58/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за индустриска зона „Запад“ Блок В, општина Кичево, број 07-1474/7 од 17 август 2005 година („Службен гласник на општина Кичево“ број IV-1/2005 од 12 септември 2005 година).

2. Земјоделскиот комбинат Кичево АД, од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, со оспорената одлука бил донесен предметниот Детален урбанистички план нетранс-парентно па поради тоа тој бил спротивен на одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање. Воедно, во случајов со Планот било опфатено земјоделско земјиште да се користи за неземјоделски цели во рамки на индустриската зона, а Законот за земјоделско земјиште уредил дека земјоделско земјиште од 1 – 4 бонитетна класа можело да се преиначени за неземјоделски цели само доколку во реонот немало друго земјиште, а во случајов друго земјиште во државна сопственост од 4 и 5 бонитетна класа постоело во катастарската општина Челопеци и не било потребно да се планира дел од земјоделското земјиште на подносителот на иницијативата за неземјоделски цели. Ова особено поради тоа што на земјоделското земјиште кое подносителот на иницијативата го користело, имало изградено ладилник со помошни објекти и инфраструктура врз основа на одобрение за градба од 1974 година, а сепак со оспорениот план се предвидува дел од него да се користи за неземјоделски цели и за туѓи интереси. Од овие причини оспорената одлука не била во согласност со Законот за просторното и урбанистичкото планирање, Законот за земјоделско земјиште и членот 56 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 1 од Одлуката со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за Индустриска зона „Запад“ Блок В во општина Кичево, а во членот 2 е наведено дека Одлуката содржи документациона основа, текстуално образложение, графички прилози според законски одредби, стручна ревизија на Нацрт-планот, стручно мислење од Министерство за транспорт и врски, извештај по јавна анкета за нацрт планот и согласност на Предлог-планот од Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот.

Во членот 3 од Одлуката, е определено дека Планот се заверува во рок од 8 дена од денот на донесувањето и е утврден начинот на чување на Планот.

Според членот 4 од Одлуката, Планот ќе го спроведува Одделението за урбанизам и заштита на животната средина на општина Кичево, а според членот 5, оваа одлука се доставува до ЕЛС општина Кичево – Одделение за комунални дејности, Одделение за урбанизам и заштита на животна средина и до Министерството за транспорт и врски – Скопје, Сектор за уредување на просторот Скопје.

Според членот 6, оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Кичево“.

Одлуката е донесена од Советот на општина Кичево на седница одржана на 17 август 2005 година под број 07-1474/7 и е објавена во „Службен гласник на општина Кичево“ број IV-1/2005 од 12 септември 2005 година.

4. Судот на седницата, исто така, утврди дека со донесувањето на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005) од 30 јуни 2005 година, законодавецот уредил во членот 80 дека „постапката за донесување на урбанистички планови започната пред денот на примената на овој закон, ќе продолжи според одредбите на законот кој бил во сила на денот на нивното отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја поминал фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација“.

Оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за индустриска зона „Запад“ блок В, општина Кичево, број 07-1474/7 од 17 август 2005 година е донесена врз основа на спроведена постапка во време на важењето на поранешниот Закон за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), па оттука и уставносудската анализа на постапката ќе биде според одредбите од тој Закон.

Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/1998, 18/1999 и 2/2004), кој важел во времето на донесувањето на оспорениот План, во членот 38 предвидувал дека „Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина е должно при издавањето согласност на генералните урбанистички планови, што ги донесуваат општините, односно градот Скопје, да прибави мислење за трајна пренамена на земјоделско земјиште од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, доколку со плановите се опфаќа ново земјоделско земјиште од I до IV бонитетна класа, освен ако поинаку не е уредено со друг закон“.

Детален урбанистички план се донесува за одделни делови на населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план.

Имајќи предвид дека деталниот урбанистички план е детално планирање на просторот во рамки и во согласност со генералниот урбанистички план, а за генералниот урбанистички план од аспект на неговиот опфат на земјоделско земјиште за неземјоделски цели односно пренамена за други урбанистички намени се произнесува надлежното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство до Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, произлегува дека не може посебно да се испитува прашањето на пренамената на земјоделското земјиште во опфатот на деталните урбанистички планови, ниту може да се цени во рамки на уставносудска анализа усогласеноста на деталните со генералните урбанистички планови. Ова се елементи во надлежност на министерствата кои даваат мислења и согласности за плановите и нивната меѓусебна усогласеност.

Според член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/ 2002), просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.

Според член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите и детален урба-нистички план.

Деталниот урбанистички план, според член 11 став 1 од Законот, се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Според став 2 од истата одредба, опфатот на урбаниот блок за кој се изработува детален урбанистички план може да изнесува максимум 30 хектари, а минималниот опфат зависи од големината на урбаниот модул опре-делен со сообраќајници, водотеци и слично, со максимално почитување на постојната состојба, доколку е во согласност со Генералниот урбанистички план. Според содржината на став 3 од оваа одредба, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Деталниот урбанистички план, како план од пони-ско ниво мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план. Во ставот 4, е определено дека документацијата на Деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите прет-ставуваат документациона основа на планот, која заедно со нацрт планот се доставува на стручна ревизија според член 19 на овој Закон.

Од содржината на илен 17 став 1 од Законот произлегува дека плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета. Одлука за јавна анкета по нацрт деталниот урбанистички план во општината донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација (член 17 став 7).

Според член 18 од Законот, јавната анкета по детал-ниот урбанистички план ја организира општината и се спроведува со изла-гање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтере-сираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до орга-низаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови со образложение за неприфатените забелешки изработува општината (став 4).

Според член 19 од Законот, на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручната расправа односно јавната анкета, се врши стручна ревизија. Стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува односно формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот.

Според член 22 ставови 6 и 7 и член 23 од овој Закон, урбанистичките планови се донесуваат по издавањето согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Согласно цитираните законски одредби и од доказите во постапката на донесувањето на Деталниот урбанистички план за индустриска зона „Запад“ Блок В, општина Кичево, се утврди дека бил изработен Нацрт-план тех.број 154/2004 од страна на овластено правно лице „Перкан-Проект“ ДООЕЛ Прилеп и била извршена стручна ревизија на Нацрт-Планот во декември 2004 година од страна на лиценцирани лица од АД за урбанизам, архитектура и инженеринг ЗУАС – Скопје, како и Министерството за транспорт и врски се произнело со Мислење број 13-17894 од 20 јануари 2005 година во однос на Нацрт-планот. Одлука за организирање на јавна анкета по Нацрт-планот број 08-98/3 од 27 јануари 2005 година била донесена од Градоначалникот на општината Кичево кој изготвил соопштение до Радио Кичево да го емитува секој работен ден од 27 јануари до 9 февруари 2005 година. Во соопштението било наведено дека се известуваат граѓаните и правните лица дека Нацрт-планот ќе бил изложен во просториите на општината Кичево во рок од 10 дена во период од 27 јануари до 9 февруари 2005 година секој работен ден од 8 – 16 часот и можеле да се доставуваат анкетни листови во општината со писмени забелешки по Нацрт-планот.

Од списите по предметот Судот оцени дека не може со сигурност да се утврди во кои јавни гласила (одредбата наведува „јавни гласила“ што значи станува збор за најмалку две или повеќе) било објавено соопштението за одржување на јавната анкета по Нацрт-планот согласно членот 18 од Законот, односно дали тоа било објавено во дневен весник, како и нема доказ од Радио Кичево за прием и извршување на емитување на соопштението со наплата на услугата или друг доказ во врска со емитувањето, па оттука законитоста на овој дел од постапката на донесување на Планот може да се доведе под сомнение. Имено, и од Извештајот за јавната анкета број 08-180/2 од 16 февруари 2005 година изготвен од трочлена комисија произлегува дека бил поднесен само еден анкетен лист од граѓанин, односно лицето Ѓорѓија Андрески од Кичево барал дислокација на далековод кој пречел на неговиот објект и овој приговор бил прифатен и позитивно одговорен, но сепак останува прашањето дали и преку кои јавни гласила граѓаните имале сознание за одржување на јавната анкета на Нацрт-планот.

Стручната консултација по Нацрт-планот била спроведена во присуство на поканети претставници од „Македонски телекомуникации“, „Електродистрибуција“ – Кичево, ЈП „Комуналец“ – Кичево, „Перкан Проект“ – Прилеп, Министерството за транспорт и врски – подрачна единица во Кичево, ЈП „Македонија пат“ и ДОО „Горсај“ – Кичево, за што бил изготвен Записник број 08-158/8-1 од 10 февруари 2005 година. На оваа консултација не бил повикан Земјоделскиот комбинат кој е подносител на иницијативата пред овој Суд.

Министерството за транспорт и врски дало согласност број 13-1785 од 22 февруари 2005 година на Предлог-Планот и Планот бил донесен со оспорената Одлука на Советот на општина Кичево.

Врз основа на изнесената фактичка и правна состојба, Судот оцени дека законитоста, а со тоа и уставноста на оспорената одлука може да се доведе под сомнение, од аспект на согласноста со членот 18 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, кој важел во време на постапката за донесување на Планот и со членот 51 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.58/2011
9 ноември 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски