Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 април 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 1 став 2 и член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2007).
2. Ова решение и решението У.бр.143/2007 од 14 мај 2008 година ќе се објават во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Јордан Хаџи-Здравев од Скопје и Божидар Хаџи-Здравев од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 1 став 2 и член 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителите на иницијативата одредбата од член 1 став 1 од Законот не бил во согласност со член 30 став 1 и 2 од Уставот, а од причина што до донесување на измените на Законот за денационализација, биле предвидени две постапки и тоа управна со која барањето за денационализација можело да се поднесе во рок од пет ,односно седум години од денот на влегување во сила на законот и судска со тужба по истекот на рокот од седум години. Со членот 1 став 1 од измените на Законот од 2007 година, можноста на граѓаните правата по основ на денационализација да се остваруваат и во судска постапка било анулирано.
Понатаму, подносителите наведуваат дека требало да се има предвид дека правото на сопственост на поранешниот сопственик и нивните наследници врз одземениот имот е загарантирано со Уставот, а со Законот за денационализација само се определуваат условите и постапката за враќање на имот и давање на надомест.
Оттука, според подносителите рокот за поднесување на барањето за денационализација не бил преклузивен, така што по неговото истекување не настапувала застареност. Институтот застареност не доаѓал предвид кога државата треба да исполни материјални обврски спрема поранешните сопственици на кои имотот им бил одземен според присилните прописи спротивно на нивната волја.
Токму од наведените причини, по истекот на рокот од седум години од денот на влегување во сила на Законот за денационализација повеќе не можело да се води управна постапка за денационализација, туку остварувањето на правата по таа основа можеле да се остваруваат со тужба пред надлежен суд.
Во однос на оспорениот член 2 од Законот, подносителот наведува дека со него во суштина се надополнува член 1 став 1 од Законот и се анулира можноста правата за денационализација да се остварат во судска постапка.
Воедно. подносителите на иницијативата се повикуваат на член 6 од Европската конвенција за човекови права, од кој произлегувало дека не може со ниеден пропис да се одземе правото на граѓанинот со тужба во парнична постапка да ги остварува правата по основ на денационализација.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 1 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација „Барањата за денационализација се остваруваат само во управна постапка“.
Според оспорениот член 2 од Законот, поведените парнични постапки до денот на влегување во сила на овој закон по барање за враќање на имот или за плаќање на надоместок, ќе продолжат според одредбите кои важеле до денот на влегување во сила на овој закон“.
Судот исто така утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.143/2007 од 27 февруари и 14 мај 2008 година не повел постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2007) кој содржел 4 члена.
Фактот дека Уставниот суд на Република Македонија веќе се произнел за уставноста на оспорените членови им е познат на подносителите на иницијативата и на истите им е доставено Решение У.бр.143/2007 од 27 февруари и 14 мај 2008 година на 2 февруари 2011 година.
4. Согласно член 110 од Уставот Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Тргнувајќи од фактот што Уставниот суд на Република Македонија по предметот У.бр.143/2007 ја оценувал уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација во целина (што значи членовите 1, 2, 3 и 4), при што не повел постапка за оценување на уставноста, а наводите во предметната иницијатива не содржат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.35/2011
13 април 2011 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски