Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 13 април 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 140 став 1 точка 6 и член 152 од Законот за даночна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 88/2008, 159/2008, 105/2009, 133/2009, 145/2010 и 171/2010)).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста во делот со кој се бара Законот за даночната постапка да содржи одредби што според подносителката на иницијативата требало да ги содржи и да се оценува примената на други закони и прописи во даночната постапка.
3. Според наводите во иницијативата, во оспорената одредба на член 140 став 1 точка 6 од Законот за даночна постапка, бил пропишан само начинот на спроведување на присилна наплата на даночен долг со продажба на недвижност, но не бил јасен терминот “недвижност”, со оглед на тоа дека и акциите и уделите требало да бидат набројани како имот (кои како такви егзистирале на пазарот согласно членот 21 од Законот за трговските друштва и некои други закони). Имено, фактот што недвижниот имот на правните субјекти не бил искажан во истата одредба и како акции односно удели, де факто и де јуре овозможувало, при присилната наплата на даночен долг од страна на Управата за јавни приходи, да немаат посебен приод при продажбата на имот, како што било тоа регулирано со други позитивни прописи кои се однесувале на начинот на впаричување на имотот на правните субјекти, чија вредност била искажана преку акции односно удели.
Подносителката на иницијативата била сосопственик на удел–соосновач на ПЗУ “Градска аптека” Скопје која била основана во 2007 година со Одлука на Владата на Република Македонија по приватизацијата на ЈЗО “Градска аптека” Скопје и нејзината вредност била изразена во удели на вработените, а 75% од вкупниот број на уделите биле продадени на јавна аукција и истите биле купени од фрмите Зегин, Алкалоид и Фармакорп, сите од Скопје, согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита (“Службен весник на РМ” 10/2004).
Понатаму во иницијативата е наведено дека според членoт 8 од Правилникот за начинот на впаричување на имотот на друштвото во ликвидација имало посебни одредби за впаричување на акциите односно за продажбата на уделите. Согласно членот 23 од Законот за извршувањето како средство за извршување, помеѓу другото била набројана и продажбата на хартии од вредност и на уделите, а тоа конкретно било пропишано во Главата 15, која се однесувала на спроведување на извршувањето врз акции и удели. Во членот 98 став 2 од Законот за стечај исто така имало посебни одредби за продажба на имот и за начинот на продажба на акциите и уделите
Воедно, во иницијативата се укажува на тоа дека и во Уредбата за постапката на продажба на акции и удели од вкупниот капитал стекнат по основа на трансформацијата на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” број 105/2010) имало посебни одредби за начинот на продажба на уделите според кои Владата на Република Македонија, уделите не ги трансформирала во некое друго средство, но ги продавала онакви како биле наслове во оваа Уредба. Додека пак, Министерството за финансии во чиј состав била Управата за јавни приходи, била институција која припаѓала на Владата на Република Македонија и од тие причини не требало да има поинаков третман кон впаричувањето на уделите.
Подносителката на иницијативата смета дека одредбите од овие закони требало да се применуваат и при присилната наплата на даночен долг. Понатаму, одредбите на членот 26 став 3 од Законот за даночната постапка упатувале и на Законот за стечај. Според членовите 11 и 32 од Законот за даночна постапка уделот бил основ за плаќање на преостанат даночен долг, економските добра му се припишувале на правниот сопственик и доколку економско добро им припаѓало на повеќе правни сопственици, истото им се припишувало на сопствениците како удел. Гарантирањето, дека во случ, правното лице во ликвидација да нема доволно парични средства за да го исполни даночниот долг во целост, вклучувајќи ги и приходите од продажбата на имотот, преостанатиот даночен долг ќе го платат основачите, управителот или членовите на управата ако, во согласност со законот, статутот или актот за основање на правното лице, се солидарно или според удел одговорни за обврските на правното лице. Во случај на одговорноста според удел, гаранцијата се ограничува на соодветниот удел. Од причина што во оспорената одредба не биле таксативно набројани акциите и уделите, Управата за јавни приходи преземала мерки за присилна наплата на даночен долг, ставајќи ги акциите и уделите, терминолошки, како недвижност, а не како средство за продавање.
Подносителката на иницијативата, во неколку наврати доставуваше до Судот допoлнување на иницијативата и приложуваше документација од која може да се констатира следното:
Извршителот Гордан Станковиќ од Скопје, издал налог за извршување врз недвижност И.бр.146/1010 година, врз основа на барањето за спроведување на извршување од доверителот ДТЗ “Фарма Корп” ДОО Скопје, засновано на извршна исправа Платен налог ПЛС.бр.909/09 од 13.10.2009 година.
Управата за јавни приходи – Дирекција за големи даночни обврзници од Скопје, донела Решение за присилна наплата на даночна обврска од недвижности, под број 21-2471 од 27 мај 2010 година. Согласно ова решение Управата за јавни приходи-ДГДО врз основа на член 140 од Законот за даночна постапка отпочнала присилна наплата од недвижниот имот на ПЗУ “Градска аптека” Скопје, за долг по основ на данок на добивка и обврски за исплата на бруто плата, за која цел биле прибавени имотни листови од Агенцијата за катастар на недвижности со податоци за недвижностите, каде како носител на правото на сопственост се јавувал должникот. Оваа постапка била спроведена независно дали содружниците во основната главнина на друштвото поседувале удели, и немало пречки за продолжување на започнатата присилна наплата се до целосното намирување на побарувањето на Управата за јавни приходи. Имено, согласно членот 3 став 1 од Законот за трговските друштва (“Службен весник на РМ” број 28/04….47/10) имотот на друштвото претставувало севкупност на права, сопственички и други стварни права, кое истото ги стекнувало над добрата на содружниците односно акционерите и кои ги вложувале во друштвото или друштвото ги стекнало со своето работење.
Основниот суд Скопје II Скопје донел решение I СТ.бр. 427/10 од 01.07.2010 година, за поведување на претходна постапка за причините за отворање на стечајна постапка над должникот ПЗУ “Градска аптека” Скопје.
Управата за јавни приходи – Дирекција за големи даночни обврзници од Скопје, донела Заклучок за продажба по пат на јавна аукција на деловен простор во сопственост на “Градска аптека” Скопје, под број 21-30/7/2 од 06.07.2010 година, и истиот бил продаден на ден 21.07.2010 година.
Воедно, подносителката на иницијативата, побара Судот до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на поединечните акти или дејствија што биле преземни врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност или законитост ја оценува, доколку со неговото изршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици. Имено, до конечното изјаснување по поднесената иницијатива, сметала дека требало да се запре постапката која ја започнала Управата за јавни приходи, за заостанат даночен долг, истиот присилно да не го наплати, односно да не го продаде најатрактивниот деловен простор во кој ПЗУ “Градска аптека” Скопје ja извршувала дејноста, со површина од 178 м2 а истиот се наоѓал во ГТЦ во Скопје. Со дополнувањето на иницијативата подносителката го повлече оваа барање.
Според наводите на иницијативата оспорените одредби од овој закон биле спротивни на членот 8 став 1 алинеја 3 и го повредувале членот 55 став 2 од Уставот, кој се однесувал на тоа да се обезбеди еднаква правна положба на сите правни субјекти на пазарот и за таа цел требало да биде еднакво впаричувањето на недвижностите, па и на оние недвижности изразени преку акции и удели и требало да се постапува идентично и при присилната наплата на даночната обврска. Но тоа не било случај при присилната наплата на даночниот долг на ПЗУ “Градска аптека” Скопје во вкупен износ од 17.712, 345,00 денари. Со остварената продажба на оваа недвижност биле прекршени одредбите од посочените позитивни прописи и при тоа осетно се намалила вредноста на имотот и основачите биле доведени во незавидна состојба и биле направени и други неотстранливи последици.
4. Судот на седница утврди дека во Делот III насловен како “Впаричување” во членот 140 став 1 точка 1 со наслов “Средства на присилна наплата”, присилната наплата се спроведува на: паричните средства на должникот во присилната наплата – со пренос на средства од сметка на должникот во присилната наплата, вклучувајќи ги и средствата од девизна сметка, на уплатната сметка за јавните приходи; паричните побарувања на должникот во присилната наплата – со пренос на побарувањата на уплатната сметка за јавните приходи (точка 2), други побарувања на должникот во присилната наплата; со забрана, пренос на побарувањата и попис со процена, заплена и продажба на предметите на побарувања; (точка 3) готови пари и хартии од вредност; со попис и запленување; (точка 4) движни предмети; со запленување и продажба по пат на аукција (точка 5) недвижности; со запленување, утврдување на почетна вредност и продажба по пат на аукција. (оспорен дел на ставот 1 точка 6), Управата за јавни приходи може врз основа на решение, по кој било редослед, да применува едно или повеќе средства на присилна наплата од (став1) на овој член. (став2) Решението од ставот 2 на овој член, се доставува на должникот во присилната наплата и неговите должници и/или на банка. (став 3)
Судот на седница исто така утврди дека во поднасловот “Присилна наплата од недвижности” во членот 152 насловен како “Попис на недвижности”, недвижноста се попишува, се одредува нејзината почетна вредност и се продава од страна на даночниот извршител во постапка на присилна наплата врз основа на решението за присилна наплата од членот 140 став (2) на овој закон.
5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според членот 55 од Уставот, се гаранитира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1). Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презма мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2).
Согласно членот 1 од Законот за даночна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/2006, 88/2008, 159/2008, 105/2009, 133/2009, 145/2010 и 171/2010) со овој закон особено се уредува општото даночно право, постапката на утврдување на данок, постапката на контрола на данок, постапката на наплата на данок, правата и обврските на даночниот обврзник и други прашања од даночната постапка. Овој закон е единствена основа на општото даночно право и на даночната постапка.
Согласно членот 3 од Законот, се утврдува односот на овој закон спрема другите закони, при што согласно ставот 4 на овој член, во однос на постапките уредени со овој закон, се применуваат одредбите од други закони по прашања што поинаку не се уредени со овој закон.
Со членот 4 од истиот закон, е утврдено значењето на одделни изрази употребени во овој закон, при што според точката 3 од овој член, даноци се давачки на даночниот обврзник кои мора да бидат платени без противуслуги, кои служат за општо државно добро и кои на сите даночни обврзници им се наметнати со закон, а согласно точката 4 на истиот член, споредни даночни давачки особено се парични казни, даночни казни, камати и трошоци на присилна наплата на данок.
Согласно членот 22 став 1 од овој закон, обврската за исполнување на даночен долг претставува должност на даночниот обврзник да го плати утврдениот данок под услови пропишани со овој закон или друг даночен закон, а согласно став 2 на истиот член, одредбата за плаќање на даночниот долг се применува и на обврската за плаќање споредни даночни давачки, доколку со овој закон не е поинаку пропишано.
Според членот 23 од истиот закон, даночниот долг престанува со: плаќање на даночниот износ; пребивање на даночни побарувања и даночни долгови на ист даночен обврзник; присилна наплата на даночен долг и застарување на даночен долг.
Редовното намирување на данок, согласно членот 116 од Законот, по правило се врши со плаќање на паричен износ на пристигнатиот даночен долг на пропишани уплатни сметки за јавни приходи во рокови пропишани со закон.
Во Законот во Четвртото поглавје со наслов „ПРИСИЛНА НАПЛАТА“ се регулира присилната наплата, како еден од начините за престанување на даночниот долг.
Така, согласно членот 125 од законот, кој е сместен во оваа глава од Законот, се утврдува дека доверител во присилната наплата на даночните долгови кои треба присилно да бидат наплатени е Управата за јавни приходи, а должник во присилната наплата е лицето кое должи данок или споредна даночна давачка кои што треба да бидат присилно наплатени.
Со членот 131 од овој закон, се утврдува дека во постапката за присилна наплата се наплатуваат трошоци, дека трошоците паѓаат на товар на должникот во присилната наплата, а нивната висина со тарифа ја определува Владата на Република Македонија. Исто така се утврдува дека побарувањето кое треба да биде наплатено во присилната наплата се зголемува за еднократна посебна такса во висина од 5% од износот кој треба да се наплати во присилната наплата, која посебна такса паѓа на товар на должникот во присилната наплата.
Согласно членот 132 од Законот, наплатата на даноци во постапката на присилна наплата се спроведува на: парични средства на должникот во присилната наплата; парични побарувања на должникот во присилната наплата; непарични побарувања и други права на должникот во присилната наплата; готови пари и хартии од вредност; движни предмети и недвижности.
Во Делот III од Законот, со наслов “Впаричување” (членови 140 -156) се содржани оспорените членовите 140 став 1 точка 6 и членот 152 од законот.
Со членот 140 од Законот се предвидени средствата за присилна наплата. Според ставот 1 на овој член присилна наплата се спроведува на: паричните средства на должникот во присилната наплата – со пренос на средства од сметка на должникот во присилната наплата, вклучувајќи ги и средствата од девизна сметка, на уплатната сметка за јавните приходи; паричните побарувања на должникот во присилната наплата, со пренос на побарувањата на уплатната сметка за јавните приходи; други побарувања на должникот во присилната наплата, со забрана, пренос на побарувањата и попис со процена, заплена и продажба на предметите на побарувања; готови пари и хартии од вредност, со попис и запленување; движни предмети, со запленување и продажба по пат на аукција и недвижности, со запленување, утврдување на почетна вредност и продажба по пат на аукција. (оспорен дел)
Управата за јавни приходи може врз основа на решение, по кој било редослед, да применува едно или повеќе средства на присилна наплата од ставот 1 на овој член. (став 2)
Решението од ставот 2 на овој член, се доставува на должникот во присилната наплата и неговите должници и/или на банка. (став 3)
Присилната наплата на парични средства е пропишана во член 142 од Законот. Така, според ставот 1 од овој член, присилна наплата на данок и на споредни даночни давачки од парични средства на должникот во присилната наплата, врз основа на решението од членот 140 став 2 на овој закон, претставува пренос на средства од сметка на должникот во присилната наплата отворена кај носител на платен промет на соодветна уплатна сметка на јавните приходи.
Решението за наплата од парични средства на должникот во присилната наплата се извршува на начин утврден со законот кој го уредува платниот промет. (став 2) Ако на сметката на должникот во присилната наплата привремено нема средства банката го извршува решението сукцесивно, спрема расположливите средства на сметката, се додека решението во целост не се изврши. (став 3) Ако банката не постапи на начинот утврден во ставот 1 на овој член, наплатата на долгуваниот данок и споредните даночни давачки се врши непосредно од средствата кои се наоѓаат на сметката на носителот на платен промет. (став 4)
Решение за присилна наплата на данок од парични средства на должникот во присилната наплата произведува правно дејство од денот на доставувањето кај банката до денот на намирувањето на обврските, односно до денот на поништувањето на решението. (став 5)
Решението за присилна наплата на данок од парични средства на должник во присилна наплата има приоритет во наплатата и се извршува пред сите други налози. (став 6)
Присилна наплата на данок и на споредни даночни давачки од парични средства на должникот во присилната наплата, врз основа на решението од членот 140 став 2 на овој закон, е пренос на средства од сметка на должникот во присилната наплата отворена кај носител на платен промет на соодветна уплатна сметка на јавните приходи. (став 1) вклучувајќи ги и средствата од девизната сметка, на уплатната сметка на јавните приходи; паричните побарувања на должникот во присилната наплата, со пренос на побарувањата на уплатната сметка на јавните приходи; други побарувања на должникот во присилната наплата, со забрана, пренос на побарувањата и попис со проценка, заплена и продажба на предметите на побарувањата; готови пари и хартии од вредност, со попис и запленување; движни предмети, со запленување и продажба по пат на аукција и недвижности и со запленување, утврдување на почетната вредност и продажба по пат на аукција.
Управата за јавни приходи согласно ставот 2 од овој член, може врз основа на решението за наплата од парични средства на должникот присилната наплата да ја извршува на начин утврден со законот кој го уредува платниот промет, по било кој редослед со примена на едно или повеќе средства на присилна наплата наведени во ставот 1 на овој член..
Ако на сметката на должникот во присилната наплата привремено нема средства, банката го извршува решението сукцесивно, спрема расположливите средства на сметката, се додека решението во целост не се изврши. (став 3)
Ако банката не постапи на начинот утврден во ставот 1 на овој член, наплатата на долгуваниот данок и споредните даночни давачки се врши непосредно од средствата кои се наоѓаат на сметката на носителот на платен промет. (став 4)
Решение за присилна наплата на данок од парични средства на должникот во присилната наплата произведува правно дејство од денот на доставувањето кај банката до денот на намирувањето на обврските, односно до денот на поништувањето на решението. (став 5)
Решението за присилна наплата на данок од парични средства на должник во присилна наплата има приоритет во наплатата и се извршува пред сите други налози. (став 6)
Начинот и постапката за впаричување на недвижен имот при спроведувањето на присилната наплата подетално се уредени со членовите 152 до 156 од овој закон, според кои е предвидено дека недвижноста се попишува, се одредува нејзината почетна вредност и се продава од страна на даночниот извршител во постапка на присилна наплата врз основа на решението за присилна наплата од членот 140 став 2 на овој закон.
Дејствијата што даночните извршители ги преземаат во постапката за присилна наплата се определени во одредбите на Законот со кои се уредува обезбедувањето на даночно побарување во присилна наплата со воспоставување законско заложно право во корист на Република Македонија како даночен доверител (постапка за воспоставување залог-член 135; попис на движни ствари-член 137; попис на недвижности-член 138; во одредбите на Законот со кои се уредува присилната наплата од движни предмети; процена на движни предмети-член 147; запленување на движни предмети-член 148; продажба на движни предмети-аукција-член 151; како и во одредбите на Законот со кои се уредува присилната наплата од недвижности; попис на недвижности-член 152; запленување на недвижност која не е запишана во соодветен регистар-член 153 и продажба на недвижност по пат на усна јавна аукција-член 155.
6. Од анализата на наведените законски одредби и Законот во целина произлегува дека целта на донесувањето на овој закон е создавање единствена основа за даночно право и даночна постапка, со што ќе се надмине досегашната спора и неефикасна управна даночна постапка како последица на уреденоста на даночната материја во повеќе закони.
Законот ја уредува во целина даночната постапка, при што во посебна глава ја уредува постапката за присилна наплата на даночните побарувања.
Постапката за присилна наплата ја спроведува Управата за јавни приходи. Дејствијата кои ги преземаат службениците на Управата за јавни приходи овластени да ја спроведуваат присилната наплата-даночни извршители, се точно утврдени во Законот, и тоа: попис на движни ствари и попис на недвижности во функција на обезбедување (залог) на даночното побарување во корист на Република Македонија како даночен доверител, како и попис, процена, запленување и продажба на движни предмети и на недвижности во функција на присилна наплата.
Oд аспект на анализата на наводите во иницијативата дека оспорените одредби од Законот биле во спротивност на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, сметаме дека истите се неосновани. Ова од причина што според членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавни расходи утврдени со закон. Имено, едно од основните начела на даночната постапка е начелото на законитост според кое Управата за јавни приходи е должна да ги утврдува сите факти кои се битни за донесување на законити одлуки, при што мора подеднакво да ги земе во предвид фактите кои одат во прилог и на штета на даночниот обврзник. Во однос на наводите во иницијативата дека со оспорените одредби се обезбедувала нееднаква правна положба на субјектите на пазарот спротивно на членот 55 став 2 од Уставот, сметаме дека наводите во иницијативата исто така се неосновани, со оглед на тоа дека Управата за јавни приходи е определена како даночен орган кој има законско право и надлежност да ги врши работите поврзани со утврдувањето и наплатата на даноците и другите јавни давачки за сметка на државата, без притоа да се прави разлика во однос на субјектите на кои се однесува даночната обврска.
Тргнувајќи од наведеното, сметаме дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 140 став 1 точка 6 и член 152 од Законот за даночната постапка со одредбите од Уставот на кои се повикува иницијативата.
7.Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Од изнесените уставни и законски норми произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија во рамки на своите уставно определени надлежности одлучува за уставноста и законитоста на прописите што се во правниот поредок, а во тие рамки може да ја оценува уставноста на одредбите од Законот за даночната постапка кои се предвидени и содржани во Законот, но овој суд нема надлежност да одлучува за тоа што овој закон не содржел, а требало да содржи, дали и како требало да се применат во даночната постапка и други закони и прописи на што впрочем и се однесува во дел барањето во предметната иницијатива.
Поаѓајќи од наводите во иницијативата со која се оспорува уставноста на оспорените одредби на Законот за даночна постапка од аспект дека не предвидувале одредби какви Законот според подносителката на иницијативата требало да ги содржи, како и наводите за примената на закони и прописи, па поради тоа тие биле спротивни на Уставот, а имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, цениме дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во овој дел.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.144/2010
13 април 2011 година
С к о п ј е
мдш
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски