8/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 април 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 17-а став 11 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата на Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата членот 17-а став 11 (во иницијативата се наведува став 8), во делот: „од денот на објавувањето на одлуката на веб страницата и на огласната табла на Агенцијата за администрација“, од Законот за државните службеници не бил во согласност со уставното начело за владеење на правото утврдено во членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот. Ова поради тоа што рокот за изјавување на жалба морал да тече од денот на доставувањето на одлуката за избор, а не од денот на нејзиното објавување на веб страницата и на огласната табла на Агенцијата за администрација. Од овие причини се предлага Судот за оспорениот дел од одредбата од Законот да поведе постапка за оцена на уставноста.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 17-а став 11 од Законот е предвидено дека против одлуката за избор од ставот 1 на овој член незадоволниот кандидат има право на жалба до Агенцијата, во рок од осум дена од денот на објавувањето на одлуката на веб страницата и на огласната табла на Агенцијата за администрација.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за државните службеници ги уредил прашањата кои се однесуваат на опфатот на државната служба, статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници, како и надлежностите на Агенцијата за администрација.

Според одредбите од членот 3 од Законот, државен службеник е лице вработено во државната служба кое врши стручни, нормативно правни, извршни, управни, управно-надзорни, плански, материјално финансиски, сметководствени, информатички и други работи од надлежност на органот во согласност со Уставот и со закон (став 1), а државна служба, во смисла на овој закон, се органите на државната и локалната власт и другите државни органи, основани согласно со Уставот и со закон (став 2).

Според членот 7 од овој закон, Агенцијата за администрација е самостоен државен орган со својство на правно лице, Агенцијата за својата работа поднесува годишен извештај на усвојување до Собранието на Република Македонија, најдоцна до крајот на првото тримесечје на тековната, за претходната година и Агенцијата ги врши работите кои се определени во ставот 3 на овој член од Законот, и тоа: – дава писмена согласност на актите за внатрешна организација и систематизација на работните места на органите од членот 3 став 2 на овој закон, – организира и спроведува постапка за селекција и вработување на државен службени, – одлучува по жалби и приговори на државните службеници, како второстепен орган и – врши и други работи утврдени со закон.

Во делот од Законот, кој е насловен „Вработување и мобилност во државната служба“, меѓу другото, е уредено дека слободно работно место во државната служба се пополнува преку објавување на јавен оглас, објавување на интерен оглас, преземање на државен службеник од еден во друг орган на работно место во исто звање и распоредување на државен службеник во истиот орган на друго работно место во исто звање. Во државната служба може да се вработи лице кое ги исполнува општите услови (државјанство, полнолетство, здравствена состојба и да нема изречена казна со правосилна судска одлука за забрана на вршење на професијата, дејноста или должноста) и посебните услови (да има соодветно образование, да има потребно работно искуство во струката и други услови од актот за систематизација на работните места). По барање на органот, Агенцијата објавува јавен оглас и со одредбите од Законот е детално уредена постапката што Агенцијата ја спроведува преку Комисијата за селекција на државен службеник во состав утврден со Законот. Постапката за селекција, според членот 16, се состои од административна селекција, испит за државен службеник и интервју. Според членот 17, административната селекција се спроведува во рок од пет дена по завршување на јавниот оглас, испитот се спроведува во рок од 10 до 15 дена по завршување на административната селекција, а врз основа на резултатите од испитот и од образованието, Комисијата спроведува интервју со петте најуспешни кандидати кои го положиле испитот и во рок од три дена Комисијата доставува ранг листа од три најуспешни кандидати до секретарот, односно функционерот кој раководи со органот каде што не се именува секретар.

Според членот 17-а од Законот, секретарот односно функционерот кој раководи со органот каде што не се именува секретар, во рок од три дена по добивање на ранг листата е должен да изврши избор на кандидатот (став 1); Избраниот кандидат полага психолошки тест и тест за интегритет, а трошоците за полагање паѓаат на товар на избраниот кандидат (став 2); Мислењето од спроведениот психолошки тест и тест за интегритет, ангажираното лиценцирано стручно лице го доставува до органот (став 3); Психолошкиот тест и тестот за интегритет со избраниот кандидат се спроведува во рок од десет дена, но не пократко од пет дена од денот на донесувањето на одлуката за избор (став 4); Избраниот кандидат во рок од 5 дена од денот на приемот на известувањето за неговиот избор е должен да достави до органот докази за исполнување на општите и посебните услови, доказот дека не му е изречена казна со правосилна одлука на судот за забрана на вршење на професија, дејност или должност го обезбедува органот, а ако избраниот кандидат не ги исполнува општите и посебните услови постапката се повторува за следните двајца кандидати од ранг листата, а ако и тие не ги исполнуваат условите постапката за вработување на државен службеник се повторува (ставови 5, 6, 7 и 8); Ако органот не го изврши изборот на кандидат кој ги исполнува условите, нова постапка не може да се спроведе пред истекот на шест месеци (став 9); Одлуката за избор на државен службеник се објавува на веб страницата и огласната табла на Агенцијата за државни службеници (став 10).

Според ставот 11 од овој член од Законот, против одлуката за избор од ставот 1 на овој член незадоволниот кандидат има право на жалба до Агенцијата, во рок од осум дена од денот на објавувањето на одлуката на веб страницата и на огласната табла на Агенцијата за администрација.

Според ставот 12 од овој член од Законот, Агенцијата одлучува во рок од осум дена од денот на приемот на жалбата.

Според ставовите 13, 14 и 15 од овој член од Законот, жалбата го одлага извршувањето на одлуката, против одлуката на Агенцијата незадоволниот кандидат има право на тужба пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката и по завршувањето на постапката за избор, секретарот, односно функционерот кој раководи со органот каде што не се именува секретар, донесува решение за вработување на пробна работа. (Пробната работа е регулирана со одредбите од членовите 17-ј, 17-к и 17-л од овој закон. По пробната работа од 6 – 12 месеци, секретарот односно функционерот на органот донесува решение за стекнување на статус на државен службеник и распоредување на работно место. Против ова конкретно решение избраниот кандидат за државен службеник, има право на жалба до Агенцијата во рок од 8 дена од денот на приемот на решението, по која Агенцијата одлучува во рок од 8 дена од приемот на жалбата, а против второстепениот акт има право на тужба пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на приемот).

Од погоре изнесеното, треба да се има предвид дека во постапката за избор на државен службеник претходи постапка за селекција на кандидатите и на селектираните кандидати им се врши достава на одлуката за избор на кандидат, донесена од секретарот, односно функционерот на органот, преку електронска форма, односно преку веб страницата и огласната табла на Агенцијата, при што им е овозможено и правото на жалба.

Одлуката за избор, како акт на одлучување на органот се доставува со предавање на конкретното лице кое е избрано, а се доставува преку веб страницата и огласната табла на Агенцијата до другите кандидати. Потоа, второстепениот акт како акт донесен од Агенцијата, исто така се доставува со предавање на лицето кое е жалител а кое потоа има право во определен рок да поднесе и тужба пред надлежен суд против второстепениот акт на Агенцијата. Оттука, достапноста на актите е овозможена на сите кандидати од постапката, имајќи притоа во предвид дека достава со предавање се врши само на лицето кое е избрано и во второстепена постапка на лицето кое е жалител, додека на селектираните кандидати доставата на одлуката за избор се врши преку веб страницата и огласната табла на Агенцијата, но кога се во својство на жалители, второстепениот акт од Агенцијата им се доставува со предавање на подносителите на жалбите.

Имено, на избраниот кандидат како странка и другите заинтересирани странки од постапката за селекција и избор на државен службеник, им се врши достава како што е погоренаведено и сите имаат право на жалба против одлуката за избор, каде неспорно, се решава конкретен однос помеѓу органот и лицето што го избира органот, што е право на органот по закон, да избира, и е акт на негово одлучување. Сепак, законодавецот овозможил во тој однос правото на жалба да го имаат кандидатите од постапката, а доставата во овој дел ја усогласил соодветно и на одредбите од членот 78 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005 и 110/2008), според кој „Доставувањето на писменото (покана, решение, заклучоци и на друг службени списи) се врши на следниов начин: со предавање од страна на органот, по пошта, со јавна објава и на друг начин утврден со закон (став 1). Во случаите кога органите вршат доставување на писменото во електронска форма, писменото не го доставуваат и на начин утврден во ставот 1 на овој член (став 3).

Пред Судот посебно го ценеше прашањето дали се повредува уставниот принцип на владеење на правото, со предвидената достава на Одлуката за избор. Притоа, Судот имаше предвид дека сите кандидати имаат достапност до одлуката преку објавата, а со тоа и право да изјават жалба. Доколку видот на доставата е „со предавање на одлуката од страна на органот „што повлекува различни датуми на доставата и приемот, а со тоа различен тек на рокот од 8 дена за поднесување на жалба од страна на бројните селектирани кандидати Судот оцени дека би се довела во прашање економичноста на целата постапка и извршноста на одлуката за избор, како акт на одлучување на органот за која законодавецот сепак предвидел можност за изјавување на жалба во рок кој почнува да тече од определен датум – 8 дена по објавата и оценка на нејзината законитост од второстепен орган.

Од изнесената уставносудска анализа Судот утврди дека оспорената одредба од Законот за државните службеници не може уставно да се проблематизира бидејќи е правно издржана норма која не остава простор за правна несигурност бидејќи со неа е обезбеден начин на запознавање и увид на кандидатите од постапката за селекција и избор на одлуката на органот за избор на конкретното лице од кој датум на објава тече рокот за жалба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.8/2011
13 април 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски