Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 2 ноември 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Орце Серафимовски од Куманово за заштита на слободите и правата, кои се однесуваат на забраната на дискриминација, по основ на социјална припадност.
2. Орце Серафимовски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата, кои се однесуваат на забраната на дискриминација, по основ на социјална припадност.
Во барањето се наведува дека дискриминацијата по основ на социјална припадност била сторена на начин што Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија-Стручна служба, Филијала Скопје, со оспореното решение одбил да му ја зголеми пензијата на подносителот на барањето, на начин што не постапил по Решението на Уставниот суд, У.бр.71/2010 од 13 октомври 2010 година, со кое Судот оценил дека член 221 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2010) е во согласност со Уставот. Во точката 4 од истото решение, Судот определил како да се утврдува висината на пензијата и за кого да се однесува наведената законска одредба, односно дека пресметувањето на висината на пензијата согласно наведениот член од Законот е право кое ги опфаќа определените корисници на пензија по наведениот основ без оглед на нивното време на пензионирање и овој поповолен процент од 0,5% ќе се смета исклучиво и само за периодот по влегувањето во сила на Законот, за сите субјекти корисници на правото на пензија според одредбите од овој закон, бидејќи станува збор за пензиски односи, а тоа се односи кои се во тек.
Поради наведеното, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, како и Второстепениот орган направиле дискриминација кон подносителот на барањето, како припадник на една социјална група, на начин што тој немал еднакви права со воените старешини пензионирани пред 23 март 2010 година според Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Поради наведеното предлага Судот да ги поништи оспорените решенија и да донесе одлука со која ќе го определи начинот на утврдување на висината на пензијата по член 221 од новиот Закон за служба во Армијата на Република Македонија, со што ќе го заштити подносителот од повреда на правото. Исто така, се бара исплата на ретроактивна разликата за примената пензија.
3. Судот на седницата утврди дека, Орце Серафимовски од Куманово е корисник на старосна пензија сметано од 5 јуни 2006 година, кое право му е утврдено со Решение П.бр.148510 од 19 октомври 2006 година, донесено од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија-Стручна служба на Подрачната единица Скопје.
Именуваниот, како воен старешина во Армијата на Република Македонија, се стекнал со право на старосна пензија согласно член 226-б од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.112/2005). Во споменатата одредба било предвидено дека висината на пензијата на воен старешина на кој му престанал работниот однос во Министерството за одбрана и поради структурни промени во актот за формацијата на Армијата, се утврдува во зависност од должината на исполнетиот пензиски стаж, со тоа што пензиската основа во висина од 80%, се намалува за 1% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години. На подносителот на барањето му престанал работниот однос во Министерството за одбрана поради структурни промени во актот за формацијата на Армијата.
Наведениот закон престанал да важи со влегување во сила на новиот Закон за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010), односно сметано од 23 март 2010 година.
Новиот закон за служба во Армијата на Република Македонија, во член 221 пропишува дека кога на воен старешина- офицер, односно подофицер и цивилен персонал, работниот однос им престанува по потреба на службата во Армијата, висината на пензијата се утврдува во зависност на должината на исполнетиот пензиски стаж, а пензиската основица во висина од 80%, се намалува за 0,5% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години.
Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр. 71/2010 од 13 октомври 2010 година, оценил дека член 221 од новиот закон за служба во Армијата на Република Македонија не може уставно да се проблематизира, поради што не повел постапка за оценување на неговата уставност. За Судот, помеѓу другото, неспорно било дека законодавецот предвидел начин на пресметување на висината на пензијата за лицата определени во законот, со намалување на пензиската основица во висина од 80% за 0,5% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години. Судот утврдил дека ова законско решение е во важност со стапување во сила на Законот, од 15 март 2010 година и ќе се пресметува за сите субјекти на кои според Законот се однесува и кои стекнале право на пензија со најмалку 25 години пензиски стаж остварен во Армијата без оглед на возраста доколку не исполнуваат услови за старосна пензија. Според Судот, ова законско решение каде поранешниот процент од 1% е намален за 0,5%, важи за сите корисници според овој закон, односно воен старешина-офицер и подофицер како и цивилниот персонал кој бил во служба на Армијата, а не само за дел од нив кои се пензионирале под наведените услови по 15 март 2010 година. Според Судот, пресметувањето на висината на пензијата согласно оспорениот член 221 од Законот, е право кое ги опфаќа определените корисници на пензија по наведениот основ без оглед на нивното време на пензионирање и овој поповолен процент од 0,5% ќе се смета исклучиво и само за периодот по влегувањето во сила на Законот, за сите субјекти корисници на правото на пензија според одредбите од овој закон, бидејќи станува збор за пензиски односи, а тоа се односи кои се во тек. Во контекст на наведеното за Судот не било спорно и дека Законот за служба во Армијата на Република Македонија определил од буџетот на Министерството за одбрана да се обезбедуваат средства за остварување на правото на пензија регулирано со одредбите од овој закон, а со тоа, следејќи го законскиот режим на оспорените одредби од Законот, по 15 март 2010 година законодавецот го регулирал континуитетот на идното буџетско планирање на средства за оваа намена во Министерството за одбрана, за идните средства кои стасуваат за исплата со новиот процент на пензиската основица за воениот и цивилен персонал определен во овој закон без да се наруши законскиот режим на исплата на пензиски средства. Оттаму, овие законски одредби ќе се применуват единствено на онаа категорија лица кои веќе го оствариле правото на пензија или ќе го стекнат ова право по овој законски основ.
На 17 јануари 2001 година Орце Серафимовски до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија-Стручна служба, Филијала Скопје поднел барање за донесување на ново решение за старосна пензија, согласно член 221 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, односно висината на пензијата да се одреди со намалување од 0,5% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години. Со Решение П.бр.48510 од 16 март 2011 година барањето е одбиено како несоновано. Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање во втор степен по предметите за пензиското и инвалидското осигурување со Решение Ж.бр.43-1725/1 од 30 мај 2011 година ја одбила како неоснована жалбата на Орце Серафимовски. Ова решение е примено од страна на подносителот на барањето на 29 јуни 2011 година.
На 25 август 2011 година, Орце Серафимовски од Куманово поднел барање до Уставниот суд на Република Македонија за заштита на слободите и правата по основ на социјална припадност.
4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, нацио-нална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од наводите во барањето произлегува дека суштината поради која се бара заштита на слободите и правата по основ на социјална припадност е незадоволството на подносителот на барањето од примената на член 221 од новиот Закон за служба во Армијата на Република Македонија, поврзано со извршувањето на Решението на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.71/2010 од 13 октомври 2010 година, односно неприфаќањето на неговото барање за усогласување, односно зголемување на неговата пензија, согласно наведената законска одредба, кое нешто водело до негова дискриминација по основ на социјална припадност, поради што се бара од Уставниот суд да го поништи решението и да определи начин на утврдување на пензијата.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во суштина барањето не се однесува на заштита на слободите и правата повредени со дискриминација по основ на социјална припадност, како што подносителот само декларативно се повикува, туку претставува барање Уставниот суд да обезбеди извршување на свое решение и да одлучува за права и интереси на странката во конкретен предмет, за што Уставниот суд не е надлежен.
Во однос на прашањето за тоа дали и како се извршува Решението на Уставниот суд, У.бр.71/2010 13 октомври 2010 година, што претставува суштина на барањето, Судот го имаше предвид член 86 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, според кој одлуките на Уставниот суд ги извршува доносителот на законот, другиот пропис или општиот акт што со одлука на Судот е поништен или укинат. Според член 87 од Деловникот, Уставниот суд го следи извршувањето на своите одлуки и по потреба, ќе побара од Владата на Република Македонија да го обезбеди нивното извршу-вање. Тоа значи дека Уставниот суд нема надлежност да ги извршува своите одлуки, односно нивното извршување е во надлежност на органот што го донел оспорениот акт.
Во конкеретниот случај, тоа е Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, како првостепен орган кој го донел оспореното решение и надлежната комисија на Владата на Република Македонија, како второстепен орган надлежен да одлучува по жалба против тоа решение.
Според Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006 и 150/2010) за законитоста на актите на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога решаваат за правата и обврските во поединечни управни работи, одлучува судот во управен спор. Тоа значи дека за законитоста на оспореното решение, во смисла дали со истото правилно е применет членот 221 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, поврзано со извршувањето на Решението на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.71/2010 од 13 октомври 2010 година, надлежен да одлучува е Управниот суд, а Уставниот суд нема надлежност во оваа постапка.
Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.164/2011
2 ноември 2011 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски