У.бр.94/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 јуни 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Александар Петрушевски од Скопје за заштита на слободите и правата.

2. Александар Петрушевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата согласно член 50 од Уставот на Република Македонија.

3. Подносителот во барањето наведува дека премиерот на Република Македонија Никола Груевски ги загрозувал и ги кршел неговите права, на начин што три години го толерирал министерот за правда Михајло Маневски, кој не му дозволувал на директорот на Државниот управен инспекторат да го спроведе Законот за претставки и предлози. Премиерот Никола Груевски веќе 3 години не постапувал по член 91 од Уставот, како и министерот за правда и на тој начин им дозволувал на судиите, обвинителите и полициските службеници да прават што сакаат со него и со неговото семејство, и при тоа тој не можел да добие одговор на прашањата кои се предмет на неговите претставки. Во изминатите три години премиерот Никола Груевски активно го игнорирал и не одговарал на неговите 83 претставки што подносителот ги испратил до Владата или на неговата домашна адреса. Во сите тие претставки подносителот на барањето го прашувал премиерот зошто не постапува по членот 91 од Уставот, зошто не сака да му даде наредба на директортот на Државниот управен инспекторат да го спроведува Законот за претставки и предлози. Премиерот Никола Груевски не го земал предвид фактот дека подносителот на барањето е даночен обврзник, дека тој (премиерот) земал плата од народни пари и дека не го интересирало колку пари подносителот дал за 83-те претставки пратено до него и како и за 197 690 претставки што тој и неговото семејство ги имале пратено до разни македонски и европски институции. На овој начин премиерот Никола Груевски не само што не го почитувал членот 91 од Уставот, туку не го почитувал ниту неговото право од член 24 од Уставот бидејќи директорот на Државниот инспекторат Ромео Деребан, како и поранешниот директор Димитар Ѓеоргиевски не смееле да поведат постапка пред надлежниот суд за да се казнат со парична казна од 300-1000 евра оние судии, обвинители, полициски службеници, пратеници и министри во Владата кои одбивале да ги дадат сите потребни објаснувања во врска со прашањата кои се предмет на неговите претставки.

Подносителот понатаму наведува дека било жалосно да се лаже народот, преку рекламите на телевизиите дека секој граѓанин има право да поднесе претставка и да добие одговор, бидејќи тоа било лага.

На крајот од барањето подносителот наведува дека со овие дејствија премиерот Никола Груевски ги загрозувал неговите права, поради што тој бара нивна заштита од Уставниот суд, а доколку Судот не е надлежен, бара претставката да се препрати до надлежниот суд.

4. Судот на седницата врз основа на списите во предметот ја утврди дека подносителот на барањето за заштита на слободи и права Александар Петрушевски бара заштита на слободите и правата за кои што тој смета дека му се повредени со дејство на премиерот Никола Груевски и министерот на правда кои се состојат во оневозможувања на примената на Законот за претставки и предлози од страна на директорот на Државниот управен инспекторат и конкретно преку недавање одговор на бројните претставки поднесени од него и од членови на неговото семејство.

Со оглед на тоа што во самото барање подносителот наведува дека наведеното дејствие трае трае континуирано во изминативе три години, имајќи го предвид членот 51 од Деловникот на Уставниот суд, кој во случај на дејствие предвидува рокот да тече од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање, Судот утврди дека барањето е поднесено во рок.

– Од содржината на барањето и конкретните наводи во него Судот утврди дека во него подносителот во суштина бара заштита на правото од член 24 од Уставот, односно правото на секој граѓанин да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добие одго

5. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија може да бара заштита од Уставниот суд на Република Македонија во рок од два месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавање за преземање дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од пет години од денот на неговото преземање.

Од наведените уставни и деловнички одредби произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ги штити сите утврдени со Уставот основни слободи и права на човекот и граѓанинот, туку само оние кои се децидно наведени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Имајќи го предвид наведеното, а во тој контекст разгледувајќи го барањето за заштита на слободите и правата поднесено од Александар Петрушевски, Судот утврди дека во него подносителот не се повикува на повреда на ниту едно од слободите и правата за чија што заштита е надлежен Уставниот суд, туку бара заштита на правото од член 24 од Уставот – право на граѓанинот да поднесува претставки до државните органи и да добие одговор.

Оттука, со оглед на тоа што во овој случај барањето за заштита на слободите и правата не се однесува за заштита на слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, туку за други права чија заштита не е во надлежност на Уставниот суд, Судот одлучи барањето да го отфрли согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот Судот.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.94/2011
8 јуни 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски