У.бр.211/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 12 октомври 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 128 став 4 во делот “со кое решението на нотарот во целост или делумно е укинато” од Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2008).

2.Матеска Емилија и Матески Александар од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот oзначен во точкaта 1 на ова решение.

3.Според наводите во иницијативата подносителите предлагаат Судот повторно да поведе постапка за оценување на уставноста сега само на член 128 став 4 од Законот, бидејќи сметале дека не се во согласност со Амандманот XXI од Уставот со кој се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Подносителите на иницијативата наведувааат дека од она што им било приложено со известувањето јасно се гледало дека претходните иницијативи по кои Судот одлучувал во наведените решенија се однесувале на оценка на уставноста на делегирањето на нотарите како повереници. Првично биле поведени постапки за оценување на уставноста меѓудругото и на оспорениот член 128 се однесувале на законските одредби со кои се овластуваат нотарите како повереници на судот да преземаат дејствија и да донесуваат одлуки во оставинската постапка согласно Законот за вонпарнична постапка, со главна теза дека тоа било спротивно на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на власта. Судот, постапувајќи по таквите иницијативи оценил дека од духот на Уставот произлегувало дека можноста да се делегираат овластувањата на судот на други органи со јавни овластувања не било противуставно и од тие причини ја запрел постапката.

Според подносителите на иницијативата во конкретниов случај наводите во истата се однесувале на дел од одредбата на член 128 став 4 со која не го оспорувале генералното овластување на нотарите да постапуваат како повереници на судот туку го оспорувале делот од одредбата на овој член од причина што во истиот била направена повреда на уставното право на жалба. Имено, со оспорениот дел од член 128 став 4 во делот “со кое решението на нотарот во целост или делумно е укинато” била направена груба повреда на правото на жалба, Амандманот XXI точка 1 од Уставот, кој го гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Подносителите на иницијативата сметаат дека во практиката се наметнувало прашањето дали учесниците имале право на жалба и против решението со кое се потврдувало решението за наследување кое било донесено од страна на нотарот. (Во Апелациониот суд Скопје била одржана Заедничка работна средба на ден 04 јуни 2010 година на која заеднички став на четирите апелациони судови на Република Македонија бил дека ваквата жалба била недозволена).

Според подносителите на иницијативата во конкретниот случај станувало збор за одлука на суд донесена во прв степен што произлегувало од анализата на одредбите од Законот за судовите. Воедно, напоменуваат дека за вакво слично прашање веќе се изјаснил Уставниот суд со Одлука У.бр. 185/2006 од 17 јануари 2007, и го укинал членот 77 став 7 од Законот за извршување.

Подносителите на иницијативата инсистираат Судот повторно да одлучува за истата работа и да поведе постапка за оцена на уставноста и да го укине член 128 став 4 во делот со кое “решението на нотарот во целост или делумно е укинато” од Законот за вонпарничната постапка со што правото на жалба би било загарантирано за сите видови на одлуки од основниот суд како првостепен орган.

4.Според членот 128 став 4 од Законот, против решението на судот со кое решението на нотарот во целост или делумно е укинато, дозволена е жалба во рок од осум дена од доставувањето на првостепеното решение.

5. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд по повод поголем број иницијативи, постапуваше и изврши уставно судска анализа на повеќе одредби од Законотза вонпарничната постапка. Со Решенијата У.бр.39/2009 од 04 февруари 2009 година и У.бр.48/2008 од 04 февруари 2009 година ја запре постапката и по однос на одредбите на членот 126 став 1 во делот: “односно нотар како повереник на судот” и став 3 во делот “и да ги донесе сите одлуки”, членовите 127 и 128 (во кои е и сега оспорената), членот 132 став 1 во делот: “и донесуваат одлуки” и членот 134 став 2 во делот: “нотарот може да донесе одлука” и оцени дека имаат уставен основ.

Тргнувајќи од фактот дека претходно членот 128 став 4 од Законот не бил третиран од страна на Судот од нов аспект не се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на предметната иницијатива со која се бара Судот повторно да одлучува за уставност на оспорените законски одредби.

Имено, прашањето во овој предмет е дали статусот на нотарот како повереник на судот може на неговата одлука да и даде карактер на судска одлука во прв степен. Судот смета дека ниту нотарот се трансформира во суд, ниту неговите одлуки претставуваат судска одлука во прв степен, ниту приговорот против неговата одлука упатен до судот може да се смета како жалба против одлука на суд донесена во прв степен

Со Законот за вонпарничната постапка се утврдуваат правилата на постапката според кои судовите постапуваат и одлучуваат за личните, семејните, имотните и другите правни состојби и односи определени со овој или друг закон.

Според член 126 од Законот за расправање на оставина на држајанин на Република Македонија во однос на неговиот имот кој се наоѓа во Република Македонија исклучително е надлежен суд на Република Македонија, односно нотар како повереник на судот.

Судот ќе му го довери на нотарот спроведувањето на оставинската постапка и ќе му го достави оставинскиот предмет со сите списи, во рок од осум дена од денот кога предметот ќе биде заведен.

Кога нотар спроведува дејствија во оставинската постапка како повереник на судот, овластен е да ги презема сите дејствија во постапката и да ги донесе сите одлуки, освен оние за кои со овој закон поинаку е пропишано. Суд на Република Македонија исклучително e надлежен за расправање на оставина на државјанин на Република Македонија во однос на неговиот движен имот што се наоѓа во странство, а во однос на неговиот недвижен имот кој се наоѓа во странство ќе биде надлежен само ако според законите на државата во која се наоѓа имотот не е надлежен странски орган

Тргнувајќи од содржината на оваа законска одредба произлегува дека новината воведена во член 126 став 1 од овој закон се однесува на расправањето на оставината. Имено, покрај надлежноста на судот, предвидена е и надлежноста на нотар како повереник на судот, а потоа ставовите 2 и 3 од истиот член претставуваат надополнување на ставот 1,бидејќи тука се утврдува задолжување на судот за достава на оставинскиот предмет до нотарот заради спроведување на оставинска постапка, како и законско овластување на нотарот, како повереник на судот, за преземање на дејствија во оставинската постапка.

Во член 127 од Законот е предвидена судската заштита преку правото на приговор против решението кое го донесува нотарот во врска со спроведувањето на оставинската постапка, додека пак во членот 128, детално е разработено постапувањето на судот по поднесениот приговор против решението на нотарот, постапувањето на нотарот во случај кога не е изјавен приговор против неговото решение, како и начинот на исправка на евентуалните грешки содржани во решението за спроведување на оставинска постапка.

Оваа новина била воведена поради поефикасно постапување на судовите при спроведување на оставинската постапка. Во исто време се доаѓа до растоварување на судството од неспорни предмети и зголемување на ефикасноста на судството што е важен предуслов за остварување на правата на граѓаните и остварување на судската заштита.

Од друга страна пак, со Законот за нотаријатот се уредуваат постапката за именување и разрешување на нотарите, нивниот делокруг на работа и овластувања, составување на нотарски исправи и постапувањето со нив по упразнување на нотарското место, организацијата на нотаријатот и неговите органи, нотарите како повереници на судовите и другите органи, надзорот врз работењето на нотарите и дисциплинската одговорност.

Согласно членот 2 од овој закон, нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон по барање на граѓаните, државните органи, правните лица и други заинтересирани институции.

Според ставот 2 на овој член од законот, нотарот ја врши својата служба како основно занимање за времето за кое е именуван.

Со членот 3 од овој закон се утврдува дека нотарот нотарските работи ги врши слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на Уставот, закон, ратификувани меѓународни договори и други прописи и општи акти засновани врз закон.

Прашањето на пренесувањето на јавните овластувања својот основ го имат во Уставот на Република Македонија. Имено, според член 53 од Уставот адвокатурата е утврдена како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Според правната наука јавните овластувања се функции на државата чие вршење се доверуваат на установи, организации и заедници и најчесто се однесуваат на одделни односи од пошироко значење (решавање во поединечни управни работи, водење на евиденција, издавање на јавни исправи и сл.)
На овие субјекти правото да вршат јавно овластување им се пренесува со закон и се регулира со закон.
Во вршењето на јавното овластување државата го задржува правото да врши надзор над законитоста на работењето на субјектите на кого му е доверено тоа овластување.

Во поднасловот „Други работи кои можат да му се доверат на нотарот“ во членот 128 е предвидено дека судот или друг орган може на нотарот да му ги довери сите работи што се утврдени со посебен закон, доверената работа може во секое време,од оправдани причини, да му биде одземена на нотарот, нотарот одговара за штетата која како повереник на било кој орган им ја направил на странките.
Според ставот 3 од овој член, кога судот решението делумно ќе го укине или делумно ќе го потврди, самиот ќе одлучи за укинатиот дел на решението.

Од анализата на оспорената одредба произлегува дека станува збор за одредба каде законодавецот се определил да го креира правото на жалба, како гарантирано уставно право. Ова од причина што оспорениот дел на ставот 4 се однесува на ставот 3 на член 128 од Законот, каде што е предвидено кога судот ќе укине дел од решението не го враќа на нотарот на повторно одлучување, но судот самиот одлучува по прв пат за тој укинат дел и затоа е допуштена жалба. Судот, исто така, ја имаше во предвид Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија Одлука У.бр. 185/2006 од 17 јануари 2007, на која се повикуваат подносителите на иницијативата, но не ги прифати наводите од иницијативата од причина што оцената на целисходноста на оспорената законска одредба и предлогот да се дополни истата како што предлагаат подносителите на иницијативата не се прашања од уставно-правен аспект со што би можеле да ги доведат под сомненине оспорените законски одредби.

Според тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорениот член 128 став 4 во делот: “со кое решението на нотарот во целост или делумно е укинато” со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и Амандманот XXI на Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојановски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.211/2010
12 октомври 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Издвоено мислење по предметот У.бр.211/2010