Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 13 април 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за престанување на важењето на Одлуката за пренесување на сопственоста на недвижните ствари – спортски објекти, број 51-6806/10 од 24 ноември 2010 година, донесена од Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 155/2010).
2. Општина Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 на ова решение.
Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука на Владата на Република Македонија претставувала доказ за директното мешање на извршната власт, со кое се рушела правната сигурност во целокупниот правен поредок, а особено врз судската власт, дека истата била донесена тенденциозно и со цел да се попречи постапката што се водела пред Основниот суд Гостивар по предметот ТС.бр. 167/09, за кој била донесена правосилна и извршна пресуда која е во фаза на извршување.
Со оспорената одлука се создавала правна несигурност, истата била спротивна на темелните вредности на уставниот поредок – владеењето на правото како темелна вредност која подразбирала систем во кој владее правото и правдата, а не луѓето што се на власт, и што значело исклучување на секаква арбитрерност, самоволие и нееднаквост.
Предметната одлука била спротивна и на начелото на децентрализација и деконцентрација на власта, и со неа на Општина Гостивар и се оневозможувало да ги врши надлежностите од член 22 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа, бидејќи со Одлуката директно се узурпирале објекти градени со средства на граѓаните на Општина Гостивар, кои до 1995 година биле во сопственост и управување на Општината, потоа биле преземени во сопственост на Републиката, за да потоа со одлука на Владата на Република Македонија повторно бидат пренесени во сопственост на општина Гостивар. Со оспорената одлука директно се рушела темелната вредност на уставиот поредок и основните принципи со кои се гарантира и обезбедува локалната самоуправа, нејзините надлежности значајни за јавниот интерес на граѓаните поврзан со развојот на спортот и културата.
Според подносителот на иницијативата, со оспорената одлука се сакало да се воспостави поинаква ситуација од онаа воспоставена со судска одлука, бидејќи истата се злоупотребувала во судската и извршнатата постапка, а се со цел да се спаси договор кој судот го поништил како спротивен на Уставот и законите.
Поради наведеното, Општина Гостивар, бара од Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката и истата да ја поништи.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена од страна на Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 24 ноември 2010 година, а врз основа на член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008 и 10/2010)
Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука престанува да важи Одлуката за пренесување на сопственоста на недвижните ствари – спортски објекти бр. 19-1574/1 од 16 март 2006 година, објавена во „Службен весник на Република Македонија„ бр. 36/2006.
Според член 2 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
Одлуката е заведена под број 51-6806/10 од 24 ноември 2010 година и потпишана од заменик претседателот на Владата на Република Македонија, м-р Зоран Ставрески.
Судот на седницата, исто така утврди дека Владата на Република Македонија на 16 март 2006 година донела Одлука за пренесување на сопственоста на недвижните ствари –спортски објекти, („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2006), со која на општината Гостивар и пренела во сопственост, без надоместок неколку спортски објекти (спортска сала „Младост“, фудбалски стадион со соблекувални, зграда и игралиште и игралиште за мали спортови). Со Одлуката оспорена во овој предмет, предвиден е престанок на важење на Одлуката од 2006 година.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од содржината на Одлуката бр. 19-1574/1 од 16 март 2006 година, произлегува дека таа претставува конкретен акт со кој Владата на Република Македонија ја пренела сопственоста на точно определени недвижни ствари – спортски објекти на општината Гостивар, и како таква таа имала правно дејство само за субјектите кои ја склучиле истата, а не и за неограничен број на субјекти. Оваа одлука според тоа нема карактер на пропис со кој на општ начин се уредуваат односи на неопределен број на субјекти и како таква таа не е подобна за уставно судска оценка.
Со оглед на тоа што Одлуката бр. 19-1574/1 од 16 март 2006 година, е поединечен акт кој не е подобен за уставно-судска оцена, произлегува дека и актите со кои истата се става вон сила (престанува да важи) како што е случајот со оспорената Одлука за престанување на важењето на Одлуката за пренесување на сопственоста на недвижните ствари – спортски објекти, не може да има карактер на пропис. Ова и од причина што Оспорената одлука не уредува односи, туку со неа се манифестира престанок на важење на претходно донесен акт.
Имајќи ја предвид содржината и карактерот на оспорената одлука, Судот утврди дека истата не претставува пропис, во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, од каде произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да ја цени нејзината уставност и законитост.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.19/2011
13 април 2011 година
С к о п ј е
тјт
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски