Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 27 април 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 37 став 4 во делот
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 30-а став 9 од Законот означен во точката 1 на ова решение.
3. Јасминка Мирочевиќ- Шулевска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, со оспорените законски одредби според кои родителски додаток за дете можело да остварува мајка за своето трето живородено дете само ако детето било родено по 1 јануари 2009 година, а не и пред тоа и барањето за остварување на правото на родителски додаток можело да се поднесе само и исклучиво до наполнети три месеци живот на детето, а не и подоцна, се создавала нееднаквост на граѓаните во слободите и правата пред Уставот и законите. Тоа била невидена дискриминација и жално било што и децата од најмала возраст биле дискриминирани.
Според тоа, со оспорените одредби се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, утврдени во член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, член 9, член 35, член 41, член 42 ставовите 1, 3 и 4 и член 51 од Уставот, поради што се бара од Уставниот суд истите да ги поништи.
4. Судот на седницата утврди дека според член 30-а став 1 од Законот за заштита на децата, родителски додаток за дете остварува мајка за своето трето живородено дете. Според став 9 на истиот член, правото од ставот 1 на овој член ќе се остварува за трето новородено дете од 1 јануари 2009 година.
Според член 37 став 4 од Законот, барањето за остварување на правото на родителски додаток за дете со потребната документација се поднесува до надлежниот центар за социјална работа, најдоцна до наполнети три месеци живот на детето и правото на родителски додаток за дете се остварува од месецот во кој настанало раѓањето на детето.
5. Согласно член 1 став 1 од Уставот на Република Македонија, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.
Според член 8 став 1 алинеите 3 и 8 од Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Според член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.
Со Законот за заштита на децата се уредува системот, организацијата и начинот на обезбедување заштита на децата (член 1).
Според член 2 на овој закон, заштитата на децата е организирана дејност заснована на правата на децата, како и на правата и обврските на родителите за планирање на семејството и на државата и единиците на локалната самоуправа за водење хумана популациона политика. Заштитата на децата се остварува со обезбедување услови и ниво на животен стандард што одговара на физичкиот, менталниот, емоционалниот, моралниот и социјалниот развој на децата. Државата, како и единиците на локалната самоуправа се грижат за давање соодветна материјална помош на родителите за издржување, подигнување, грижа и заштита на децата и организирање и обезбедување на развој на установи и служби за заштита на децата.
Согласно член 3-а од Законот, во примената на одредбите на овој закон се тргнува од принципите на заштитата на правото на живот и развој на детето, заштитата на најдобриот интерес на детето, обезбедување минимум стандард за секое дете под еднакви услови, исклучување на каква било форма на дискриминација, почитување на правото на детето на слобода и безбедност на личноста, на сопствено мислење и слободно изразување, здружување и образование, услови за здрав живот и остварување на други социјални права и слободи на детето.
Според член 4 став 1 од Законот, права за заштита на децата во смисла на овој закон се:
1) детски додаток;
2) посебен додаток:
3) еднократна парична помош за новороденче;
4) партиципација и
5) родителски додаток за дете.
Согласно став 2 на истиот член, правата од став 1 на овој член под услови утврдени со овој закон ги обезбедува државата.
Постапката за остварување на правата за заштита на децата е уредена во посебна глава 5 од Законот, од член 31 до член 39.
Со член 37 од Законот се пропишува постапката за остварување на правата за заштита на децата – детски додаток, правото на посебен додаток, правото на еднократна парична помош за новороденче, правото на родителски додаток.
Во оваа смисла, со став 4 на овој член, се пропишува дека барањето за остварување на правото на родителски додаток за дете со потребната документација се поднесува до надлежниот центар за социјална работа, најдоцна до наполнети три месеци живот на детето и правото на родителски додаток за дете се остварува од месецот во кој настанало раѓањето на детето. Според став 8 на овој член, барањето за продолжување на правото родителски додаток за дете за наредната година се поднесува до 31 март во таа година, а според став 9 на истиот член, барањето за продолжување на правото родителски додаток за дете поднесено после рокот утврден во ставот 8 од овој член ќе се смета како ново барање и барателот ќе се стекне со продолжување, односно користење на правото првиот ден на наредниот месец од месецот во кој е поднесено барањето за продолжување на правото.
Наводите во иницијативата дека со член 37 став 4 од Законот, во делот:„ најдоцна до наполнети три месеци живот на детето“, се создавала нееднаквост на граѓаните во остварување на слободите и правата пред Уставот и законите и се вршела дискриминација на децата од најмала возраст, Судот ги оцени како неосновани. Имено, законодавецот, во рамките на своето уставно овластување да донесува закони и да уредува сфери од општественото живеење, со Законот за заштита на децата, ја операционализирал уставната обврска на Републиката посебно да ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица, во која смисла ги утврдил правата за заштита на децата и пропишал постапка за остварување на истите. Притоа, законодавецот е обврзан да го почитува уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, што во суштина значи обврска на законодавецот во законот да утврди исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат своите слободи, права и должности, без притоа да се прави разлика помеѓу граѓаните по основ на пол, раса, боја на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Според Судот, токму на овие принципи законодавецот ја пропишал постапката за остварување на правото на родителски додаток за трето дете, со тоа што пропишал рок за поднесување на барање за остварување на ова право, кој несомнено важи за сите кои ги исполнуваат законските услови и се заинтересирани за остварување на правото, поради што не може да се прифатат како основани наводите во иницијативата дека со тоа се создавала нееднаквост на граѓаните во остварување на слободите и правата и се правела дискриминација на децата од најмала возраст.
Во однос на тоа дали конкретно пропишаниот рок – барањето да се поднесе најдоцна до наполнети три месеци живот на детето (ист рок е предвиден и за остварување на правото на еднократна парична помош за новороденче), е оптимален рок за остварување на правото на родителски додаток, Судот оцени дека е прашање на целисходност за што е надлежен законодавецот, а не Уставниот суд.
Поради наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 37 став 4 делот:„ најдоцна до наполнети три месеци живот на детето“ од Законот за заштита на децата со одредбите на Уставот на кои се повикува иницијативата.
6. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Според член 30-а од Законот, родителски додаток за дете остварува мајка за своето трето живородено дете (став 1). Правото од ставот 1 на овој член го остварува мајка која е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во Република Македонија последните три години пред поднесување на барањето (став 2). Правото од ставот 1 на овој член го остварува мајка која непосредно се грижи за детето за кое поднела барање, чии деца од претходниот ред на раѓање не се сместени во установа за социјална заштита, згрижувачко семејство или не се дадени на посвојување и на која не и е одземено родителското право над децата од претходниот ред на раѓање (став 3). Правото од ставот 1 на овој член не може да се оствари ако мајката за време на бременоста не ги вршела задолжителните здравствени прегледи и контроли согласно со закон (став 4). Правото од ставот 1 на овој член не може да се оствари односно ќе го изгуби веќе оствареното право, доколку: не се вршат задолжителните вакцинации на детето согласно со закон и детето не биде запишано и редовно не ја следи наставата во основно училиште согласно со закон (став 5). По исклучок од ставот 5 алинеја 2 на овој член правото на родителски додаток се остварува и за детето: кое поради болест или повреда е спречено редовно да ја посетува наставата и заради таквата спреченост вонредно го продолжува образованието согласно со закон и кое поради степенот на попреченоста не може да се образува согласно со закон (став 6). Правото од ставот 1 на овој член не може да се оствари ако мајката во моментот на поднесувањето на барањето живее и работи во странство (став 7). Правото од ставот 1 на овој член во случај мајката да не е жива, да го напуштила детето, или од оправдани причини да е спречена непосредно да се грижи за детето, правото наместо мајката може да го оствари таткото или старателот доколку ги исполнува условите од ставовите 1 до 7 на овој член (став 8). Правото од ставот 1 на овој член ќе се остварува за трето новородено дете од 1 јануари 2009 година (став 9).
Одредбата од членот 30-а во Законот е внесена со Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2008 од 4 август 2008 година), а изменета со Законот за изменување на Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 107/2008 од 29 август 2008 година). Со овој член е востановен родителски додаток за дете кој го остварува мајка за своето второ, трето и четврто живородено дете, која е со место на живеење во општини на Република Македонија со стапка на природен прираст на населението под 2,1 според статистичките податоци од Државниот завод за статистика на Република Македонија објавени пред две години од тековната година (став 1), при што ова право ќе се остварува за второ, трето и четврто новородено дете од 1 јануари 2009 година (став 6).
Уставноста на законската определба за воведување на овој родителски додаток, сметано од 1 јануари 2009 година, била предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, при што, Судот, со Одлука У.бр.160/2008 од 1 април 2009, го укина член 30-а став 1 во делот: „која е со место на живеење во општини на Република Македонија со стапка на природен прираст на населението под 2,1 според статистичките податоци од Државниот завод за статистика на Република Македонија објавени пред две години од тековната година“ и став 2 во делот: „со постојано место на живеење од најмалку три години во општините од ставот 1 на овој член“ од Законот за заштита на децата, а со Решение У.бр.160/2008-0-1 од 1 април 2009 година, ја запре постапката за оценување на уставноста на член 30-а став 1 во делот: „Родителски додаток за дете остварува мајка за своето второ, трето и четврто живородено дете“, став 2 во делот: „Правото од ставот 1 на овој член го остварува мајка, која е државјанин на Република Македонија“, ставовите 3, 4, 5 и 6 и на член 30-б од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2000, 17/2003, 65/2004, 113/2005, 98/2008 и 107/2008), затоа што оцени дека со наведените одредби, гледани секоја посебно и сите заедно, се обезбедува правото на родителски додаток за дете да се остварува на целата територија на Република Македонија, еднакво за сите граѓани на Република Македонија кои се во иста положба односно имаат второ, трето и четврто дете, како и дека се во функција на заштита на мајчинството и заштита на децата со оглед дека се однесуваат на сите мајки и деца во државата, поради што не се несогласни со одредбите на Уставот кои се однесуваат на основните слободи и права признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; хуманизмот, социјалната правда и солидарноста (член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8), еднаквоста во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (член 9 став 1) и таа еднаквост се обезбедува со Уставот и со законите (член 9 став 2), така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот (член 51 став 1) и секој е должен нив да ги почитува (член 51 став 2), како и дека се во согласност со одредбите од Уставот според кои Републиката обезбедува посебна грижа и заштита на семејството (член 40 став 1), посебна заштита на мајчинството, децата и на малолетните деца (член 42 став 1), а должна е да води и таква политика за населението во целата држава која ќе обезбеди нејзин усогласен економски и социјален развој (член 41 став 2).
Со член 26 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 83/2009 од 3 јули 2009 година), членот 30-а ја добива својата актуелна содржина, според која, со измените на ставот 1, се утврдува дека родителски додаток за дете остварува мајка за своето трето живородено дете, а според ставот 6 кој станува став 9, зборовите: “второ, трето и четврто” се заменуваат со зборот “трето”, што значи дека родителскиот додаток, по оваа измена на Законот, се остварува само за трето живородено дете, но и понатаму останува определбата од воведувањето на ова право, овој додаток да се остварува сметано од 1 јануари 2009 година.
Со сега доставената иницијатива повторно се бара оценување на уставноста на законското решение од член 30-а став 9 (претходен став 6) правото на родителски додаток за трето дете, да се остварува од 1 јануари 2009 година.
Од анализата на оспорениот став 9 од Законот, Судот оцени дека овој став, во суштина го задржал своето основно значење кое го имал и пред измената, односно дека остварувањето на родителскиот додаток за трето дете, воведен со измените на Законот од 4 август 2008 година, останува да се остварува сметано од 1 јануари 2009 година, односно за ист период како што било утврдено при воведувањето на овој родителски додаток, за кое Судот се произнел дека е решение со кое се обезбедува правото на родителски додаток за дете, вклучително за трето дете, да се остварува на целата територија на Република Македонија, еднакво за сите граѓани на Република Македонија кои се во иста положба, како и дека е во функција на заштита на мајчинството и заштита на децата со оглед дека се однесуваат на сите мајки и деца во државата, поради што оценил дека е во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, член 9, член 40 став 1, член 41 став 2 и член 42 став 1 и член 52 од Уставот
Со оглед дека со сега доставената иницијатива повторно се бара оценување на согласноста на оваа одредба во однос на истите уставни одредби, а нема основи за промена на ставот на Судот искажан во Решението У.бр.160/2008-0-1, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 став 2 на Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во тој дел.
7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.21/2011
27 април 2011 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски