62/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 јуни 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на меѓусебната согласност на член 31 став 2 и 77-а став 6 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010 и 171/2010).

2. Александар Рулески од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на меѓусебната согласност на членовите 31 став 2 и член 77-а став 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата и дополнувањето на иницијативата оспорените одредби биле спротивни на член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот, односно со нив биле повредени владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, а особено гарантирањето на сопственоста утврдено во членот 30 од Уставот според кој никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа.

Понатаму, подносителот ги цитира одредбите од член 31 став 2 и член 77-а став 6 од Законот за извршување и дава свој заклучок дека законодавецот правилно ги предвидел наведените одредби кои меѓусебно биле поврзани, условени, паралелни и компатибилни бидејќи извршителот именуван за подрачјето од основниот суд извршува извршни исправи за подрачјето за кое е именуван.

Поврзаноста на овие членови била токму во тоа што извршителот ја има обврската да продолжува да доставува судски писмена на судот каде е именуван.

Доколку оспорените дејствија се преземени на подрачјето на друг основен суд извршителот именуван за подрачјето на еден основен суд нема право и не може да доставува судски писмена од основниот суд за чие подрачје не е именуван, бидејќи сторува злоупотреба на професијата извршител, а воедно причинува материјална и нематеријална штета на странките.

Понатаму, според подносителот член 31 став 2 во делот, а при спроведувањето на изввршувањето презема дејствија на целата територија на Република Македонија бил во директна колизија со член 77-а став 6 од кои причини судот треба да поведе постапка за тоа дека извршителот именуван за подрачјето на еден основен суд не може и нема право да презема основни дејствија на подрачјето на друг основен суд (освен продолжените дејствија од судот од каде е именуван) и извршителот не може, нема право и нема надлежност да доставува писмено донесени од страна на основен суд од кој што е именуван.

3. Судот на седницата утврди дека според член 31 став 2 од Законот, извршителот се именува за подрачјето на основен суд и извршува извршни исправи на судот или органот чие седиште е на подрачјето за кое што е именуван, а при спроведувањето на извршувањето презема дејствија на целата територија на Република Македонија (став 2).

Според член 77-а став 6 од Законот, доставувањето на жалбата, одговорот на жалбата и решението на претседателот на судот, до странките и учесникот, се врши преку извршител чие седиште е на територијата на судот на која е преземено оспореното дејствие.

Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд,
Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд како и содржината на оспорените членови, наспрема наводите во иницијативата кои во суштина се сведуваат на барање на оценување на меѓусебна согласност на одредби од ист закон, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.62/2011
8 јуни 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски