Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 октомври 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Цвитко Золтан од Куманово, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, повредени со Решение П.бр. 146851 од 28.04.2011 година на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Стручна служба – Филијала Скопје.
2. Цвитко Золтан од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата по основ на социјална припадност, повредени со Решение П.бр. 146851 од 28.04.2011 година на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Стручна служба – Филијала Скопје.
Според наводите во барањето, дискриминацијата во конкретниот случај била сторена на начин што Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Стручна служба – Филијала Скопје, со оспореното решение одбил да ја зголеми пензијата на подносителот на барањето, со што не постапил по Решението на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр. 71/2010 од 13.10.2010 година, со кое Судот оценил дека член 221 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2010), е во согласност со Уставот, а во точката 4 од истото решение, определил како да се утврдува висината на пензијата и за кого да се однесува наведената законска одредба, односно дека пресметувањето на висината на пензијата согласно оспорениот член 221 од Законот, е право кое ги опфаќа определените корисници на пензија по наведениот основ без оглед на нивното време на пензионирање и овој поповолен процент од 0,5% ќе се смета исклучиво и само за периодот по влегувањето во сила на Законот, за сите субјекти корисници на правото на пензија според одредбите од овој закон, бидејќи станува збор за пензиски односи а тоа се односи кои се во тек.
Поради наведеното, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување вршел дискриминација кон подносителот како припадник на една социјална група и немал еднакви права со воените старешини пензионирани според Законот за служба во Армијата на Република Македонија по 23.03.2010 година, поради што се предлага Судот да го поништи оспореното решение на Фондот и да донесе одлука со која ќе го определи начинот на утврдување на висината на пензијата по член 223 од новиот Закон за служба во Армијата на Република Македонија, со што ќе го заштити подносителот од повреда на правото. Исто така, се бара исплата на ретро разликата за примената пензија од тогаш до денес.
3. Судот на седницата утврди дека подносителот на барањето, Цвитко Золтан, е корисник на старосна пензија сметано од 01.04.2006 година, кое право му е утврдено со Решение П.бр. 146851 од 30.06.2006 година, донесено од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Стручна служба – Подрачна единица Скопје.
Именуваниот, како воен старешина во Армијата на Република Македонија, се стекнал со право на старосна пензија согласно член 226-б од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 112/2005), според кој висината на пензијата на воен старешина на кој му престанал работниот однос во Министерството за одбрана и поради структурни промени во актот за формацијата на Армијата, се утврдува во зависност од должината на исполнетиот пензиски стаж, со тоа што пензиската основа во висина од 80%, се намалува за 1% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години.
Наведениот закон престанал да важи со влегување во сила на нов Закон за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010), односно сметано од 23.03.2010 година.
Новиот закон за служба во Армијата на Република Македонија, во член 221 пропишува дека кога на воен старешина – офицер, односно подофицер и цивилен персонал, работниот однос им престанува по потреба на службата во Армијата, висината на пензијата се утврдува во зависност на должината на исполнетиот пензиски стаж, а пензиската основица во висина од 80%, се намалува за 0,5% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години.
Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр. 71/2010 од 13 октомври 2010 година, оценил дека член 221 од новиот закон за служба во Армијата на Република Македонија не може уставно да се проблематизира, поради што не повел постапка за оценување на неговата уставност. Во образложението на Решението, Судот, помеѓу другото, оценил дека: „Тргнувајќи од изнесените уставни и законски одредби и од анализата на одредбите од оспорениот член 221 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, неспорно е дека законодавецот предвидел начин на пресметување на висината на пензијата за лицата определени во законот, со намалување на пензиската основица во висина од 80% за 0,5% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години. Ова законско решение е во важност со стапување во сила на Законот, од 15 март 2010 година и ќе се пресметува за сите субјекти на кои според Законот се однесува и кои стекнале право на пензија со најмалку 25 години пензиски стаж остварен во Армијата без оглед на возраста доколку не исполнуваат услови за старосна пензија. Имено, ова законско решение каде поранешниот процент од 1% е намален за 0,5%, важи за сите корисници според овој закон, односно воен старешина – офицер и подофицер како и цивилниот персонал кој бил во служба на Армијата, а не само за дел од нив кои се пензионирале под наведените услови по 15 март 2010 година. Впрочем, ниту во Законот има таква определба, а во случајов пресметувањето на висината на пензијата согласно оспорениот член 221 од Законот, е право кое ги опфаќа определените корисници на пензија по наведениот основ без оглед на нивното време на пензионирање и овој поповолен процент од 0,5% ќе се смета исклучиво и само за периодот по влегувањето во сила на Законот, за сите субјекти корисници на правото на пензија според одредбите од овој закон, бидејќи станува збор за пензиски односи, а тоа се односи кои се во тек. Во контекст на наведеново неспорно е и дека Законот за служба во Армијата на Република Македонија определил од буџетот на Министерството за одбрана да се обезбедуваат средства за остварување на правото на пензија регулирано со одредбите од овој закон, а со тоа, следејќи го законскиот режим на оспорените одредби од законот, по 15 март 2010 година законодавецот го регулирал континуитетот на идното буџетско планирање на средства за оваа намена во Министерството за одбрана, за идните средства кои стасуваат за исплата со новиот процент на пензиската основица за воениот и цивилен персонал определен во овој закон без да се наруши законскиот режим на исплата на пензиски средства. Имено, овие законски одредби ќе се применуват единствено на онаа категорија лица кои веќе го оствариле правото на пензија или ќе го стекнат ова право по овој законски основ.“
Подносителот на барањето, на 17.01.2011 година поднел барање до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Стручна служба – Филијала Скопје, со кое бара да се донесе ново решение за старосна пензија, согласно член 221 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, односно висината на пензијата да се одреди со намалување од 0,5% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години.
Со Решение П.бр.146851 од 28.04.2011 година, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Стручна служба – Филијала Скопје го одбил барањето на Цвитко Золтан како неосновано, со образложение дека именуваниот е корисник на старосна пензија сметано од 01.04.2006 година согласно член 226-б став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Решението е доставено до именуваниот на 12.05.2011 година, не е обжалено до Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање во втор степен по предметите од пензиското и инвалидското осигурување и станало конечно на 27.05.2011 година.
На 30.05.2011 година, Цвитко Золтан поднел барање до Уставниот суд на Република Македонија за заштита на право по основ на социјална припадност, повредено со Решението на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Стручна служба – Филијала Скопје, П.бр.146851 од 28.04.2011 година.
4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Според Судот, од наводите во барањето за заштита на слободите и правата на Цвитко Золтан, повредени со Решение П.бр.146851 од 28.04.2011 година на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Стручна служба – Филијала Скопје, произлегува дека суштината поради која се бара заштита на правото е незадоволството на подносителот на барањето од примената на член 221 од новиот Закон за служба во Армијата на Република Македонија, поврзано со извршувањето на Решението на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.71/2010, односно неприфаќањето на неговото барање за усогласување, односно зголемување на неговата пензија согласно наведената законска одредба, што, како што се наведува во барањето, водело до негова дискриминација по основ на социјална припадност, поради што се бара од Уставниот суд да го поништи решението и да определи начин на утврдување на пензијата.
Притоа, Судот утврди дека подносителот на барањето не го обжалил оспореното решение до второстепениот орган, во која смисла имал и соодветна правна поука, што би му овозможило и право на судска заштита пред Управниот суд, туку по конечноста на решението се обратил до Уставниот суд со барање овој суд да го поништи оспореното решение и да донесе одлука и да определи начин на зголемување на пензијата на барателот согласно член 221 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во суштина барањето не се однесува на заштита на слободите и правата повредени со дискриминација по основ на социјална припадност, како што подносителот само декларативно се повикува, туку претставува барање Уставниот суд да обезбеди извршување на свое решение и да одлучува за права и интереси на странката во конкретен предмет, за што Уставниот суд не е надлежен.
Во однос на прашањето за тоа дали и како се извршува Решението на Уставниот суд, У.бр.71/2010, што претставува суштина на барањето, Судот укажува дека треба да се има предвид дека согласно член 86 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, одлуките на Уставниот суд ги извршува донесувачот на законот, другиот пропис или општиот акт што со одлука на Судот е поништен или укинат. Според член 87 од Деловникот, Уставниот суд го следи извршувањето на своите одлуки, и по потреба, ќе побара од Владата на Република Македонија да го обезбеди нивното извршување. Тоа значи дека Уставниот суд нема надлежност да ги извршува своите одлуки, односно нивното извршување е во надлежност на органот што го донел оспорениот акт.
Во конкеретниот случај, тоа е Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, како првостепен орган кој го донел оспореното решение и надлежната комисија на Владата на Република Македонија, како второстепен орган надлежен да одлучува по жалба против тоа решение. Според Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006 и 150/2010), за законитоста на актите на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога решаваат за правата и обврските во поединечни управни работи, одлучува судот во управен спор. Тоа значи дека за законитоста на оспореното решение, во смисла дали со истото правилно е применет членот 221 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, поврзано со извршувањето на Решението на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.71/2010, надлежен да одлучува е Управниот суд, а Уставниот суд нема надлежност во оваа постапка.
Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.116/2011
5 октомври 2011 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски