Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 април 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 122 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010).
2. Мирче Кампелезовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 122 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, со оспорениот член 122 од Законот за сопственост и други стварни права се овозможувала национализација во современа форма на вкупната кровна површина на станбените згради дефинирана како заедничка сопственост на субјектите во зградата. Ова поради тоа што согласно законската одредба можело да се изврши пренамена на кровната површина во станбен простор од страна на едно или повеќе лица кои се заинтересирани, без да се договорат имотно-правните односи помеѓу етажните сопственици и да се утврди висината за обесштетување по основ на отстапено право на градење. Со одредбите од оспорениот член 122 од Законот, се продуцирало мешање на органите на локалната и извршната власт во приватната сопственост без за тоа да имаат правен легитимитет. Можноста половината од сопствениците да одлучуваат за сопственоста на кровниот простор, градежните работи и другите права кои произлегуваат од сопственоста, е правно недозволива и со тоа оспорените законски одредби се неуставни односно спротивни на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Имено, со одредбите од членот 122 од Законот се дозволува дел од сопствениците во станбените згради да управуваат со кровната површина на зградата и да ја продаваат при што се вршат и злоупотреби во таквото делување што предизвикува сложени, неефикасни и долготрајни судски постапки со енормно високи трошоци и правно спорни донесени одлуки, како и незадоволство на сопствениците на станбените згради инволвирани во судските постапки. Од овие причини оспорениот член 122 од Законот не бил во согласност со членовите 8, 9, 30 и 51 од Уставот на Република Македонија, како и со други закони во правниот поредок.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 122 став 1 од Законот, доградба и надградба на зграда се врши врз основа на детален урбанистички план и урбанистички проект. Во ставот 2 од овој член од Законот е предвидено дека доградба, односно надградба има право да бара сопственик, односно сопственици на постојна зграда. Со доградбата, односно надградбата сопственикот, односно сопствениците стекнуваат право на сопственост и врз доградбата, односно надградбата. Според ставот 3, право на доградба, односно надградба на зграда во етажна сопственост (зграда со два или повеќе станови што им припаѓаат на две или повеќе лица) имаат сопствениците на посебните делови од зградата. За доградбата, односно надградбата одлучува мнозинството сопственици на посебните делови од зградата кои претставуваат повеќе од половината на вредноста на зградата. Ако за доградбата, односно надградбата има повеќе интересенти отколку што е предвидено да се изградат нови делови од зградата и ако за тоа не се постигне согласност меѓу нив, по барање на секој од заинтересираните одлучува судот, водејќи сметка за принципот на правичност. Според ставот 4, ако за доградбата, односно надградбата не се заинтересирани сопствениците на посебните делови од зградата, правото на градење можат да им го отстапат на трети лица со мнозинство гласови на посебните делови од зградата кои вредносно претставуваат повеќе од половина од вредноста на зградата, со тоа што градителот, односно градителите се должни да платат соодветен надоместоик за правото на градење врз туѓо земјиште, како и за штетите што можат да бидат предизвикани како резултат на градењето.
4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Судот, во постапка по предметот У.бр.203/2002 со решение од 12 март 2003 година не повел постапка за оценување на уставноста на целината на членот 122 од Законот за сопственост и други стварни права, а потоа во други предмети со решенија У.бр.99/2003, 39/2004, 59/2004, 110/2004 и 209/2007 ги отфрлил иницијативите за оценување на уставноста на членот 122 од Законот, бидејќи Судот одлучувал за уставноста на оспорениот член и оценил дека не постојат основи за поинакво одлучување.
Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, уставно судската практика од која произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија на неколку пати го оценувал членот 122 од Законот, наспрема наводите во предметната иницијатива, Судот утврди дека не постојат основи за поинакво одлучување, поради што се исполнети условите од членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.73/2011
20 април 2011 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски