83/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 27 април 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 23 во делот

2.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 67 алинеја 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3.Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Во однос на оспорениот дел од член 23 на Законот подносителот на иницијативата наведува дека правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, а не и со општ акт на органот на управување како што е тоа предвидено во законската одредба, поради што оспорениот дел од законската одредба не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и со член 51 од Уставот на Република Македонија.

Во врска со член 67 алинеја 4 од Законот, во иницијативата се наведува дека во оваа законска одредба не бил означен видот на кривичното дело кое јавниот службеник го прави недостоен за јавен службеник и за вршење на службата во институцијата, па од таквата законска одредба произлегувало дека осудата за кое било кривично дело во врска со службената должност и на која било кривична санкција претставува основа за престанок на вработувањето на јавниот службеник. Оттука, поради недоволна прецизност и јасност, како и поради необезбедување на правна сигурност на граѓаните што е елемент на темелната вредност владеењето на правото, членот 67 алинеја 4 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1 и со член 14 став 1 од Уставот. Покрај тоа, наведената законска одредба определувала правна последица од осудата автоматски по сила на закон да биде и престанок на вработувањето на јавниот службеник, иако кривично-правниот однос се исцрпувал на релација казнено дело и судски изречена казна за сторителот, па натамошни последици не биле дозволени, поради што тој член од Законот не бил во согласност ниту со член 8 став 1 алинеја 4, член 9, член 32 ставовите 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и Амандман XXV на Уставот на Република Македонија.

4.а) Судот на седницата утврди дека според член 23 од Законот „јавниот службеник има право на плата и надоместоци на плата под услови и критериуми утврдени со закон, колективен договор и општ акт на органот на управување.“

б) Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1); Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека владеењето на правото се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, како и така што секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Уставот определува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори.

Имајќи ги предвид изнесените уставни одредби, пред Судот се постави прашањето дали определувањето во оспорениот член 23 од Законот, условите и критериумите за правото на плата и надоместоци на плата на јавниот службеник да се утврдуваат и со општ акт на органот на управувањето, не излегува надвор од уставните определби тие права да се уредат со закон и колективен договор и дали член 23 во делот: „и општ акт на органот на управување“ од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

5.а) Судот, исто така, утврди дека според член 67 алинеја 4 од Законот, „на јавниот службеник му престанува вработувањето по сила на закон, ако биде осуден за кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за јавен службеник и за вршење на службата во институцијата – со денот на врачувањето на правосилната пресуда.“

б) Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1) и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1); Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2); Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1); Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според Амандман XXV точка 1 на Уставот, судската власт ја вршат судовите (став 1); Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот (став 2); Забранети се вонредни судови (став 3).

Од изнесените уставни одредби, меѓу другото, произлегува дека поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека таа вредност се остварува така што со закон се утврдуваат делата кои се казниви и никој не може да биде казнет пред законското утврдување на казнивото дело и надвор од законската дефиниција на казнивото дело, при што само суд со правосилна судска одлука утврдува вина и изрекува казна и со тоа се исцрпува кривично-правниот однос. Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, како и дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Поаѓајќи од изнесените уставни одредби во оцената на уставноста на член 67 алинеја 4 од Законот за јавните службеници, Судот утврди дека законската одредба не е во несогласност со Уставот кога како посебна причина за престанок на работниот однос на јавниот службеник ја предвидел конкретната состојба предизвикана од самиот вработен како сторител на кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за јавен службеник и за вршење на службата во јавната институција, со денот кога на тоа лице му е врачена правосилната пресуда.

Ова поради тоа што со оспорената законска одредба јасно е утврден причинскиот однос на забраната на вработениот да продолжи да биде во работен однос поради постоење на правосилна судска пресуда со која е утврдено дека јавниот службеник сторил такво кривично дело со кое ја злоупотребил својата положба при вршењето на службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за јавен службеник. Имено, оспорената законска одредба прецизно утврдува дека за престанок на работниот однос на јавниот службеник првенствено се поаѓа од постоење на правосилна пресуда на судот со која е осудено лицето кое е во работен однос како јавен службеник за кривично дело во врска со службената должност, а не препушта на претпоставки за сторено кривично дело.

Судот утврди дека оспорениот член 67 алинеја 4 од Законот регулира одредена состојба како причина за престанок на работниот однос на јавниот службеник, што е право на законодавецот со закон да пропише извесни критериуми инкорпорирани во оваа професија, заради обезбедување и заштита на професионалното функционирање на органите во кои јавните службеници ги вршат надлежностите пропишани со закон.

Оттука, според Судот, за оспорената одредба не може да се постави прашањето за несогласност со Уставот, од причините кои се изнесени во иницијативата.

6.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7.Ова решение Судот го донесе, едногласно во однос на точката 1 и со мнозинство гласови во однос на точката 2, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У бр.83/2010
27 април 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски