113/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 октомври 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 13 точка 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008 и 167/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од законот означен во точката 1 од ова решение.

Во поднесената иницијатива од Стамен Филипов од Скопје, само се цитира содржината на оспорениот член 13 точка 3 од Законот, како и содржината на членот 96, 91 и 51 став 2 од Уставот на Република Македонија, без притоа да се наведат аргументи, односно образложени причини зошто оспорениот член од Законот не е во согласност со наведените членови од Уставот. Од тие причини подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 13 точка 3 од оспорениот закон органите на државната управа постапувајќи во рамките на своите надлежности во согласност со Уставот, законот и ратификуваните меѓународни договори ги извршуваат насоките и ставовите на Владата за работата на органите на државната управа.

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од содржината на иницијативата во која не се изнесени аргументи за неуставноста на оспорениот член 13 точка 3 од Законот, туку подносителот на иницијативата само дава цитати на оспорениот член од Законот и членовите од Уставот без притоа да даде аргументирани наводи и причини во која правна насока оспорениот член од Законот е во спротивност со Уставот, произлегува дека во конкретнава правна ситуација нема процесни претпоставки за постапување на Уставниот суд по иницијативата, односно нема услови за мериторно впуштање во уставно – судска анализа, поради што Судот согласно цитираната деловничка одредба иницијативата ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.113/2011
12 октомври 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски