Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 јуни 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15-а од Законот за земјоделско земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.135/2007 и 18/2011).
2. Благој Димовски и Драган Јаковлевски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 15-а од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Законот уредувала ограничување на правото на сопственост кое не било ниту во функција на општиот интерес во земјата ниту било пропорционално. Европскиот суд за човековите права барал правична рамнотежа меѓу заштитата на правото на сопственост и општиот интерес. Бидејќи во случајов законодавецот не воспоставил таква правична рамнотежа помеѓу заштитата на правото на сопственост, од една страна, и општиот интерес, од друга страна, произлегувало дека законското решение не било во функција на општиот интерес и не било пропорционално, а со тоа било спротивно на повеќе одредби од Уставот, и тоа на: членот 8 став 1 алинеи 3 и 6 со кои е определено дека владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија; членот 9 став 2, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви; членот 30, со кој се гарантира правото на сопственост и правото на наследување и членот 51 став 1, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 15-а од Законот за земјоделско земјиште, е предвидено дека земјоделско земјиште во приватна и државна сопственост може да биде предмет на физичка делба меѓу сосопствениците или заедничките сопственици само доколку катастарската парцела е со површина поголема од 2 хектари.
4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1).
Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2).
Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3).
Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност (став 4).
Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според членот 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
Согласно ставот 3 од овој член од Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010), со членот 16 под наслов „Ствари од општ интерес за Република Македонија“ регулира:
„1) Сите природни богатства, растителниот и животинскиот свет, стварите во општа употреба, градежното земјиште, шумите и земјоделското земјиште, пасиштата и водите, како и стварите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се ствари (добра) од општ интерес за Републиката.
2) Стварите кои врз основа на Уставот или со посебни закони се прогласени за ствари од општ интерес за Републиката можат да бидат предмет на правото на сопственост на државата односно на физички и правни лица.
3) Облиците на сопственост врз градежното, семјоделското и шумското земјиште, пасиштата и водите се уредуваат со посебни прописи.
4) Ствари во општа употреба се ствари во државна сопственост кои ги користат сите физички и правни лица.
5) За стварите во општа употреба се грижи и со нив управува Република Македонија, ако поинаку не е определено со закон.
6) Стварите од општ интерес за Републиката уживаат посебна заштита и правата врз нив можат да се ограничуваат согласно со закон.
7) Со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени ствари од општ интерес во државна сопственост можат да се отстапат на користење на физички и правни лица (концесија)“.
Според членот 31 став 1 од овој закон, сосопственост е сопственост на повеќе лица кои имаат право на сопственост на неподелена ствар на која делот на секој од нив е определен сразмерно според целината (идеален, сосопственички дел).
Сосопственоста е регулирана со членовите 31-58 од овој закон, со кои е уредено: правото на првенствено купување кога сосопственикот кој има намера да го продаде својот сосопственички дел е должен на другите сосопственици со подавка преку нотар да им го понуди за продажба својот дел и да им ја соопшти цената и условите за продажба; потоа управувањето и одлучувањето за стварта е на секој сосопственик заедно со другите сосопственици како и за одржување на стварта; потоа, потребна е согласност од сите сосопственици за оттуѓување на целата ствар, промена на намената, издавање или закуп, засновање залог, засновање стварни службености, поголеми поправки и преправки и слично, а ако нема согласност одлучува судот; потоа, сосопствениците можат да му го доверат управувањето на стварта на еден или повеќе сосопственици или на трето лице – управител ….., потоа, трошоците за користење, управување и одржување на стварта и на товарите што се однесуваат на целата ствар ги поднесуваат сосопствениците сразмерно со големината на нивните делови.
Со членот 50 од овој закон е регулирано „правото на делба“ на стварта која е во сосопственост. Согласно одредбите од овој член од Законот, сосопственикот има право во секое време да бара делба на стварта, освен во време кога таа делба би била на штета за другите сосопственици, ако поинаку не е определено со закон. Правото на делба не застарува, ништовен е договорот со кој сосопственикот трајно се откажува од ова право и сосопствениците можат да се спогодат определено време да не бараат делба.
Со членот 51 од овој закон, е регулирана „судската делба“ на стварта помеѓу сосопствениците.
Според ставот 3 на овој член од Законот, во случај на делба на недвижноста доколку е тоа нужно за користење на еден или повеќе делови на недвижноста судот може да заснова службеност или реален товар на другите делови од недвижноста.
Делбата со исплата на другите сосопственици како и други прашања се уредени со другите одредби во овој дел од Законот.
Според членот 59 од Законот, заедничка сопственост е сопственост на повеќе лица на неподелена ствар кога нивните делови се определиви, но не се однапред определени (постои во случај на стекнување имот во брачна заедница, во вонбрачна заедница, во случај на здобивање имот во наследничка заедница, во семејна заедница и во други случаи определени со закон). Според членот 63 од овој закон е уредено „правото на утврдување на дел во заедничка ствар“, според кој секој заедничар може да бара утврдување на делот во заедничката ствар, ако такво утврдување е допуштено и можно. Со одредбите од овој член, меѓу другото, е уредено дека со определувањето на делот лицето станува сосопственик со другите кои остануваат заеднички сопственици се додека нивните делови не се поделат.
На заедничката сопственост се применуваат соодветно одредбите на овој закон за сосопственост.
Законот за земјоделско земјиште како предмет го има уредувањето на користењето, располагањето, заштитата и пренамената на земјоделското земјиште, со цел рационално користење на земјоделското земјиште како ограничен природен ресурс, негова заштита и обезбедување на правна сигурност на сопствениците и корисниците на земјоделското земјиште.
Според членот 3 од овој закон, земјоделското земјиште како добро од општ интерес за Републиката ужива посебна заштита и се користи под услови и на начин утврдени со овој закон.
Според членот 7 од овој закон, земјоделското земјиште може да биде во државна и приватна сопственост. Правото на сопственост врз земјоделското земјиште, создава права и обврски и служи за доброто на сопственикот и на заедницата.
Со членот 15-а од Законот е определено дека земјоделско земјиште во приватна и државна сопственост може да биде предмет на физичка делба меѓу сосопствениците или заеднички сопственици само доколку катастарската парцела е со површина поголема од 2 хектара.
Според Судот, од изнесените уставни и законски одредби и од уставносудската анализа на оспорениот член 15-а од Законот за земјоделско земјиште, од аспект на наводите во иницијативата, може да се констатира дека земјоделското земјиште со два закона е определено како добро од општ интерес (член 16 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права и член 3 од Законот за земјоделско земјиште). Со тоа во правниот поредок ужива посебна заштита и со законите е уреден режимот на користење. Земјоделското земјиште како природно богатство на Републиката, согласно членот 56 став 1 од Уставот, има уставен основ да биде со законите определено како добро од општ интерес, и неспорно е дека законодавецот може со закон да го регулира посебниот начин на користење на овој природен ресурс, заради негова заштита при што, од друга страна, мора да обезбеди правна сигурност на сопствениците на земјоделското земјиште.
Сопственоста подразбира право на владение, користење и располагање со стварта, од страна на сопственикот.
Судот оцени дека сите овие елементи не се попречени или одземени со оспореното законско решение од членот 15-а од Законот за земјоделско земјиште. Имено, сосопствениците, и кога се работи за земјоделско земјиште во површина до 2 хектара, можат да го владеат, користат и располагаат во целост. Земјоделското земјиште кое е со површина не поголема од 2 хектара, законодавецот регулирал физички да не се дели, а со тоа да нема утврдување на службености за пристап помеѓу деловите, како за премин така и за систем на наводнување или други дејствија, потоа да се елиминира проблемот на ситнење и граничарење а со тоа и евентуално имотно спорење помеѓу сосопствениците на деловите, како и да се спречи неможноста за соодветна употреба на механизација за обработка на земјиштето, бидејќи станува збор за земјоделско земјиште што не може бесконечно да се ситни меѓу делбениците во физичката делба, без притоа да се поремети намената а се работи за добро од општ интерес што бара заштита. Воедно, сосопственоста на земјоделското земјиште до 2 хектара, ги дава сите законски права на сосопствениците што им припаѓаат согласно законите, освен во делот на неможноста за физичка делба. Имајќи го тоа во предвид, произлегува дека со ограничувањето на сосопственоста во случајов со членот 15-а од Законот за земјоделско земјиште, не се оневозможува правото на владение, користење и располагање на сосопствениците на земјоделското земјиште во целина, туку се регулира определено ограничување со цел земјоделското земјиште како добро од општ интерес да се користи на начин кој ќе овозможи рационално, економично и ефикасно искористување за намената, а таа е земјоделска обработка или употреба за земјоделски цели, како и да се спречи евентуалното оневозможување за функционирање за намената која е земјоделска, а со тоа и правно заштитена. Оттука, сосопствениците мораат да го прилагодат своето право на сопственост спрема доброто од општ интерес во рамки на законската определба од членот 15-а од Законот. Намената на земјоделското земјиште можно е да биде фактички променета во неземјоделско, доколку физичката делба на една катастарска парцела со површина до 2 хектара (тоа значи и помала), доведе до делење помеѓу сосопствениците и нејзино уситнување што реално би ја попречило земјоделската употреба и намена, а со тоа суштински би се повредил општиот интерес на овој ограничен природен ресурс во Републиката, па оттука оспореното законско решение е во функција на заштита на општиот интерес без суштински да го попречи правото на сопственост на сосопствениците.
Од изнесеново, Судот оцени дека постои уставен основ за уредување на оспореното законско решение на начин како што е тоа регулирано со предметното ограничување, и не може уставно да се проблематизира од причините изнесени во иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.44/2011
8 јуни 2011 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски