66/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 2 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 2 од Правилникот за надоместоците на судиите поротници („Службен весник на Македонија“ бр.105/2010).

2. Славе Ристовски од Крива Паланка, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот oзначен во точкaта 1 на ова решение.

3.Според наводите во иницијативата подносителот бара поништување на Законот за плаќање на надоместоци на судиите поротници и негово мислење е дека граѓаните на Република Македонија требало да бидат еднакви пред законот како во Градот Скопје така и во внатрешноста. Понатаму, наведува дека граѓаните на Градот Скопје како надоместок за едно рочиште добивале околу 200,00 денари (не знаел колку точно), додека останатите од внатрешноста за истата работа добивале само 100,00 денари. Со цел да ја добјасни оваа негова констатација го дава примерот на неговата керќа која била судија–поротник во Основниот суд Крива Паланка и која немала засновано редовен работен однос и била принудена да прифати да биде судија поротник за надоместок од само 100,00 денари за едно рочиште и понекогаш да плаќа дополнителни трошоци за превоз до судот или обратно.

Подносителот постапувајќи по укажувањето на Судот доставил дополнение на иницијативата во кое наведува дека го оспорувал членот 2 од Правилникот за надоместоци на судиите поротници бидејќи бил во спротивност со членот 9 од Уставот. Ова од причина што судиите поротници извршувале исти работни задачи и во судовите во градот Скопје и во судовите во внатрешноста и покрај тоа што некои судии поротници во повисоките судови биле со помала стручна подготовка од оние во пониските судови и смета дека требало сите судии-поротници да бидат изедначени во однос на висината на надоместокот без оглед на тоа во кој суд ја обавувале работата.
Поради тоа, смета дека со оспорената одредба се повредувал уставниот принцип на еднаквост на граѓаните и бара поништување на правилникот, се со цел да нема разлика во висината на надоместоците на судиите поротници за изршените работи.

4. Судот на седница утврди дека според членот 2 став 1 од Правилникот, надоместокот за вршење на работите на судија поротник во апелационите судови изнесува 200 денари. Според ставот 2 од истиот, надоместокот за вршење на работите на судија поротник во основните судови со проширена надлежност изнесува 200 денари. Согласно ставот 3 надоместокот за вршење на работите на судија поротник во основните судови со основна надлежност изнесува 125 денари.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно Амандман XXV на Уставот, со кој се заменува членот 98 од Уставот на Република Македонија, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според членот 103 од Уставот, судот суди во совет.

Со закон се утврдува кога суди судија поединец. Во судењето учествуваат и судии поротници кога тоа е утврдено со закон. Судиите поротници не можат да бидат повикани на одговорност за мислење и одлучување при донесување на судските одлуки.
Според ставот 1 алинеја 1 од Амандманот XXIX на Уставот, со кој се заменува членот 105 од Уставот, Судскиот совет на Република Македонија, ги избира и разрешува судиите и судиите поротници. Согласно ставот 2 на овој амандман, при изборот на судиите, судиите поротници и претседателите на судовите ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Со Законот за судовите се уредуваат основните начела врз основа на кои судовите ги остваруваат целите и функциите на судството; организацијата и надлежноста на судовите; изборот на судиите, претседателите на судовите и судиите поротници; нивните права, обврски и имунитет; престанок и разрешување од судиската функција; работите од областа на правосудната управа, судската управа, судскиот информатички систем; се уредува судската стручна служба; средствата за работа на судовите; поставеноста на судската полиција и други прашања поврзани со функционирањето на судовите и судскиот систем.

Согласно членот 38 став 3 од овој закон, во судењето учествуваат и судии поротници, кои согласно членот 42 од овој закон, ги избира и разрешува Судскиот совет на Република Македонија, под услови и во постапка определени со закон.

Со измената и дополнувањето на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010) согласно членот 42 став 3 од овој закон, психолошкиот тест и тестот за интегритет се применуваат и при избор на судиите-поротници. Според ставот 4, по изборот судиите-поротници задолжително посетуваат специјализирана обука организирана од Академијата за судии и јавни обвинители. Според ставот 5 од овој член, по завршувањето на обуката од ставот 3 на овој член, судиите-поротници полагаат испит за завршената обука. Согласно ставот 5 од овој член, доколку судијата – поротник не го положи испитот од ставот 4 на овој член му престанува функцијата, што со одлука го констатира Судскиот совет на Република Македонија. Според ставот 6 од овој член, по завршувањето на испитот од ставот 4 на овој член, Академијата за судии и јавни обвинители во рок од три дена до Судскиот совет на Република Македонија доставува листа на судии – поротници кои не го положиле испитот. Според ставот 7 од овој член, содржината, времетраењето и спроведувањето на обуката од ставот 3 на овој член се утврдува во специјализирана програма за обука на судии-поротници од страна на Академијата за судии и јавни обвинители. Согласно ставот 8 од овој член, содржината и начинот на спроведувањето на испитот од ставот 4 на овој член ги уредува Академијата за судии и јавни обвинители.
Во членот 43 став 4 од овој закон, за судија или судија поротник не може да биде избрано лице кое со член на Судскиот совет на Република Македонија е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар.

Согласно членот 44 ставови 2 и 3 од овој закон, Судскиот совет на Република Македонија по предлог на седниците на основните и апелационите судови со одлука го определува бројот на судии поротници во секој суд. Одлуката се објавува во „Службен весник на Република Македонија“.

Условите за избор на судија поротник се утрдени со членот 48 од овој закон, според кој за судија поротник може да биде избран полнолетен државјанин на Република Македонија со завршено најмалку средно образование, кој активно го владее македонскиот јазик, ужива углед за вршење на оваа функција и кој не е постар од 64 години.

Судија поротник за судење малолетници се избира од редот на лица со искуство во воспитанието и образованието на младите.
Со Законот за судовите е утврдено дека мандатот на судија поротник трае четири години и истиот може повторно да биде избран (член 49), судиите поротници имаат право на надоместок за вршење на работите на судија поротник (член 64 став 1) и судијата поротник не може да биде повикан на одговорност за искажано мислење и одлучување при донесување на судските одлуки.

Врз основа на член 64 став 2 од овој закон, министерот за правда донесе Правилник за надоместоците на судиите поротници („Службен весник на Македонија“ бр.105/2010) кој содржи 6 члена. Во членот 1 од овој правилник се утврдуваат надоместоците на судиите со кои се опфатени надоместокот за вршење на работите на судија поротник и трошоците за превоз до и од судот. Согласно оспорениот член 2 надоместокот за вршење на работите на судија поротник во апелациониот суд изнесува 200 денари во основниот суд со проширена надлежност изнесува 200 денари, а во основниот суд со основна надлежност изнесува 125 денари. Согласно членот 3 надоместокот на трошоците за превоз до и од судот се исплатува во висина од 50 денари за еден работен ден, доколку судијата поротник има живеалиште кое е оддалечено од судската зграда повеќе од 2,5 км. Според членот 4 надоместоците од членовите 2 и 3 од овој Правилник се исплаќаат најдоцна до крајот на тековниот месец.

Од основните начела на Уставот и од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот на Република Македонија судската власт ја конституирал како одвоена и независна од законодавната и извршната власт. Судската власт ја вршат судовите.

Тргнувајќи од уставната положба на судовите како посебни, самостојни органи кои судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, несомнено произлегува дека вршењето на судиската функција е условено со поседување на посебни стручни способности од страна на судиите кои учествуваат во судењето, во која смисла, со Законот за судовите, законодавецот ги утврдил условите потребни за вршење на судиската функција.

Имајќи ја предвид уставната определба дека во судењето учествуваат и судии-поротници кога тоа е утврдено со закон, како и фактот дека функцијата судија поротник има карактер на јавна функција, произлегува дека законодавецот, исто така, има овластување да ги пропише посебните услови кои треба да ги исполни граѓанинот за вршење на оваа функција.

Пропишувањето на ваквите посебни услови е во согласност со одредбата од член 23 од Уставот, од причина што Уставот не ги пропишува условите за здобивање на јавна функција, од каде произлегува дека ваквата функција може да се добие само под услови пропишани со закон, на кој начин се операционализира уставната определба дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Во однос на пропишувањето на средното образование како потребен минимум на образование како услов за извршување на оваа јавна функција, Уставниот суд веќе утврдил став дека пропишувањето на ваков посебен услов за вршење на оваа функција произлегува од спецификата на функцијата. Имено, со Уставот е јасно утврдено дека судот суди во совет во кој учествуваат и судии поротници, кои во однос на образованието со закон е определено да имаат минимум средно образование, а со тоа се обезбедува и лаичкиот елемент во одлучувањето на судот во рамки на правното и стручно судско одлучување, што е присутно и во други правни сиситеми, покрај нашиот.
Тргнувајќи од содржината на наводите во иницијативата Судот констатира дека истите се неосновани во однос на тоа дека утврдувањето на различна висина на надоместокот на судиите поротници во различни судови, не било во согласност со членот 9 од Уставот. Имено, законодавецот при пропишувањето на условите за вршење на функцијата судија поротник која се врши без засновање на работен однос е овластен да ги пропише посебните услови кои важат за сите граѓани за вршење на оваа функција и во судовите со различна надлежност. Судот утврди дека не е во негова надлежност да цени за целисходноста на пропишаните услови и надоместокот за вршење на оваа функција кои се дадени во Законот и подзаконскиот акт односно дали истите се оптимални за избор на судија поротник и за вршење на јавната функција. Имено, овластувањето се однесува на министерот со подзаконски акт поблиску да ги уреди и разработи одредбите од Законот за судовите каде се утврдени правата и обврските за граѓаните и истиот не воспоставува право на надоместок, туку само ја определува висината на надоместокот за вршењето на функцијата на судија–поротник во судовите со различна надлежност.

Отаму, Судот оцени дека за оспорената одредба од членот 2 од Правилникот за надоместоците на судиите поротници („Службен весник на Македонија“ бр.105/2010) не може основано да се постави прашањето на уставноста и законитоста.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.66/2011
2 ноември 2011 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски