на инспекцискиот надзор за заштита од пожари ги презема Дирекцијата (член 160); со денот на влегување во сила на овој закон престанува да важи Законот за заштита од елементарни непогоди („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/1977) и одредбите од Законот за заштита од пожари („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/1986, 37/1987, 51/1988, 36/1990 и 12/1993); како и овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 1 јануари 2005 година.

Оттука, неспорно е дека материјалното и кадровското работење на Дирекцијата, според Законот за заштита и спасување, правно и фактички настанало на основата на преземањето од претходното институционално постоење на овие надлежности и неспорно е дека од 1 јануари 2005 година како ден на примена на овој закон, согласно членот 140 став 2, како услов за инспектор во Дирекцијата потребно е високо образование.

Со измените и дополнувањата на Законот за заштита и спасување во 2008 година („Службен весник на Република Македонија“ бр,86/2008), изменет е членот 140 и тој предвидувал: „Инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон и другите прописи од областа на заштитата и спасувањето го вршат инспектори за заштита и спасување. Инспектор може да биде лице со високо образование со најмалку пет години работно искуство во заштитата и спасувањето“.

Со измените и дополнувањата на Законот за заштита и спасување во 2011 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2011), со членот 7 изменет е членот 140 став 2 од Законот, кој сега гласи: „Инспектор за заштита и спасување може да биде лице со високо образование со завршен VII-1 степен на образование или стекнати 180 до 300 кредити според ЕКТС со најмалку шест години работно искуство во заштита и спасување од кои најмалку две години во државна служба“.

Меѓутоа, законодавецот, исто така, со член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и спасување („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2011), за прв пат од донесувањето на основниот Закон, предвидел дека „Вработените инспектори за заштита и спасување во Дирекцијата што не ги исполнуваат посебните услови утврдени во овој закон се должни во рок од четири години да ги исполнат утврдените посебни услови, а во спротивно им престанува работниот однос како инспектор за заштита и спасување“.

Од погореизнесената хронологија на одредбите од Законот за заштита и спасување, Судот оцени дека од денот на неговата примена – 1 јануари 2005 година, било извршено материјално и кадровско преземање во Дирекцијата од претходните институции, и биле со овој закон и неговите подоцнежни измени и дополнувања утврдени услови за стекнување статус инспектор за заштита и спасување во Дирекцијата, според кои се вработувале односно се заснивале нови работни односи на овие работи и задачи.

Законодавецот, меѓутоа неспорно има уставен основ да го регулира и прашањето на вработените инспектори за заштита и спасување во Дирекцијата што не ги исполнувале посебните услови утврдени во членот 140 од Законот и да допушти рок во кој тие ќе можат да ги исполнат тие посебни услови, а во спротивно не ќе можат да вршат работи и задачи на инспектори во Дирекцијата, што значи дека ќе можат да вршат други работи и задачи.

Законот определил дека надзорот над спроведувањето на одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон ги врши Дирекцијата, која, покрај вработените кои се државни службеници има Генерален инспектор и инспектори за заштита и спасување кои вршат контрола над органите и институциите во Република Македонија дали ги применуваат мерките за заштита и спасување утврдени со закон и прописите од таа област и во Дирекцијата покрај нив има стручен персонал и вработени во Дирекцијата кои немаат статус на државни службеници (летачки персонал, воздухопловно-техничкиот персонал, односно авиодиспечер и координатор на лет и др.).

Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010 и 161/2010) јасно определил дека инспектор може да биде лице кое ги исполнува општите услови утврдени со Законот за државните службеници или со друг закон и посебните услови утврдени со закон и со актот за систематизација на работните места во инспекциската служба (член 18 став 1), а во членот 22 е наведен статусот на инспекторите според звањата од Законот за државните службеници.

Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и спасување („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2011), во членот 19 кој е оспорен со иницијативата, предвидел дека: за веќе вработените инспектори во Дирекцијата, што се во редовен работен однос, а што не ги исполнуваат посебните услови утврдени со овој закон (високо образование со завршен VII-1 степен на образование или стекнати 180 до 300 кредити според ЕКТС со најмалку 6 години работно искуство во заштита и спасување од кои најмалку две години во државна служба), им се дава на сите нив можност во рок од 4 години да ги исполнат предвидените посебни услови за инспектори, а во спротивно им престанува работниот однос како инспектор за заштита и спасување, но со можност за друго работно место, доколку за тоа постојат услови.

Оваа оспорена одредба од Законот, неспорно се однесува на затекнатиот кадар – инспектори во Дирекцијата до денот на влегување во сила на законот за измени, се однесува за сите нив кои немаат високо образование, не прави разлика по основ на изминато работно искуство и без оглед колку години претходно работеле, предвидува можност таквиот кадар да се дошколува и да продолжи како инспектори во Дирекцијата за заштита и спасување, а во спротивно ќе им престане на сите нив работниот однос како инспектор за заштита и спасување.

Оттука, според Судот неспорно е дека ова законско решение е во суштина поволно законско решение за вработените, не прави разлика и поделба по основ на изминат работен стаж или по друг основ, овозможува преоден период на интеграција под исти услови со другите вработени во Дирекцијата, не претставува ограничување на нивните права и слободи и не се загрозува нивната правна сигурност како елемент на владеењето на правото.

Тргнувајќи од изнесената уставносудска анализа, Судот оцени дека законодавецот може со закон да ги пропише посебните услови кои треба да ги имаат инспекторите во Дирекцијата за заштита и спасување, како и преодниот период на стекнување на тие услови од страна на веќе вработениот кадар инспектори во редовен работен однос во Дирекцијата, согласно оспорениот член 19 од Законот. Со ова поволно законско решение за вработените инспектори во Дирекцијата кои не ги исполнувале посебните услови за инспектори, односно немале високо образование, а им се остава рок од 4 години за нивно исполнување, се афирмираат правата од работен однос за вработените да продолжат да вршат работи и задачи како инспектори, а не им се одземаат права, ниту пак се на штета на туѓи права на што се однесуваат наводите во иницијативата. Ова законско решение е во суштина поволно законско решение за вработените, овозможува преоден период на исполнување на посебните услови за сите во иста положба во Дирекцијата, не претставува ограничување на нивните или туѓи права и интереси и не се загрозува правната сигурност како елемент на владеењето на правото.

Со оглед на тоа Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани и не може да се постави прашањето за согласноста на членот 19 од Законот со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 9 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.145/2011
24 ноември 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски