43/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 13 април 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката бр.07-2223/1 од 5 август 2010 година и Одлуката бр.07-2240/1 од 6 август 2010 година, донесени од Советот на општина Ново Село.

2. Никола Гачевски од Ново Село на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата и дополнувањето на иницијативата се наведува дека подносителот на иницијативата имал пристап до неговата недвижност од улицата „10-ти Септември“ и тоа преку КП 7155 и КП 7154 кои се негова сопственост и согласно Генералниот и Деталниот урбанистички план на наведените парцели немало предвидено изведување на џеб, туку само на порта. Притоа, Кицев Венчо, барателот за отварање на џеб во оспорените акти, живеел непосредно на наведената улица и веќе бил приклучен на водоводната линија на истата улица, од каде донесувањето на оспорените акти од страна на Општината за изведба на џеб и приклучување на водоводна линија било апсурдно.

Во дополнувањето на иницијативата подносителот на иницијативата ги цитира членовите 45 и 46 став 5 од Законот за градежното земјиште и членовите 62 и 83 од Законот за локалната самоуправа и наведува дека оспорените одлуки биле донесени спротивно на наведените законски одредби. Ова од причина што, Советот на општината Ново Село не можел во Програмата за уредување на градежното земјиште да одлучува по однос на КП 7155 и КП 7154, кои се негова сопственост, бидејќи тој немал било какво барање, а првата катастарска парцела служела за влез на втората, исто така негова сопственост, како што впрочем и било предвидено со Деталниот урбанистички план на Ново Село. Со оглед на тоа што второоспорената одлука не била општ акт, туку решавала поединечно право, што било во надлежност на градоначалникот, но не и на Советот, подносителот на иницијативата смета дека со неа е повреден членот 62 од Законот за локалната самоуправа.

3. Судот на седницата утврди дека, согласно член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 14 од Статутот на општината Ново Село, на седницата одржана на 30 јуни 2010 година, Советот на Општината постапувајќи по барањето на Венчо Кицев, ја донел оспорената одлука, заведена под бр.07-2223/1 од 5 август 2010 година.

Со членот 1 од Одлуката се усвојува барањето на Венчо Кицев и се определува поведување на постапка за експропријација на земјиштето за реализација на џеб на улица „10-ти Септември“. Определено е финансискиот дел за реализацијата да го сноси барателот, доколку има потреба за тоа. Во членот 2 од Одлуката определено е истата да влезе во сила осум дена по објавувањето во Службениот гласник на општина Ново Село.

Согласно член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 14 од Статутот на општината Ново Село, на седницата одржана на 30 јули 2010 година, Советот на Општината постапувајќи по барањето на Венчо Кицев, ја донел оспорената одлука, заведена под бр.07-2240/1 од 6 август 2010 година.

Во членот 1 од Одлуката се усвојува барањето на Венчо Кицев и се определува да му се овозможи приклучок на новата водоводна мрежа од линијата по должина на џебот на улицата „10-ти Септември“. Во членот 2 од Одлуката определено е истата да влезе во сила осум дена по објавувањето во Службениот гласник на општина Ново Село.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иниција-тивата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Во конктерниот случај предмет на оспорување се две одлуки донесени од страна на Советот на општината Ново Село со кои се усвојува барањето на граѓанинот Венчо Кицов за експро-пријација на земјиште за реализација на џеб на улица „10-ти Септември“, односно за овозможување на приклучок на новата водоводна мрежа од линијата по должина на џебот на наведената улица. Вака донесените одлуки, според нивната содржина и карактер не се прописи или други видови општи акти со кои на општ норма-тивен начин се уредуваат правните односи или пак се утврдуваат правила на однесување, туку се поединечни акти за решавање на индивидуални барања на граѓаните од областа на урбаното живеење, од каде произлегува дека истите немаат карактер на прописи подобни за уставно-судска оцена.

Тргнувајќи од уставните овластувања на Уставниот суд да ги цени уставноста и законитоста на прописите од општ карактер (член 110 од Уставот), но не и на поединечните акти како што се оспорените одлуки произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да ја оценува нивната уставност и законитост.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.43/2011
13 април 2011 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски