117/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јуни 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Уверението за извршени промени во катастарскиот операт на земјиштето за КО Злокуќани, за КП.бр.229, донесено од Државниот завод за геодетски работи – Сектор за премер и катастар – Скопје, под УП.бр.1118/5871 од 28 ноември 2007 година.

2. Ванчо Томашевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Уверението означено во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспореното уверение не било во согласност со членот 8 од Уставот со кој било определено дека владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок, како и уставниот принцип за почитување на општоприфатените норми на меѓународното право. Ова поради тоа што подносителот во оспореното уверение добил погрешни и неправилни податоци од евиденцијата на Државниот завод за геодетски работи, со кои се негирало правото на сопственост на нивното семејство на предметната катастарска парцела која ја имале сеуште во владение, но не се водела како нивен имот, а со тоа биле повредени нивните сопственички права. Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспореното уверение.

3. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Оспорениот акт е донесен во 2007 година, во време на важењето на поранешниот Закон за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите („Службен весник на СРМ“ бр.27/1986 и 17/1991 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 109/2005 и 70/2006), кој престана да важи со донесувањето на новиот Закон за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008, 158/2010 и 51/2011).

Според одредбите на поранешниот Закон, катастарот на недвижностите е јасно определен дека претставува „јавна книга“ и увидот во податоците на катастарот на недвижностите е достапен на заинтересираните лица, доколку за одделни податоци со закон или со друг пропис не е определено поинаку. Премерот, катастарот и запишувањето на правата на недвижностите се вршат според одредбите на Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон не е определено поинаку.

Државниот завод за геодетски работи – Сектор за премер и катастар – Скопје, во 2007 година, по барање на лицето Ванчо Томашевски, согласно членот 174 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005), презентирал податоци од јавната книга за евиденција на катастарот на недвижности, во форма на уверение, за конкретно земјиште од катастарска парцела бр.229.

Според Судот, поаѓајќи од правните елементи што го прават прописот, а според кој треба да содржи општи норми на однесување и да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, произлегува дека оспореното уверение нема карактер на пропис поради што не е подобен за уставно судска оцена.

Имено, уверението е конкретен акт издаден од надлежен орган на барање на граѓанин во врска со определено земјиште, врз основа на службена евиденција од јавната книга за катастарот на недвижности, а која евиденција се води од надлежен орган согласно со закон.

Со оглед на тоа што оспорениот акт не претставува пропис во смисла на членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, туку конкретен акт на надлежен орган, Судот не е надлежен да одлучува за согласноста на оспорениот акт со Уставот, поради што се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.117/2011
22 јуни 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски