У.бр.183/2010-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 мај 2011 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 53 во делот: „во висина определена со актите на Академијата и прописите за извршување на Буџетот на Република Македонија“ и член 62 став 7 во делот: „во висина определена со општите акти на Академијата и прописите за извршување на Буџетот на Република Македонија“ од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2010).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје и по сопствена иницијатива со Решение У.бр.183/2010 од 9 март 2011 година, поведе постапка за оценување уставноста на член 53 во делот „во висина определена со актите на Академијата и прописите за извршување на Буџетот на Република Македонија“ и член 62 став 7 во делот „во висина определена со општите акти на Академијата и прописите за извршување на Буџетот на Република Македонија“ од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на наведените членови со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 53 од Законот, членовите на Комисијата од членот 52 на овој закон имаат право на надоместок во висина определена со актите на Академијата и прописите за извршување на Буџетот на Република Македонија.

Судот, исто така утврди дека во членот 62 став 7 е предвидено дека членовите на Комисијата за завршен испит во почетната обука имаат право на надоместок во висина определен со општите акти на Академијата и прописите за извршување на Буџетот на Република Македонија.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Во членот 1 од Законот за академија за судии и обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/2010) е определено дека со овој закон се основа и се уредува работењето на Академијата за судии и јавни обвинители (во натамошниот текст: Академијата) како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, вршење на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управувањето и финансирањето на Академијата.

Целите на основање на Академијата се определени во членот 2 од Законот, според кој цел на основање на Академијата е да обезбеди професионално, независно, непристрасно и ефикасно извршување на судиската и јавно- обвинителската функција, како и стручно и ефикасно извршување на работите на стручните служби во судството и јавното обвинителство.

Согласно членот 37 од Законот, средствата за работа на Академијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија преку буџетот на „Судската власт“. Други извори на финансирање се: донации и подароци и самостојни приходи и приходи од издавање на публикации, реализација на обуки за други целни групи кои се надвор од областа на правосудството и во правосудството, реализација на проекти, грантови, кои не се во спортивност со дејноста на Академијата, а во согласност со Управниот одбор.

Според член 38 од Законот, буџетските средства од членот 37 став 1 на овој закон се обезбедува во висина за да го покријат организирањето и спроведувањето на приемниот и завршниот испит, почетната обука и задолжителна континуирана обука согласно со овој закон.

Согласно член 41 од Законот, Академијата организира почетна и континуирана обука.

Според членот 42, почетната обука се организира заради стекнување практични и теоретски знаења и вештини, со цел за создавање на високообучени, стручни и ефикасни кандидати за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства, како предуслов за почитување на принципот на владеењето на правото и заштитата на човековите права и слободи и создавање на квалитетна правда во интерес на граѓаните на Република Македонија.

Во членот 43 став 1 од Законот е определено дека слушатели на почетната обука се лица кои по положениот приемен испит се примени во почетната обука.

Според став 2 на член 43 од Законот, вкупниот број на слушатели на почетната обука се определува врз основа на одлуките на Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавни обвинители на Република Македонија земајќи го предвид вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства, како и проекцијата за потреба од места кои се пополнуваат по завршување на почетната обука.
Одлуките од став 2 на овој член, Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавни обвинители на Република Македонија се доставуваат до Академијата најдоцна до 31 март во годината во која Судскиот совет и Советот на јавни обвинители со одлуките од ставот 2 на овој член го определил вкупниот број на слушатели на почетна обука.

Во членот 52 од Законот е утврдено дека приемниот испит за почетна обука се полага пред Комисија за приемен испит, составот на Комисијата која брои 9 члена и нивни заменици, кој ја избира и на чиј предлог се избираат членовите и нивните заменици, како и кои лица не можат да бидат членови на Комисијата.

Во членот 53 кој е оспорен со иницијативата е предвидено дека членовите на Комисијата од член 52 на овој закон имаат право на надоместок во висина определена со актите на Академијата и прописите за извршување на Буџетот на Република Македонија.

Во членот 61 став 1 од Законот е предвидено дека по завршување на почетната обука слушателите на почетната обука полагаат завршен испит на кој се проверува практичното знаење и способноста стекнати во почетната обука за извршување на функцијата судија во основните судови и јавни обвинители во основните јавни обвинителства.

Во членот 62 од Законот е утврдено дека завршниот испит се полага пред Комисија за завршен испит, составот на Комисијата, кој врши избор на членовите на Комисијата, по чиј предлог и друго.

Од анализата на наведените законски одредби како и од целината на Законот произлегува дека законодавецот ја востановил Академијата како јавна установа која врши прием и стручно усовршување на идните судии и јавни обвинители, при што средствата за стручно усовршување, односно обука на кандидати и надоместокот за членовите на комисиите за полагање на приемен и завршен испит ги обезбедува државата, односно Академијата чиј главен извор на финансирање е Буџетот на Република Македонија преку буџетот на “ Судската власт” (член 37).

Оттука, имајќи предвид дека државата е таа која ги обезбедува финансиските средства, покрај другото, и за надоместокот на членовите на комисијата за полагање на приемен и завршен испит, Судот оцени дека решението од оспорениот дел на член 53 и член 62 став 7 од Законот не е оправдано во смисла на тоа Академијата во своите акти и прописи за извршување на Буџетот да ја определи висината на надоместокот.

За Судот, како и за подносителот на иницијативата не е спорно дека на членовите на комисиите за полагање на приемен и завршен испит им следува надоместок. При тоа останува спорно прашањето врз основа на кои критериуми односно, рамки ќе биде определена таа висина.

Од анализата на Законот, видно е дека Законот не содржи критериуми односно рамка врз основа на која Академијата во своите акти ќе ја определи висината на тој надоместок.

Тргнувајќи од наводите во иницијативата и содржината на наведените членови, Судот оцени дека со даденото законско овластување Академијата да ја утврдува висината на надоместокот, без притоа законот да содржи параметри, критериуми и рамка за утврдување на висината на надоместокот, кој неспорно може да биде разработен во актите на Академијата, се доведуваат во прашање уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.183/2010
4 мај 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски