222/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јуни 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

– член 45-а ставови 1 и 2 во деловите: „и екстерно“, како и ставовите 4 до 13 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/ 1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/ 2010 и 18/2011) и
– член 71 став 1 во делот: „и екстерно“, како и ставовите 3 до 11 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија„ бр. 103/2008, 33/2010 , 116/2010, 156/2010 и 18/2011).

2. Ристо Алексовски од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делови од членот 45-а од Законот за средното образование и делови од член 71 од Законот за основното образование означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорените делови од членот 45-а од Законот за средното образование се предвидувало резултатите од екстерното проверување да не влијаат на општиот успех на ученикот, односно на неговите оценки, но истите се запишуваат во свидетелството за завршена година (став 10). Според тоа, иако оценката не била од влијание на општиот успех на ученикот, сепак истата се запишувала во свидетелството и според оспорениот став 11 од истиот член од Законот била еден од критериумите за запишување на ученикот во високо образовната установа.

Врз основа на наведеното можело да се заклучи дека законодавецот во оспорените ставови 10 и 11 од членот 45-а од Законот бил сосема нејасен и контрадикторен, со оглед на тоа што сите резултати запишани во свидетелството, вклучувајќи го и резултатот од екстерното оценување се еден од критериумите за запишување на ученикот во високообразовната установа, иако овој резултат не влијаел на општиот успех на ученикот.

Во натамошниот тек на иницијативата се цитираат членовите 46 и 57 од Законот кои ја уредуваат проблематиката на формирање на општиот успех на ученикот, како резултат на континуираното следење на ученикот во текот на целата учебна година, па се поставува прашање како било можно, откако на ученикот ќе му се утврди општиот успех, пресудна улога при уписот да имаат резултатите од екстерното оценување, кои пак не влијаеле на општиот успех.

Според подносителот на иницијативата противуставно било некој друг субјект, па макар тоа и да е Комисија составена од пет члена: директор, стручен соработник (кој директно не бил вклучен во наставниот процес) и тројца наставници, да организираат и спроведуваат проверување на успехот на учениците, бидејќи според нашиот образовен систем единствено надлежни за спроведување на наставниот процес и утврдување на општиот успех на ученикот биле наставниците, кои ја спроведувале наставната програма во училиштата, што произлегувало од содржината на членовите 1, 70, 79 и 80 од целината на Законот, како и членот 1 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/1998).

Во натамошниот тек на иницијативата, подносителот на иницијативата се задржува на ставот 8 од членот 45-а од Законот, во кој, меѓу другото, е предвидено екстерното проверување да се врши по четири наставни предмети, па се поставува прашање дали е можно добиените четири оцени од екстерното проверување по четири предмети да влијаат врз општиот успех на ученикот и да бидат пресудни за запишувањето во виско образовната установа? Според него, ваквиот начин на оценување (само по четири предмети) сепак го обврзувал ученикот да се подготвува за сите дванаесет или повеќе предмети, што ги изучувал во текот на годината, бидејќи не знаел кои предмети ќе ги полага. Се добивало впечаток дека интенцијата на законодавецот била на сметка на ученикот да ја тестира способноста на наставникот, што впрочем било јасно и од содржината на членот 70-а од Законот. Доколку, пак, законодавецот, сакал да ја оценува подобноста и објективноста на наставникот тоа можел да го направи на повеќе други начини, а не на грбот на ученикот. Според него, ноторно било дека и најдобриот ученик, на тест, од било кои причини, можел да се деконцентрира и да даде несоодветен одговор, иако континуирано во текот на целата година посигнувал многу солидни резултати, од каде подносителот на иницијативата прашува дали тој екстерен тест можел да биде поверодостоен од севкупната активност на ученикот во текот на целата година?

Од истите причини подносителот на иницијативата ги оспорува и одредбите од Законот за основното образование, а како тие по содржина биле слични со оспорените одредби од Законот за средното образование. Поради сето наведено подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби од двата закона биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека, во членот 45-а став 1 од Законот за средното образование е предвидено дека, следењето и проверувањето на напредокот и постигањето на успехот на учениците се врши со интерно и со екстерно проверување.

Ученикот има обврска на интерно и екстерно проверување на напредокот и постигањето на начин утврден со овој закон (став 2).

Интерното проверување на постигањето на успехот на учениците го вршат континуирано наставниците во училиштето според стандарди кои ги утврдува министерот на предлог на Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука (став 3).

Екстерното проверување се врши на крајот на секоја наставна година, освен за учениците во завршната година на средното образование, за кои екстерното проверување се врши по завршувањето на првото полугодие најдоцна до крајот на февруари во тековната учебна година (став 4).

Екстерното проверување го врши училишна комисија составена од пет члена: директор, стручен соработник и тројца наставници од училиштето (став 5).

Начинот на формирање и работење на училишната комисија, тајноста на материјалот за екстерно проверување, начинот и постапката на проверување на тестовите од училишната комисија, формата и содржината на извештајот ги пропишува министерот по предлог на Државниот испитен центар (став 6).

Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците се врши со тестови кои ги изготвува Државниот испитен центар на предлог на Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука (став 7).

Екстерното проверување на постигањето на учениците од ставот 4 на овој член се врши по четири наставни предмети согласно со наставниот план, а врз основа на генерален распоред и правила изготвени од страна на Државниот испитен центар (став 8).

Врз основа на генералниот распоред од ставот 8 на овој член, училишната комисија подготвува интерен распоред по паралелки, наставни предмети и наставници за спроведување на екстерното проверување во училиштето. Интерниот распоред го усвојува наставничкиот совет на училиштето (став 9).

Резултатите од екстерното проверување на напредокот и постигањето на успехот на ученикот од ставот 4 на овој член не влијаат на општиот успех на ученикот, односно на неговите оценки. Резултатите од екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците училиштето ги запишува во свидетелството за завршена година (став 10).

Резултатите запишани во свидетелството од ставот 10 на овој член се еден од критериумите за запишување на ученикот во високообразовна установа (став 11).

Училишната комисија доставува извештај за спроведеното екстерно проверување до Државниот испитен центар (став 12).
Приватното средно училиште спроведува екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците и за истото само ги сноси трошоците. Висината на трошоците ја утврдува министерот врз основа на реално направените трошоци (став 13).

Според член 71 став 1 од Законот за основното образование, следењето и проверувањето на напредокот и постигањето на успехот на учениците се врши со интерно и со екстерно проверување.

Интерното проверување на постигањето на успехот на учениците го вршат континуирано наставниците во училиштето врз основа на стандардите за оценување од членот 66 на овој закон (став 2).

Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците на крајот на секоја наставна година за учениците од четврто до деветто одделение го организира и спроведува училиштето преку училишна комисија (став 3).

Училишната комисија за екстерно проверување на постигањата на учениците е составена од пет члена: директор, стручен соработник и тројца наставници од училиштето (став 4).

Начинот на формирање и работење на училишната комисија, тајноста на материјалот за екстерно проверување, начинот и постапката на проверување на тестовите од училишната комисија, како и формата и содржината на извештајот ги пропишува министерот по предлог на Државниот испитен центар (став 5).

Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците се врши со тестови кои ги изготвува Државниот испитен центар на предлог на Бирото (став 6).

Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците од ставот 3 на овој член се врши по четири наставни предмети, согласно со наставниот план, а врз основа на генерален распоред изготвен од страна на Државниот испитен центар на предлог на Бирото (став 7).

Врз основа на генералниот распоред од ставот 7 на овој член, училишната комисија подготвува интерен распоред по паралелки, наставни предмети и наставници за спроведување на екстерното проверување во училиштето. Интерниот распоред го усвојува наставничкиот совет на училиштето (став 8).

Резултатите од екстерното проверување на постигањето на успехот на учениците од ставот 7 на овој член училиштето ги запишува во свидетелството за завршено одделение (став 9).

Резултатите запишани во свидетелството од ставот 9 на овој член се еден од критериумите за запишување на ученикот во средно училиште (став 10).

Училишната комисија доставува извештај за спроведеното екстерно проверување до Државниот испитен центар (став 11).

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 44 од Уставот на Република Македонија, секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Според член 45 од Уставот, граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Организацијата, функционирањето и управувањето во средното образование во Република Македонија како дел од системот на воспитанието и образованието, се уредува со Законот за средното образование, а дејноста на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем се уредува со Законот за основното образование.

Во конкретниот случај подносителот на иницијативата смета дека во оспорените законски одредби постоела непрецизност и противречност во определбата на законодавецот резултатите од екстерното проверување да не влијаат на општиот успех на ученикот, односно неговите оцени, но сепак во свидетелството за завршено соодветно основно, односно средно образование да се запише оцената од екстерното проверување. Непрецизност и противречност постоела и од причина што пресудна улога при уписот имале резултатите од екстерното оценување, кои пак се утврдувале по утврдувањето на општиот успех, иако тие резултати не влијаеле на општиот успех.

Според оцена на Судот вака изнесените наводи се неосновани, а поради следново:

Оценувањето на учениците како континуиран и системски процес опфаќа следење и проверување на постигнувањато и напредувањето на ученикот, како и прибирање и анализирање на показателите за целокупниот негов развој во воспитно образовниот процес. Во зависност од околноста дали станува збор за оценување по задолжителен или изборен предмет, дали се оценува описно или бројчано, дали се утврдува оценка за општиот успех, оценка од интерно или екстерно проверување и слично, Законот за средното образование и Законот за основното образование предвидуваат неколку видови на оценки, меѓу кои, спаѓа и оценката за утврдениот општ успех, како и оценката од направеното екстерно проверување. Според тоа, во прашање се различни оценки, според вид и начин на утврдување.

Дека е тоа така, произлегува од содржината на членот 46 од Законот за средното образование, според кој општиот успех на ученикот се утврдува врз основа на годишните оценки од сите задолжителни предмети на крајот на годината, а од содржината на членот 65 од Законот за основното образование произлегува дека оценката за општиот успех ја сочинуваат сите бројчани оценки (во зависност од периодот на школување бројчани оценки се добиваат и по изборните предмети, покрај оценките од задолжителните предмети).

Оценката за општиот успех се добива како резултат на спроведено интерно проверување на постигањето на успехот на учениците кое се врши континуирано од наставниците во училиштето (член 45-а став 3 од Законот за средното образование и член 71 став 2 од Законот за основното образование), а оценката за спроведено екстерно проверување се добива на крајот на секоја наставна година врз основа на тестирање спроведено од училишна комисија.

Според тоа, во свидетелството кое е јавна исправа за завршено соодветно основно или средно образование се внесуваат оценки по секој конкретен предмет (задолжителени и изборни), оценка за општиот успех и оценка од екстерното проверување.

Оттаму и произлегува определбата на законодавецот резултатите од екстерното проверување да не влијаат на општиот успех на ученикот, односно на неговите оценки (оспорениот член 45-а став 10 од Законот за средното образование). Тоа што вакво уредување не постои во одредбите од Законот за основното образование, според Судот не значи дека во основното образование резултатот од екстерното проверување влијае на општиот успех, бидејќи таквиот ефект би морал да биде пропишан во самиот Закон, односно во него би морало да биде нагласено дека резултатот од екстерното оценување има влијание на општиот успех, што понатаму би барало и разработка на кој начин, во кои случаи и во колкав обем би било таквото влијание.

Врз основа на сето наведено произлегува дека се во прашање два посебни начини на оценување (интерно и екстерно) кои немаат меѓусебно влијание, иако потекнуваат од ист наставно-образовен процес.

Со оглед на фактот што завршеното соодветно основно образование е услов за запишување во средно образование, односно завршеното средно образование е услов за запишување во соодветно високо образование, а исполнувањето на тој услов се докажува со приложување на свидетелство Судот не можеше да согледа несогласност со Уставот во определбата на законодавецот, резултатите запишани во свидетелството да се еден од критериумите за запишување на ученикот во среднообразовната и високообразовна установа (член 71 став 10 од Законот за основното образование и член 45-а став 11 од Законот за средното образование).

Тргнувајќи од фактот што интерното и екстерното прове-рување на постигањето на успехот на учениците се два различни по начин оценувања, кои се спроведуваат од различни субјекти (наста-вник кој ја утврдува поединечната оценка и оценката од општиот успех и комисија која ја утврдува оцената од екстерното проверување) произлегува дека подносителот на иницијативата неосновано укажува на противуставност заради тоа што комисија, а не наставникот го организирала и спроведувала проверувањето на успехот на учени-ците при екстерното проверување.

Впрочем, ваквата определба на законодавецот произлегува од ставот на Уставниот суд на Република Македонија дека вршењето и изведувањето на тестирањето треба да биде во надлежност на училиштето како образовна установа, односно не може да се одвива надвор од училиштето и воспитно-образовниот процес изразен во Одлуката У.бр.226/2008 од 1 јули 2009 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2009 од 16 јули 2009 година) со која беа укинати делови од членот 45 став 3 од Законот за средното образование и член 71 став 3 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008).

Прашањето пак за колкав број од вкупниот број на предмети ќе се спроведува екстерно проверување (според актуелните законски решенија за четири) е прашање кое навлегува во целисхо-дноста на законските решенија и се должи на спроведувањето на политика на државата во образовниот процес за кое Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува. Како и да е постои обврската на ученикот во секое време, континуирано да биде подготвен за оценување по сите наставни програми и планови.

Што се однесува до наводот од иницијативата дека оспорените одредби биле противуставни бидејќи законодавецот имал интенцијата на сметка на ученикот да ја тестира способноста на наставникот, Судот оцени дека се носновани, а заради следново:

Следењето и проверувањето на напредокот и посигањето на успехот на учениците се врши со интерно и екстерно проверување, а врз основа на резултатите од екстерното проверување на посигањата на успехот на ученикот се оценува објективноста и професионалноста на наставникот во вреднувањето на посигну-вањата на успехот на ученикот, од каде произлегува дека екстерното оценување е процес кој едновремено го вреднува успехот како на ученикот, така и на наставникот.

При тоа во членовите 69 и 70-а од Законот за средното образование и членовите 92 и 97 во Законот за основното образование се предвидени бенефити заради добро постигнатиот успех од екстерното проверување (унапредување во кариерата на наставникот во соодветни повисоки звања и зголемена плата), но и неповолности заради лошите резултати од екстерното проверување (обезбедување на стручна помош за наставникот и намалување на платата за 10 % од последната исплатена плата во траење од една година).

Според Судот, несоодветно е упатувањето на подно-сителот на иницијативата на членот 1 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.2/1998, кој покрај тоа што е погрешно означен (подносителот на иницијативата сакал да укаже на член 1 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование, објавен во “Службен весник на Република Македонија“ бр.92/2008), согласно член 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.33/2010) е избришан и повеќе не е дел од целината на Законот.

Од целокупно направената анализа може да се заклучи дека станува збор за комплексна законска материја која го издржува тестот на уставност од аспект на нејзината јасност и прецизност во креирањето на односите кои настануваат во воспитнообразовниот процес по повод споведувањето на екстерното проверување, поради што Судот оцени дека несоновани се наводите од иницијативата за повреда на уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорениот член 45-а ставови 1 и 2 во деловите: „и екстерно“, како и ставовите 4 до 13 од Законот за средното образование и оспорениот член 71 став 1 во делот: „и екстерно“, како и ставовите 3 до 11 од Законот за основното образование се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.222/2010
22 јуни 2011 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски