96/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 101 став 1, член 125-а, член 126-а и член 137 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 10 став 2, член 86 став 3, член 101 став 6 и член 176 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение и член 99 од Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.116/2010).

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за поведување постапка за оценување на уставноста на член 102 став 1, во делот: „од 200 до 1200 евра“ и член 372 ставови 3 и 4 од Законот за парничната постапка.

4. Јорданка Мицкова и други адвокати од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

Подносителите на иницијативата сметаат дека изречените казни во член 10 став 2 од Законот биле високи и истите произведувале контрапродуктивен ефект поради што се запоставувала основната цел на законот – брзо и ефикасно завршување на постапката. Ваквите високи казни не биле во согласност со стандардот на граѓаните поради што сметаат дека оспорениот став 2 на членот 2 од Законот не бил во согласност со темелните вредности на Уставниот поредок на Република Македонија предвидени во член 8 став 1 алинеи 3 и 8, член 9 од Уставот, како и заштита на слободите и правата на граѓаните.

Со иницијативата се оспорува член 86 став 3 од Законот, од причина што со истиот се ограничувале правата на приправниците и стручните соработници со што се спречувало нивното право на образование, едукација и усовршување. Со тоа се повредувал член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.

Подносителите на иницијативата го оспоруваат членот 101 ставови 1 и 6 од законот бидејќи сметаат дека со истите се ограничувало правото на адвокатите, а преку нив и правото на граѓаните на еднаков пристап до судот и адвокатите се ставале во нееднаква положба во однос на другите полномошници, со што се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 54 ставови 1, 2 и 3 од Уставот, како и член 6 од Европската конвенција за човекови права.

Иницијаторите сметат дека членовите 125-а и 126-а се спротивни на уставните начела на владеењето на правото, еднаквоста на граѓаните и слободниот пристап до информации. Понатаму наведуваат дека ваквикот начин на достава треба да биде по избор, а не задолжителна обврска, од причина што сите граѓани, правни лица и адвокати немаат компјутери и интернет, поради што на овој начин се востановувала законска обврска за дополнителни трошоци околу обезбедување на можност за електронски начин на достава на поднесоците.

Подносителите на иницијативата сметаат дека членот 372 ставови 3 и 4 од Законот бил спротивен на уставните начела, но не наведуваат причини поради кои сметат дека истиот не е во согласност со Уставот, поради што сметаме дека овој дел од иницијативата не е подобен за уставно-судска анализа, поради што по однос на овој член од Законот иницијативата треба да се отфрли во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Судот на седницата утврди дека според член 10 став 2 од Законот со парична казна од 700 до 1000 евра во денарска противвредност ќе се казни физичко лице (странка, заменувач, одговорно лице во правно лице), а со казна во висина од 2500 до 5000 евра во денарска противвредност ќе се казни правно лице кое ги злоупотребило правата што му припаѓаат во постапката.

Во членот 86 став 3 од Законот е предвидено дека адвокатот може да го заменува адвокатски стручен соработник со положен правосуден испит, кој има засновано работен однос кај него, и тоа само пред суд од прв степен, за спорови чија вредност не надминува 1.000.000 денари, со согласност на странката.

Согласно член 101 став 1 од Законот, поднесоците кои се поднесени од полномошник, а кои се неразбирливи или не ги содржат податоците на членот 98 ставови 3, 4, 5 и 8 на овој закон или не се поднесени во доволен број примероци кога тие се поднесени во писмена форма, судот ќе ги отфрли. Според став 6 на истиот член од законот, ако поднесоците или прилозите во писмена форма не ги поднесе во доволен број примероци, судот е го повика подносителот од став 2 на овој член да ги поднесе во рок од три дена, а во спротивно поднесокот ќе го отфрли.

Според член 102 став 1 од Законот, со парична казна од 200 до 1200 евра во денарска противвредност парничниот суд ќе го казни лицето кое во поднесокот го навредува судот, странката или друг учесник во постапката.

Во член 125-а од Законот е предвидено дека доставувањата на писмената на адвокати, државни органи, односно органи на државната управа, единици на локална самоуправа, правни лица и на лицата на кои им се пренесени јавни овластувања, се врши по електронски пат во електронско сандаче.

Според член 126-а од Законот:

(1) Доставувањето по електронски пат се врши преку информатичкиот систем на судот на адресата на електронското сандаче на примателот на доставата.
(2) Доставата по електронски пат се смета за изввршена на денот на приемот на писменото по електронски пат.
(3) информатичкиот систем на судот истовремено со испраќање на писменото до примателот на доставата на неговата електронска адреса испраќа и известување дека од информатичкиот систем на судот е испратен писмен документ кој имателот на адресата мора да го преземе.
(4) Електронската пошта од електронското сандаче мора да биде преземена најдоцна осум дена од денот на нејзиното испраќање.
(5) Во известувањето од ставот (3) на овој член примателот на доставта се предупредува дека доколку електронската пошта не биде преземена од електронското сандаче во рокот предвиден со ставот (4) на овој член, доставувањето ќе се смета за извршено.
(6) Примателот на електронската пошта со својот електронски потпис го докажува својот идентитет, врши увид во своето електронско сандаче и електронски го потпишува писменото кое го упатува до судот, односно го потврдува приемот на електронската пошта.
(7) Доколку писменото кое се доставува по електронски пат содржи прилози за кои нема техничка можност да се достават електронски, судот во писменото кое го доставува ќе го извести примателот чие седиште, живеалиште или престојувалиште се наоѓа во седиштето на судот дека прилозите треба да ги подигне непосредно од судот во рок од три дена од денот на известувањето, а доколку во тој рок не ги подигне, се смета дека прилозите се доставени.

Според член 137 став 2 од Законот писменото за кое со овој закон е определено дека треба лично да се достави, му се предава непосредно на лицето на кое му е испратено. Ако лицето на кое писменото мора лично да му се достави не се затече таму каде што треба да се изврши доставувањето, писменото ќе му се испрати препорачано по пошта. Ако писменото не биде подигнато во рок од осум дена од денот на известувањето дека писменото треба да го подигне, ќе се смета дека доставата е уредно извршена.

Во член 176 став 4 од Законот е предвидено ако тужителот во тужбата не ја назначи вредноста на спорот, судот ќе постапи согласно со членот 101 од овој закон.

Според член 372 ставови 3 и 4 од Законот се предвидува:

„(3) По исклучок од ставот (2) на овој член, без оглед на вредноста на спорот, ревизијата секогаше е дозволена,
1) во спорови за издршка,
2) во спорови за надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давателот на издршката,
3) во спорови од работните односи по повод престанок на работен однос,
4) во спорови за заштита на авторско право освен за паричните побарувања по тој основ,
5) во спорови што се однесуваат на заштита и употреба на пронајдоци и технички унапредувања, мостри, модели и жигови и на правото на употреба на фирма или назив, како и во спорови од нелојален натпревар и монополистички однесувања освен за паричните побарувања по тие основи и
6) во спорови во кои во постапка по жалба второстепениот суд ја преиначил првостепената пресуда.
(4) Ревизија по исклучок е дозволена и против второстепена пресуда против која не може да се изјави ревизијаспоред ставот (2) од овој член, ако второстепениот суд во изреката на пресудата што ја донел, тоа го дозволил. Второстепениот суд може да дозволи ревизија со конкретизирање на опфатот на правното прашање кое би се покренало пред Врховниот суд на Република Македонија, ако оцени дека одлуката во спорот зависи од решавање на некое материјално-правно или процесно-правно прашање важно за обезбедување на единствена примена на законот и воедначување на судската практика. Во образложението на пресудата второстепениот суд е должен да наведе заради кое правно прашање ја дозволил ревизијата и да ги наведе одлуките кои укажуваат на невоедначена примена на законот, како и да ги обраљзложи причините поради кои смета дека ова е важно за обезбедување на единствена примена на закон и воедначување на судската практика“.

Во член 99 од Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.116/2010) е предвидено дека постапките пред судовите започнати пред денот на започнување на примената на овој закон ќе ја вршат според прописите кои важеле пред денот на започнување на примената на овој закон (став 1). Постапките пред првостепените судови кои не се започнати до денот на започнување на примената на овој закон ќе се водат според одредбите на овој закон (став 2).

6. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, се владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидрноста.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Во член 53 од Уставот, адвокатурата е утврдена како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања.

Законот за парничната постапка ги уредува правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните и семејните односи на граѓаните како што се работните, трговски,те имотните и другите граѓанско-правни спорови, ако со закон за некои од тие спорови не е определено за нив судот да решава според правилата на некоја друга постапка.

7. Од анализата на содржината на членот 101 став 1 од Законот, а во корелација со цитираните уставните норми, според Судот овој став на членот 101 од Законот основано може да се доведе под сомнение по однос на принципот на еднаквост на граѓаните на Република Македонија предвиден во членот 9 од Уставот.

Според Судот, недопуштено е странките, од една и полномошниците, од друга страна, да имаат различен третман во постапката пред судовите. Судот смета дека рок за доуредување на поднесоците треба да се остави на сите странки, односно да се даде можност на сите во постапката (странки и полномошници) да ги исправат поднесоците. На тој начин, според Судот, се врши повреда на положбата на странките во зависност од тоа дали има полномошник или не.

Од наведените причини, Судот оцени дека основано може да се доведе под сомнение член 101 став 1 од Законот по однос на член 9 од Уставот.

По однос на оспорените членови 125-а и 126-а, Судот, исто така, оцени дека истите може да се проблематизираат од следниве причини:

Од увидот во Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка (јуни 2010) произлегува дека целите што треба да се постигнат со новите измени и дополнувања на Законот за парничната постапка се создавање на законски претпоставки за побрза и поефикасна парнична постапка, како и на натамошно имплементирање на современите решенија во областа. На тој начин би се обезбедило натамошно нормативно-правно осовременување на домашното граѓанско процесно законодавство, што е во функција на континуираното спроведување на судските реформи во оваа област.

Имено, од образложението на Предлогот на Законот произлегува дека донесувањето на овие измени во Законот за парничната постапка се во функција на воспоставување на посоодветни законски механизми со кои ќе се обезбеди побрзо и поефикасно постапување на судовите во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните, семејните, работните, имотните и другите граѓанско-правни односи, а со цел да се постигне правосилно разрешување на спорните односи помеѓу правните субјекти во што е можно пократок временски период, со што би се обезбедиле правни претпоставки за почитување на начелото на судење во разумен рок и поголема правна сигурност.

Целта на оспорениот член 125-а од Законот, е овој начин на доставување да го заземе примарното место меѓу начините на доставување на писмената, како и тоа дека со додадениот (сега оспорен) член 126-а се врши прецизирање на начинот на електронското доставување на писмената од страна на судот.

Во Глава XX од Законот, со наслов: „Доставување на писмена и разгледување на списи“ и поднаслов: „Начин на доставување“ содржан е членот 125, во чиј став 1 е предвидено дека писмената се доставуваат по пошта, по електронски пат, преку службено лице на судот, непосредно во судот, преку нотар, извршител или друго лице определено со закон.

Меѓутоа, од анализата на оспорениот член 125-а од Законот, јасно произлегува дека доставувањето на писмената на адвокати, државни органи, односно органи на државна управа ……, се врши исклучиво по електронски пат во електронско сандаче. Оттука, според Судот, основано се укажува во иницијативата дека овој член од Законот е во спротивност со член 9 од Уставот на Република Македонија, како и член 8 став 1 алинеја 3 од причина што предвидените начини на достава во членот 125 не се однесуваат и на лицата во член 125-а, и истовремено со овој член се повредува начелото на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија. Имено, најнапред со овластувањата дадени во член 125-а од Законот, се создава обврска да секој адвокат, државен орган задолжително да имаат компјутер и истовремено e-mail адреса, што во општествени услови во Република Македонија е апсурдно, а доколку повеќе што и најголемиот граѓански суд во Република Македонија – Основниот суд Скопје II Скопје се уште нема компјутерска можност за ваков начин на достава. Имено, по барање на Судот, Основниот суд Скопје II Скопје писмено го извести Судот дека е во тек изработка на сценарио за креирање на веб портал преку кој ќе се врши електронска достава, што значи во моментов не постојат ниту технички услови и претпоставки за ваков вид на достава, кој според оспорениот член 125-а од Законот (кој веќе е во примена) е единствен за наведените лица во овој член од Законот.

При градењето на правното мислење по однос на ова покренато правно прашање, во текот на претходната постапка преку Форумот на Венецијанската комисија беше побарано офицерите за врска да достават информации за домашното право и уставно судската практика по ова прашање.

Од увидот во добиените одговори добиени преку Форумот, произлегува дека во повеќе држави електронскиот начин на достава е алтернативен (Полска, Јужна Африка, Швајцарија), или пак истата може да се врши само доколку постои согласност на странката (Велика Британија, Грузија, Швајцарија, Финска, Канада), како и можност да се врши достава по електронски пат само во итни случаеви (Хрватска, Јужна Африка). Во Република Србија важечкиот закон за парничната постапка не содржи одредби за електронска достава. Новиот закон кој ќе започне да се применува од 1 февруари 2012 година содржи одредби за поднесување на документи преку e-mail, меѓутоа според овој закон судот може да доставува покани до странките по пат на телеграма, електронска пошта или друг носач на електронски податоци, под услов доколку судот може да добие повратен одговор дека лицето ја добило поканата односно известувањето.

Врз основа на наведената уставно судска практика во другите европски земји, Судот оцени дека начинот на доставување на поднесоците на адвокати ….. исклучиво и единствено по електронски пат во електронско сандаче не е во согласност ниту со Уставот на Република Македонија ниту со европското законодавство. Ова од причина што во нашата законска регулатива дадена во членовите 125-а и 126-а од Законот за парничната постапка, не предвидува и друг начин на достава на писмената, односно тој начин да биде алтернативен, ниту пак предвидува добивање на согласност од странката за вршење на достава на овој начин.

Понатаму, според Судот, од суштинско значење е што членот 126-а од Законот, каде е регулиран начинот на кој се врши доставувањето по електронски пат, не дава одговор на прашањето како Судот ќе биде известен за денот на приемот на писменото, што е од значење за пресметување на роковите кои се засметуваат за вложување на правни лекови. Имено, ставот 4 од членот 126-а од Законот, предвидува електронската пошта од електронското сандаче мора да биде преземена најдоцна осум дена од денот на нејзиното испраќање. Во известувањето од ставот (3) на овој член примателот на доставата се предупредува дека доколку електронската пошта не биде преземена од електронското сандаче во рокот предвиден со ставот (4) на овој член, доставувањето ќе се смета за извршено (став 5).

Меѓутоа, Судот оцени дека оспорениот член 126-а од Законот, основано може да се доведе под сомнение во однос на една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, а владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, од причина што не може да се смета ваквиот начин на достава, како ден на прием од кога тече рокот, од повеќе објективни и субјективни причини. Имено, тргнувајќи од начинот на секојденвното функционирање на секој човек и во секој сегмент од животот, законодавецот при креирањето на оспорената законска одредба, и покрај добрата намера за брзо, економично и ефикасно завршување на започнатите постапки и нивно судење во разумен рок, не ги имал во вид претпоставките да наведените лица во члеенот 125-а од Законот, за кој е задолжителен електронскиот начин на достава, се објективно спречени да извршат увид во нивната електронска пошта, од повеќе причини (годишен одмор, болелдување, хоспитализација, престој на места каде нема интернет ….), поради што и ваквиот начин на достава, може само да биде еден од повеќето начини на достава, но не и единствен како што се предвидува во оспорените законски одредби.

Од наведената уставно-судска анализа на членовите 125-а и 126-а од Законот, а во корелација со наводите во иницијативата, а при тоа имајќи ја во вид и уставно-судската практика на другите европски земји, Судот оцени дека наведените членови од Законот основано можат да се доведат под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.

Анализирајќи ја содржината на членот 137 став 2 од Законот во целина, а во корелација со наводите во иницијативата, Судот оцени дека оспорената законска одредба основано може да се доведе под сомнение по однос на темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и правната сигурност на граѓанинот на Република Македонија. Ова од причина што од содржината на оспорениот став 2 на членот 137 од Законот, произлегува дека ако писменото не биде подигнато во рок од осум дена од денот на известувањето дека писменото треба да го подигне, ќе се смета дека доставата е уредно извршена.

Според Судот, ваквата законска регулатива е во спротивност со начелото на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија, предвидени во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причина што не е наведено дали и кога странката го примила известувањето, за да може да започне засметувањето на рокот за плодигање на препорачаната пратка, односно од содржината на одредбата не може да се утврди постоење на личен контакт со што со сигурност би се утврдило дека странката го примила известувањето. Од овие причини Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 137 став 2 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

8. Според член 10 став 1 од Законот, Судот е должен постапката да ја спроведе без оддолжување, во разумен рок, со што помалку трошоци и да ја оневозможи секоја злоупотреба на правата што на странките им припаѓаат во постапката.

Оспорениот став 2 на членот 10 од Законот, според Судот, токму во насока на реализација на ставот 1 на овој член од Законот, односно заради брзо и ефикасно спроведување и завршување на постапката ја предвидува оваа казна од ставот 2 на членот 10. Според Судот, токму на овој начин се постигнува и основната цел на законот – брзото и ефикасно завршување на постапката. Висината на казната, е предмет на оцена на законодавецот, што не подлежи на уставно – судска оцена, од причини што истата се анализира исклучиво и единствено од аспект на одредување начин странките во постапката да ги злоупотребат своите права кои би довеле до пролонгирање на постапката и крајно да предизвикаат судење во неразумен рок што е во спротивност со позитивните законски прописи и сите меѓународни договори. Од овие причини сметаме дека неосновани се тврдењата во иницијативата дека овој член од Законот бил во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарност.

Од содржината на наведените уставни одредби како општ заклучок произлегува дека основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, не само што се утврдени како една од темелните вредности на уставниот поредок, туку за нивното остварување и заштита се утврдени и соодветни уставни основи. Во таа смисла посебно се значајни гаранциите на основните слободи и права, меѓу кои е утврдена и адвокатурата, како еден од основните предуслови за остварување и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Оспорениот член 86 од Законот спаѓа во Петта глава од Законот, со наслов: „Полномошници“. Имено, според член 80 од Законот, странките можат да преземаат дејствија во постапката лично или преку полномошници, но судот може да ја повика странката која има полномошник пред Судот лично да се изјасни за фактите што треба да се утврдат во парницата.

Согласно член 81 став 1 од Законот за парничната постапка, право на застапување пред судовите, освен адвокатите, законот им дава и на лице дипломиран правник, а согласно член 82 од Законот, ако вредноста на спорот надминува 1.000.000 денари, полномошник на правно лице може да биде лице кое е дипломиран правник со положен правосуден испит и кое е во работен однос со правното лице.

Во член 86 став 1 од Законот е предвидено дека ако странката му издала на адвокатот полномошно за водење на парнична постапка, а поблиску не ги определила овластувањата во полномошното, адвокатот врз основа на таквото полномошно е овластен да ги врши сите дејствија во постапката, а особено да поднесе тужба, да ја повлече тужбата, да го признае тужбеното барање или да се одрече од тужбеното барање, да склучи порамнување, да поднесе правен лек и да се одрече или откаже од него, од спротивната странка да ги прими досудените трошоци, како и да бара издавање на привремени мерки за обезбедување.

Оспорениот став 3 од овој член од законот предвидува дека адвокатот може да го заменува адвокатски стручен соработник со положен правосуден испит, кој има засновано работен однос кај него, и тоа само пред суд од прв степен, за спорови чија вредност не надминува 1.000.000 денари, со согласност на странката.

Од анализата на наведената уставна и законска регулатива, Судот оцени дека со оспорената одредба од Законот, не се повредуваат основните принципи на уставниот поредок на Република Македонија, ниту начелото на еднаквост на граѓаните на Република Македонија, на што се укажува во иницијативата. Имено, Законот за парничната постапка дава доволно простор странката сама да избере кое е од лицата што согласно законот можат да бидат полномошници ќе го овласти да ја застапува во постапката пред суд. Законодавецот има право со закон да утврди под кои услови и во кои случаи адвокатурата обезбедува правна помош. Со оспорениот став 3 на членот 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка, според наше мислење, законодавецот ги утврдил условите и случаите кога адвокатот може да биде заменет од адвокатски стручен соработник, но со согласност на странката. Ваквото определување на условите и случаите кога може да се направи замена на адвокатот, не значи ограничување на правото на едукација и усовршување на адвокатските стручни соработници. Ова од причина што со оглед на значењето на правните односи кои по судски пат се разрешуваат во парничната постапка, како и потребата од компетентно знаење на постапката и материјалните закони заради остварување на заштитата на интересите на странките во постапката, законодавецот очигледно сака да воспостави ред во однос на лицата кои пред суд можат да се појават како полномошници на странките во постапката.

По однос на член 101 став 6 од Законот, Судот, исто така, смета дека истиот е во согласност со Уставот на Република Македонија, од причини што во интерес на постапката и остварување на правото на странките во постапката, како и ефикасно водење и завршување на судската постапка е оставањето и предвидувањето на рок за доуредување и допрецизирање на поднесоците, пред истите да бидат отфрлени, со што би се избегнале и дополнителните материјални трошоци кои странките ги имаат во текот на постапката.

Во член 101 од Законот е предвидено дека:

(1) Поднесоците кои се поднесени од полномошник, а кои се неразбирливи или не ги содржат податоците од член 98 ставовите (3), (4), (5) и (8) на овој закон или не се поднесени во доволен број примероци кога тие се поднесени во писмена форма, судот ќе ги отфрли.
(2) Ако поднесокот е неразбирлив или не го содржи сето она што е потребно за да може да се постапи по него, судот ќе му укаже на подносителот кој нема полномошник, да го исправи поднесокот.
(3) Кога судот ќе му го врати поднесокот на подносителот од став (2) на овој член заради исправка или дополнение, ќе определи рок за повторно поднесување на поднесокот кој не може да биде подолг од осум дена.
(4) Ако поднесокот што е врзан за рок биде исправен, односно дополнет и предаден на судот во рокот определен за дополнение или исправка, ќе се смета дека му е поднесен на судот оној ден кога прв пат бил поднесен.
(5) Ќе се смета дека поднесокот е повлечен ако не му биде вратен на судот во определениот рок, а ако биде вратен без исправка односно дополнение, ќе се отфрли.
(6) Ако поднесоците или прилозите во писмена форма не ги поднесе во доволен број примероци, судот ќе го повика подносителот од ставот (2) на овој член да ги поднесе во рок од три дена, а во спротивно поднесокот ќе го отфрли.

Според член 98 став 3 од истиот закон, поднесоците мораат да бидат разбирливи и мораат да го содржат сето она што е потребно за да може да се постапи по нив. Тие особено треба да содржат: означување на судот, име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација, живеалиште, односно престојувалиште на странките, односно фирмата и седиштето на правното лице запишани во Централниот регистар на Република Македонија или друг регистар поткрепени со доказ од соодветниот регистар, нивните законски застапници и полномошници, ако ги имаат, предмет на спорот, вредноста на спорот, содржина на изјавата и потпис на подносителот, односно електронски потпис, е-меил адреса и контакт телефон.

Од анализата на наведените законски одредби јасно произлегува дека вредноста на спорот е еден од елементите што задолжително треба да го има поднесокот (тужбата), а со цел за засметување на висината на износот на судските такси кои се задолжителни за секоја странка која поднесува тужба и само со писмена судска такса предметот се зема во работа. Оттука, не може да се прифати тврдењето дека со оспорениот став 4 од член 176 од Законот со кој судот постапува во смисла на член 101 доколку не е означена вредноста на спорото, се повредени основните принципи на уставниот поредок на Република Македонија.

Од анализата на член 99 од Законот, а притоа имајќи ја во вид и уставната норма на членот 52 став 4 од Уставот, од аспект на тоа дали оспореното законско решение упатува на повратно дејство, понеповолно за граѓаните, Судот оцени дека Законот е во примена по неговото објавување, а не пред тоа, од каде произлегува дека со Законот не е пропишана ретроактивна примена, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата за ретроактивна примена на оспореното законско решение, а со тоа и прашањето за последиците од ретроактивното дејство на неговата примена во смисла на одредбите од член 52 став 4 од Уставот. Тоа дотолку повеќе што Законот се применува после неговото донесување односно сметано од 8 септември 2011 година, па во иднина и право е на законодавецот да го уреди воспоставувањето на правниот режим уреден со Законот кој важи по, а не пред неговото донесување и влегување во сила. Во конкретниот случај, со оспорената одредба се уредува правниот режим за започнатите постапки, како и за постапките пред првостепените судови кои не се започнати до денот на започнување на примената на овој закон. Фактот што незапочнатите постапки ќе се водат според одредбите на овој закон, според Судот, не значи ретроактивно дејство, од причина што постапката се уште не се започнати, не е превземено ниту едно процесно дејствие, поради што не може да се прифати тврдењето дека со ова законско решение се повредува член 52 став 4 од Уставот.

9. Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Подносителите на иницијативата сметаат дека член 102 став 1, во делот: „од 200 до 1200 евра“ и член 372 ставови 3 и 4 од Законот се спротивни на темелниот принцип на уставниот поредок на Република Македонија, владеењето на правото и начелото на химанизам, социјална правда и солидарност, без да наведат причини поради кои сметаат дека истите се неуставни, поради што по однос на конкретните законски одредби, Судот оцени дека нема основа да се впушти во уставно-судска елаборација, поради што Судот во овој дел иницијативата во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот, ја отфрли.

10. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов. Решението во делот под точката 1 е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.96/2011
16 ноември 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски