У.бр.18/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 22 јуни 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Виолета Дума, од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

2. Виолета Дума од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Во барањето се наведува дека со Решение на Судскиот совет, Дов.бр.07-6/6 од 15.06.2010 година, подносителката на барањето била разрешена од вршење на судиската функција поради сторени две повреди на членот 75 став 1 алинеја 2 од Законот за судовите, потврдено со Решение на Советот за одлучување по жалби при Врховниот суд на Република Македонија Дов. бр. 5/2010 од 10.12.2010 година. Имено, за првата повреда, и´ било ставено на товар дека во предмет по кој постапувала како претседател на судечки совет на Апелациониот суд Скопје, не побарала свое изземање од постапување по тој предмет согласно членот 37 став 1 од Законот за кривичната постапка, поради причини наведени во членот 36 став 1 точка 2 од ЗКП, каде во првостепена постапка по тој предмет, извршеното вештачење од Институтот за судска медицина при Медицинскиот факултет во Скопје, го верификувал нејзиниот сопруг проф. д-р Алексеј Дума, како директор на Институтот. Според барателката членот 36 став 1 точка 2 од ЗКП наведен во решението на Судскиот совет, предвидувал други случаи за изземање на судија, а не случај за изземање на судија поради постоење на околности кои предизвикувале сомневање во неговата пристрасност. Причините за изземање на судија на кои Судскиот совет се повикувал во решението, биле предвидени во одредба која нумерички не била цитирана, односно во ставот 2 на членот 36 од Законот, кој давал можност за изземање на судија ако постоеле околности кои предизвикувале сомневање во неговата пристрасност. Бидејќи одредбите на кои Судскиот совет нумерички се повикувал во Решението, не давале можност таа да бара сопствено изземање од постапување по конкретниот предмет, барателката смета дека во конкретниот предмет постапила не само законито, туку и крајно совесно, професионално и одговорно, како што постапувала и претходно по други предмети кога од истите причини, но согласно членот 36 став 2 од ЗКП, побарала да биде изземена, кое барање било усвоено од претседателот на судот.

По однос на втората повреда, за која и се ставало на товар дека го повредила членот 75 став 1 алинеја 2 од Законот за судовите барателката наведува дека неосновано и се ставало на товар утврдувањето идентитетот на обвинетиот, бидејќи тоа не било во законска надлежност на второстепениот, туку на првостепениот суд, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и другите органи на прогонот и дека доколку судечкиот совет со кој таа претседавала, се впуштела во утврдување на идентитетот на обвинетиот, директно ќе биле повредени одредбите од член 142 став 2 точка 4, член 151 став 3, член 210 став 1 и член 304 од ЗКП, како и одредбите од Законот за водење на јавна седница. Предлагањето на докази, се вршело во првостепена постапка, а второстепениот суд, не бил обврзан со закон да ги усвојува предлозите на странките, бидејќи тогаш тој не би бил суд. Наведува и дека судечкиот совет со кој таа претседавала, составен од пет судии професионалци, едногласно одлучил дека немало никаква законска пречка јавната седница да се одржи, а и потоа едногласно одлучил, без ниту еден издвоен глас, за потврдување на првостепената пресуда, а во случајот Судскиот совет, одлучил дека само двајца, меѓу кои и таа, постапувале нестручно и несовесно, но не и за останатите тројца судии. Оттука, барателката смета дека во случајот со Решението на Судскиот совет, била извршена и нејзина дискриминација, спротивно на член 9 од Уставот и член 14 од Европската конвенција за човековите права, бидејќи била ставена во нееднаква положба во однос на остварувањето на нејзините слободи и права.

Понатаму во барањето се наведува дека биле сторени повреди и во постапката пред Советот за одлучување по жалби при Врховниот суд, затоа што Советот бил должен да ја запре постапката за нејзино разрешување од причини што по донесувањето на првостепеното решение на Судскиот совет, со Одлука на Уставниот суд укинати биле повеќе одредби од Правилникот за постапката и начинот за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција и тоа токму оние, врз основа на кои била спроведена постапката за нејзино разрешување, а и поради тоа што помеѓу периодот кога се донесени овие решенија, донесен бил Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 150/2010), каде во членот 11 став 2 од овие измени на Законот, било утврдено дека “започнатите постапки за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција ќе се завршат согласно досегашните прописи и согласно со овој закон”. Од тие причини, според барателката тоа не отворало простор за потврдување на Решението на Судскиот совет, туку за запирање на постапката за нејзино разрешување од судиската функција.

Од погоре наведените причини, барателката смета дека со цитираните решенија и биле повредени нејзините слободи и права од членот 110 алинеја 3 од Уставот, бидејќи во случајот била повредена постапката за нејзино разрешување, а и поради тоа што таа не можела да биде разрешена од судската функција поради искажано мислење при одлучување по конкретни судски предмети, кое нешто било спротивно на членот 16 од Уставот со кој се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, а и според Амандманот XXVII од Уставот сpоred кој судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки, како и членот 15 став 1 од Законот за кривичната постапка и членот 8 од Законот за парничната постапка со кои законски одредби понатаму се операционализирале погоренаведените уставни одредби за слободното изразување на уверувањето, совеста, мислата и јавното узразување на мислата, кои му давале право на судот, без никакви формални доказни правила, слободно да го оценува постоењето или непостоењето на фактите, односно за докажаноста на истите, да одлучува по свое убедување.

Поради тоа, барателката предлага Уставниот суд да донесе одлука со која ќе утврдел дека со погоре цитираните решенија и било повредено правото и слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, а поединечните акти донесени од Судскиот совет на Република Македонија и Советот за одлучување по жалби формиран при Врховниот суд на Република Македонија ги поништи.

3. Судот на седницата утврди дека Судскиот совет на Република Македонија, по спроведена постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција према Виолета Дума, судија при Апелациониот суд Скопје, согласно член 74 став 1 алинеја 2 од Законот за судовите, член 58 став 4 алинеја 1 од Законот за судскиот совет на Република Македонија и член 20 став 1 алинеи 1 и 2 од Правилникот за постапката и начинот за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција, на седницата одржана на ден 10.06.2010 година, донел Решение Дов.бр.07-9/66 од 15.06.2010 година, со кое ја разрешил од судиската функција Виолета Дума, судија на Апелациониот суд Скопје, поради сторени две повреди нестручно и несовесно вршење на судиската функција, по член 75 став 1 алинеја 2 од Законот за судовите.

Незадоволна од Решението, судијата Виолета Дума, поднела жалба до Советот за одлучување по жалби формиран при Врховниот суд на Република Македонија поради суштествени повреди на постапката, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, со предлог да се запре постапката за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција, а обжаленото решение да го укине во целост и предметот да го врати на повторно одлучување.

Советот при Врховниот суд на Република Македонија, решавајќи по жалбата на судијата Виолета Дума, на седницата одржана на ден 10.12.2010 година, согласно член 37 став 1 алинеја 10 од Законот за судовите, донел Решение Дов.бр.5/2010 од 10.12.2010 година со кое жалбата на Виолета Дума ја одбил како неоснована, а Решението на Судскиот совет на Република Македонија Дов.бр.07-9/66 од 15.06.2010 година, го потврдил. Имено, овој суд, постапувајќи по жалбените наводи на жалителката Виолета Дума, утврдил дека, неосновани биле жалбените наводи за сторени суштествени повреди на одредбите од постапката, бидејќи решението било јасно и разбирливо и имало доволно причини за решителните факти. Исто така, овој суд утврдил дека првостепениот суд правилно ја утврдил фактичка состојба и го применил материјалното право.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 и 11 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во вториот дел од Уставот, кој се однесува на „Основните слободи и права на човекот и граѓанинот“, со одредбите од членовите 9–60 се утврдени граѓанските и политичките слободи и права, економските, социјалните и културните права, потоа гаранциите на основните слободи и права и основите на економските односи.

Со Уставот начелно се дефинирани основните слободи и права на човекот и граѓанинот, нивната конкретизација е во законите и другите прописи и општи акти, а за имплементацијата на прописите врз конкретни ситуации постои судска заштита и надлежност на други органи во системот на организацијата на власта.

Согласно членот 9 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 16 став 1 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Овие слободи и права се уредени и со член 18 од Универзалната декларација за човекови права според кој секој има право на слобода на мислата, совеста и религијата, а според член 19 секој има право на слобода на мислење и изразување, со тоа што според член 29 став 2 од оваа Декларација, при користењето на своите права и слободи, секој ќе подлежи само на такви ограничувања, какви што се определени со Закон, со единствена цел да се осигура должното признавање и почитување на правата и слободите на другите и со цел да се задоволат предметните барања во врска со моралот, јавниот ред и општата благосостојба во едно демократско општество.

Исто така и со членот 9 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, секој има право на слобода на мислите, совеста и верата, а според членот 10 од оваа Конвенција секој човек има право на слобода на изразувањето, кое право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите, а остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судењето.

Со членот 14 од Европската конвенција за човековите права е уредено дека уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

Според член 50 став 1 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност. Со ставот 2 од овој член на Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Согласно Амандманот XXV на Уставот со кој се заменува членот 98 од Уставот, судската власт во Република Македонија ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Според член 99 став 1 од Уставот, судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот.

Со Амандманот XXVI на Уставот со кој се заменува ставот 3 на членот 99 од Уставот, се утврдуваат случаите кога на судијата му престанува судиската функција и кога судијата се разрешува. Така, се утврдува дека судијата се разрешува:

– поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и
– поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон.

Со точката 1 на Амандманот XXVII со која е заменет ставот 2 на членот 100 од Уставот, е определено дека судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки.

Според Амандманот XXVIII став 1 на Уставот со кој се заменува членот 104 од Уставот, Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.

Согласно Амандманот XXIX став 1 на Уставот со кој се заменува членот 105 од Уставот и се брише алинејата 15 на ставот 1 на членот 68 од Уставот, Судскиот совет на Република Македонија:

– ги избира и разрешува судиите и судиите поротници;
– утврдува престанок на судиската функција;
– ги избира и разрешува претседателите на судовите;
– ја следи и оценува работата на судиите;
– одлучува за дисциплинската одговорност на судиите;
– одлучува за одземање на имунитетот на судиите;
-предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија и
– врши други работи утврдени со закон.

Согласно членот 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Со членот 110 од Уставот, децидно се утврдени надлежностите на Уставниот суд и тоа не е прашање препуштено на уредување со закон или друг пропис. Според алинеја 1 и 2 од овој член од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Според алинеја 3 од овој член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Уставносудската заштита не се однесува на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив, односно само за оние кои се во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија, определени во членот 110 алинеја 3 од Уставот. Но, граѓанинот, за слободите и правата кои не подлежат на уставносудска заштита, согласно цитираниот член 50 став 1 од Уставот, може таа заштита да ја остварат пред судовите во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност, а со ставот 2 од овој член на Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во членот 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од член 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита на слободите и правата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите врз кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Од цитираните уставни одредби произлегува дека судија не може да биде повикан а со тоа и да сноси кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесување на судска одлука, но судија може да биде разрешен од судиската функција поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон. Оттука, прашањето за разрешување на судија од судиска функција е препуштено на уредување со закон. Конкретно во Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија“ број 58/2006, 35/2008 и 150/2010) во Глава V. Престанок и разрешување од судиска функција, со членот 74 став 1 од наведениот закон, наведени се причините поради кои судијата може да биде разрешен од судиска функција, помеѓу другото и поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон, а во членот 75 од истиот закон, е наведено што се подразбира под нестручно и несовесно вршење на судиската функција и се наведени конкретните случаи за нестручност и несовесност. Во Законот за судскиот совет на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ број 60/2006 и 150/2010), помеѓу другото е уредена и постапката за разрешувањето на судија и судија поротник и постапката за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

Од содржината на барањето и неговите прилози, Судот утврди дека приложените акти се однесуваат на водена постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиска функција. Подносителката на барањето тврди дека токму од тие акти произлегува повреда на слободите и правата, чија заштита ја бара, бидејќи смета дека нејзиното разрешување било поради искажано мислење при одлучување во конкретни предмети како судија на Апелациониот суд во Скопје и поради незаконито водена постапка за утврдување на одговорност на судија во вршењето на судиската функција.

Уставниот суд на Република Македонија, меѓутоа, нема надлежност да одлучува за права и интереси на граѓани по конкретни предмети од надлежност на управни и судски органи, односно во конкретниот случај да одлучува за Решението Дов.бр. 07-6/6 од 15.06.2010 година донесено од Судскиот совет на Република Македонија и Решението Дов.бр. 5/2010 од 10.12.2010 година од Советот за одлучување по жалби при Врховниот суд на Република Македонија, од аспект на инстанционо повисок суд кој ќе ја цени уставноста и законитоста на одлуките на надлежните органи.

Што се однесува до наводите на кои се повикува подносителката на барањето по однос на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, Судот оцени дека не се исполнети предвидените услови од Деловникот во поглед на доказите и фактите потребни за утврдување на повреда на слободи и права на човекот и граѓанинот, поради следното:

Oдговорноста на судиите за искажано мислење при одлучување во судски предмети, Уставот изречно го забранил со Амандманот XXVII точка 1 со која е заменет ставот 2 на членот 100 од Уставот, оттука тоа не е и не може да биде аргумент ниту факт, од кои би произлегла повреда на слободите и правата на кои барателката се повикува, а спротивно на ова ниту се водела некаква конкретна кривична постапка по основ на искажано мислење при одлучување во судски предмети против барателката со оглед и на тоа дека нема индиции дека нејзините пресуди не опстојуваат. Од друга страна, слободите и правата на човекот и граѓанинот на слободно уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, претпоставуваат слободно дејствување во општествениот живот и тие автоматски не произлегуваат и не се врзуваат за човекот и граѓанинот од аспект на вршење на конкретни функции или други работи и работни задачи, кое дејствување е уредено со закон, туку генерално претставуваат слободи и права на секој човек и граѓанин, во смисла слободно да мисли за сите прашања и слободно да гради свест за себе, за природата и за општеството во кое живее и работи, да изнаоѓа, прима и шири информации и идеи по слободен избор за појави, настани или состојби од општествениот живот, наспроти правата кои ги ужива и обврските кои треба да ги почитува при општественото живеење.

Слободата на совеста е право на човекот слободно да го избира погледот на светот, во функција на развојот на моралниот и духовниот интегритет на личноста. Оттука, секој човек и граѓанин има право на слобода на уверување, мисли и јавно изразување на мисли, остварени и манифестирани на начин, во опсег и во функција на задржување на содржината и смислата на слободата и во функција на оневозможување на злоупотреба на слободата, заради спречување на загрозување на слободите и правата на секој и секого. Според тоа, остварувањето на овие слободи и права кое вклучува обврски и одговорности, може да се остварува под определени услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки, неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност и заштита на морал, углед или права на другите.

Оттука, вршењето на судиската функција која подразбира право на судијата да одлучува во конкретен судски предмет, претставува негова обврска за примена на Уставот, на законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, а не неограничена слобода и право на совест, мисла и јавно изразување на мислата, како лични слободи и права на човекот и граѓанинот, чија заштита се обезбедува пред Уставниот суд согласно член 110 алинеја 3 од Уставот.

Што се однесува до наводите дека актите со кои подносителката на барањето смета дека и била сторена таа повреда, и дека тие биле донесени во незаконито водена постапка, според Судот, тоа не се наводи што може да се доведат во контекст со содржината на слободите и правата, чија заштита се бара. Од друга страна Уставниот суд не е инстанционо надреден арбитер по однос на односните решенија и нема надлежност за да се впушта во оцена на законитоста на водени постапки пред надлежни органи.

Наводите изнесени во барањето дека Судскиот совет спротивно на членот 9 од Уставот и членот 14 од Европската конвенција за човекови права, извршил дискриминација на подносителката на начин што од пет членови на судечкиот совет, кои едногласно одлучиле за конкретна работа во конкретен предмет, само за барателката и уште еден судија утврдил нестручно и несовесно работење и ги разрешил од судиската функција, а не и останатите тројца судии и дека поради тоа барателката била ставена во нееднаква положба во остварувањето на нејзините слободи и права, Судот оцени дека тие не можат да се доведат во корелација со слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот. Ова од причини што барањето за заштита од дискриминација, односно причините за таа заштита, барателката ги образложува и темели на донесени одлуки на надлежни органи за разрешување на судии, со која не биле опфатени и другите судии од судечкиот совет, а не на релевантни факти и докази дека таа била спречена во уживањето на правата и слободите со нејзино дискриминирање, односно дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

5. Имајќи го предвид претходно наведеното, како и содржината на наводите изнесени во барањето и на доставените списи кон истото, Судот, утврди дека приложените конкретни акти не се акти од кои би можела да се констатира повреда на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот, а нема ниту факти и докази на кои би се засновало тоа барање, а следствено на тоа не постојат процесни претпоставки за да овој суд се впушти во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободи и права, поради што Судот одлучи да го отфрли барањето.

6. Врз основа на изнесеното, согласно наведените уставни и деловнички одредби, Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.18/2011
22 јуни 2011 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски