У.бр.188/2010-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 20 април 2011 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 35 од Правилникот за внатрешните односи и работењето на Факултетот за физичка култура во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, донесен на 21 мај 2009 година, 17 јуни 2010 и 29 јуни 2010 година од Наставно-научниот совет на Факултетот за физичка култура Скопје.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Чедомир Саздовски, Славица Новачевска, Сашо Тодоровски, Ристо Стаменов и Серјожа Гонторев сите од Скопје, со Решение У.бр.188/2010 од 2 март 2011 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 35 од Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со Уставот и Законот за високото образование.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 35 од Правилникот изборот на вработените во Центарот за физичко образование во наставни звања се врши согласно со член 184 од Законот за високото образование („Службен весник на Републикка Македонија“ бр.35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009 и 99/2009).

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 184 од Законот за високо образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008, 103/2008, 26/2009 и 99/2009) кој е поместен во Преодните и завршните одредби од Законот, наставниците избрани во звањето лектор со завршено соодветно високо образование, како и наставник од Универзитетскиот спортски центар можат да бидат преизбрани според условите со Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2000, 49/2003, 113/2005 и 51/2007).

Во Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2000, 49/2003, 113/2005 и 51/2007) се предвидени наставно- научни, наставни и соработнички звања при што во членот 129 став 3 е предвидено дека на високите стручни школи наставни звања се: предавач, виш предавач и професор на високата стручна школа. Одредбите од став 3 на овој член соодветно се применуваат за наставниците од Универзитетскиот центар.

Од анализата на наведените одредби произлегува дека наведените законски одредби се од времен карактер, односно го уредуваат преодниот режим, покрај другите и на наставниците од Универзитетскиот центар, при што им е дадена можност на наставниците кои не ги исполнуваат условите од Законот за високото образование за избор во наставни звања доцент, вонреден професор и редовен професор да бидат реизбрани според услови од претходниот закон.

Оттука, имајќи предвид дека наведената одредба од членот 184 од Законот е од преоден карактер и како таква не претставува трајно решение (условно кажано), Судот оцени дека оспорениот член 35 од Правилникот овој преоден режим го трансформира во траен режим што значи наставниците во Центарот за физичка култура можат да се изберат само врз на основа на членот 35 од Правилникот.

Според Судот со самото дефинирање во оспорениот член дека изборот на наставниците во Центарот се врши согласно членот 184 од Законот за високо образование (кој предвидува избор по претходниот закон) во суштина се оневозможува во Центарот да се врши избор во наставни звања онака како што е предвидено во член 121 став 1 од Законот за високото образование, според кој на Факултетот наставно-научни звања се: доцент, вонреден професор и редовен професор. Поточно речено на наставниците во Центарот за физичко образование и покрај фактот што го исполнуваат условот за избор во наставни звања нема да им биде овозможено со примената на оспорениот член да бидат избрани во соодветни звања, на кој начин се повредува како начелото на еднаквост така и начелото на владеење на правото.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.188/2010
20 април 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски