Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 април 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Тања Груевска и Наце Груевски од Скопје, поднесено преку полномошник адвокат Тони Менкиноски од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, повредени со Решение на Апелациониот суд Скопје, Рож. бр.1629/08 од 29 октомври 2008 година.
2. Тања Груевска и Наце Груевски од Скопје, преку полномошник aдвокат Тони Менкиноски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, повредени со Решение на Апелациониот суд Скопје, Рож. бр.1629/08 од 29 октомври 2008 година.
Според наводите во барањето, дискриминацијата во конкретниот случај била неповолното постапување на Апелациониот суд Скопје со оспореното решение, кое како резултат имало одземање, нарушување или лимитирање на еднаквото признавање, уживање или практикување на човековите права и базични слободи на подносителите на барањето. Дискриминацијата и нееднаквиот третман бил изразен преку следните причини и факти:
– Врз основа на извршна исправа – пресуда Рож.бр.1994/07 од 3 јануари 2008 година на Апелациониот суд Скопје, по барање за спроведување на извршување на доверителите Тања Груевска и Наце Груевски од Скопје, извршителот Благоја Николовски од Скопје издал налог за враќање на работник на работа или доверување на работи што работникот ги вршел порано, И.бр.181/08 од 1 август 2008 година, со кој се наложува на работодавецот АД КЈУБИ Македонија Скопје, во рок од 15 дена да постапи според извршната исправа со која му е наложено работниците Тања Груевска и Наце Груевски да ги врати на работа на работни места соодветни на нивната стручна подготовка. Со Решение Рож. бр. 1629/08 од 29 октомври 2008 година, Апелациониот суд преземените извршни дејствија ги става вон сила, со што спротивно на Законот за извршување (членови 2, 27, 28 и 29), судот сторил битна повреда во спроведување на законот за извршување, па така наместо да ја изврши веќе донесената судска одлука, на именуваните лица им наметнувал нова нелегитимна постапка, односно одлучувал по прашањата надвор од рамките на неговата компетенција, со што постоела негова пристрасност и наклонетост.
– Различниот третман се карактеризирал со тоа што иако постоела правосилна и извршна судска одлука со која судот го задолжил должникот да ги врати тужителите на работа и ги распореди на работни места соодветни на нивната стручна подготовка, не биле земени предвид член 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/2006), во кој било наведено дека на корисник на пензија додека е во работен однос или додека врши дејност со полно работно време во Република Македонија или работи во странство, му се исплатува 30% од пензијата. На корисник на пензија од ставот 1 на наведениот член кој работи половина од полното работно време му се исплатува 50% од пензијата, а за работа помалку од половина од полното работно време, му се исплатува 70% од пензијата. Во наведениот случај, воопшто не бил земен предвид делот од Законот за работните односи кој се однесувал на престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда – „ ако судот донесе правосилна одлука со која е утврдено дека на работникот незаконски му престанал работниот однос, работникот има право да се врати на работа, ако тоа го бара… Покрај враќањето на работа, работодавачот е должен на работникот да му исплати надомест на штета сосгласно со закон, колективен договор и договорот за вработување и да му уплати придонеси за задолжително социјално осигурување“ (член 102).
– Исто така, факт бил дека тужениот АД КЈУБИ Македонија Скопје била осигурителна компанија водена од менаџери кои имаат и нераскинливи врски со одредени политички опции, па така главниот менаџер Бошко Андов, кој бил син на Стојан Андов, со силно политичко влијание смислено и тенденциозно должникот ја одолговлекувал и искривувал извршната постапка од сомнителни причини, а тужителите биле политички неодредени, ама од фамилијата Груевски и по 8 години единствено освен успешно добиениот спор, а неуспешно извршлив од сомнителни причини. Исто така, со лажни искази дека одбиле враќање на работа, дека има изгубена работна способност и друго, од страна на судот безрезервно биле прифаќани без никаква потврда од материјален аспект, додека на непобитните докази на Тања и Наце Груевски, како и факти во Одговорот на жалбата, Апелациониот суд не им давал никакво значење и верба. При ваква состојба, Апелациониот суд за да му удоволи на тужениот, направил дискриминација, ја искривил состојбата и незаконски налогот го ставил вон сила. Затоа, подносителите на барањето бараат преиспитување на Решението Рож. бр.1629/08 од 29.10.2008 година согласно Уставот на Република Македонија.
– Наведеното индицирало на активно однесување кое создавало основи за привилегирање на неоправдан начин на АД КЈУБИ Македонија Скопје да ги изложува на неправеден и деградирачки однос подносителите на барањето, а што самото по себе значело дискриминација врз основа на социјална и политичка припадност.
– Одземеното право за враќање на работа на подносителите на барањето со оспореното решение било во спротивност со позитивното право на Република Македонија со кое „секој е должен да ја почитува правосилната судска одлука под закана на законски санкции“. Нееднаквоста пред законот се карактеризирала и во тоа што правото на работа незаконски им било одземено на подносителите на барањето. Имено, постоеле случаи на јавни личности (пратеници) кои се откажуваат од пензија и вршат работна дејност – работат. Во случајов, должникот со силата на моќ и политичко влијание се поигрувал со судските инстанци и се пресметувал и докажувал дека може да прави што сака и успевал дури да не ја изврши правосилната извршна пресуда и да се здобие со материјална корист. Пресудата била сеуште во сила и неизвршена заради незаконското Решение Рож.бр. 1629 од 29 октомври 2008 година.
– Аналогијата за нееднаквост и дискриминација во овој случај била иста со пресудата Јанкуловски против Република Македонија на Европскиот суд за човекови права, каде било наведено дека : „ извршување на пресуда донесена од кој било суд мора да се смета како интегрален дел од „судењето“ во смисла на член 6 (Immobiliare Saffi v. Itali (GC), NO.2274/93, stav 63, ECHR, 1999-V). Флагрантно пропуштање со кое ефективно би се спровела извршната постапка имало и во случајот Fukley v. Ukraine.
– Поимите за еднаквост и дискриминација биле едни од основните и комплексни принципи во правниот поредок на модерните демократски општества. Во конкретниов случај се работело за дискриминација во уживање на правата и слободите на подносителите на барањето. Поточно, се работело за дискриминација и нееднакво постапување, разликување, исклучување и ограничување кое за подносителите на барањето имало за последица нарушување и ограничување на еднаквото признавање или уживање на човековите права и основни слободи. За исти случаи по пресуди биле вратени на работа други вработени лица.
– Според подносителите на барањето, со свои акти постоење на дискриминација и долго траење на постапката утврдиле и: Врховниот суд, Македонскиот Хелсиншки комитет, Трансарентност нулта корупција и Министерството за правда.
Врз основа на наведеното, се бара Уставниот суд да го усвои барањето на подносителите и да го поништи Решение Рож.бр.1629/08 на Апелациониот суд Скопје од 29 октомври 2008 година.
3. Судот на седницата утврди дека подносителите на барањето, Тања Груевска и Наце Груевски биле во редовен работен однос кај АД КЈУБИ Македонија Скопје , при што со Одлуки бр. 0402- 3847/6 и бр. 0402- 3847/3 од 03.12.2002 година им престанал работниот однос поради структурални и организациони промени во АД КЈУБИ Македонија Скопје.
Со Пресуда на Основен суд Скопје I Скопје, П.бр. 3711/02 од 28.02.2007 година, тужбеното барање на Тања Груевска и Наце Груевски да се поништат наведените одлуки како незаконити и да се задолжи тужениот да ги врати тужителите на работа и да ги распореди на работни места соодветни на нивната стручна подготовка, е одбиено како неосновано.
Со Пресуда Рож.бр. 1994/07 од 03.01.2008 година, Апелациониот суд Скопје ја уважил жалбата на Тања Груевска и Наце Груевски против Пресудата на Основен суд Скопје I Скопје, П.бр. 3711/02 како стар број, односно РО.бр.129/07 како нов број на Основниот суд Скопје II Скопје, па пресудата ја преиначил и пресудил дека се поништуваат како незаконити одлуките на АД КЈУБИ Македонија Скопје, бр. 0402- 3847/6 и бр. 0402- 3847/3 од 03.12.2002 година и го задолжил тужениот да ги врати тужителите на работа и да ги распореди на работни места соодветни на нивната стручна подготовка.
Извршителот Благоја Николовски од Скопје, на барање за спроведување на извршување од доверителите Тања Груевска и Наце Груевски, засновано на извршната исправа – пресуда на Апелациониот суд Скопје, Рож.бр. 1994/07 од 03.01.2008 година, издал налог И.бр.181/08 од 01.08.2008 година, со кој му се наложува на работодавачот АД КЈУБИ Македонија Скопје, во рок од 15 дена, да постапи според извршната исправа и да ги врати на работа наведените лица на работни места соодветни на нивната стручна подготовка.
АД КЈУБИ Македонија Скопје поднела приговор до Основниот суд Скопје II Скопје за отстранување на неправилности при спроведување на извршувањето наложено од страна на извршителот Благоја Николовски, наведувајќи дека должникот извршил доброволно извршување на извршната исправа пресуда на Апелациониот суд Скопје, Рож.бр. 1994/07 од 03.01.2008 година, со тоа што ги вратил на работа тужителите и тоа од денот на престанокот на работниот однос (06.03.2003 година) до денот на остварување на правото на пензија и тоа за Наце Груевски до денот на остварување на старосна пензија до 21.02.2004 година, а за Тања Груевска до денот на остварување на инвалидска пензија до 30.09.2004 година, согласно Законот за работните односи и Законот за пензиското и инвалидското осигурување, на начин што за тој период им се исплатени плати, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување и вратени се паричните средства на Агенцијата за вработување исплатени на име користен паричен надоместок на лицата. Со оглед дека лицата во меѓувреме стекнале статус на пензионери, АД КЈУБИ Македонија Скопје немал обврска понатаму да ги врати на работа односно со истите да склучи договор за вработување.
Претседателот на Основниот суд Скопје II Скопје, постапувајќи по наведениот приговор на АД КЈУБИ Македонија Скопје, донел Решение ППНИ.бр.446/08 со кое приговорот се одбива.
Апелациониот суд Скопје, со Решение Рож.бр. 1629/08 од 29.10.2008 година, ја усвојува жалбата на АД КЈУБИ Македонија Скопје и Решението на Претседателот на Основниот суд Скопје II Скопје, ППНИ.бр.446/08 го преиначува во смисла дека се усвојува приговорот на АД КЈУБИ Македонија Скопје против налогот И.бр.181/08 на извршителот Благоја Николовски и се утврдува дека извршителот при издавање на налогот сторил неправилности во извршувањето, па затоа сите преземени извршни дејствија со тој налог се ставаат вон сила.
Извршителот Благоја Николовски на ден 16.03.2009 година поднел барање за изрекување на парична казна на должникот АД КЈУБИ Македонија Скопје, бидејќи не ја исполнил обврската во определениот рок од 15 дена согласно Налогот за извршување И.бр.181/08 од 03.12.2008 година, донесен врз основа на извршната исправа Пресуда П.бр.3711/02 од 28.02.2007 година на Основен суд Скопје II Скопје и Пресуда Рож.бр.1994/07 од 03.01.2008 година на Апелациониот суд Скопје.
Основниот суд Скопје II Скопје го усвоил барањето на извршителот и донел Решение Идс.Пк.бр.100/09 од 20.03.2009 година со кое на АД КЈУБИ Македонија Скопје, му се изрекува парична казна во износ од 100.000,00 денари, поради неисполнување на обврската од налогот за извршување И.бр.181/08 од 03.12.2008 година.
Против Решението на Основниот суд Скопје II Скопје Идс.Пк.бр.100/09 од 20.03.2009 година, жалби поднеле и доверителите Тања Груевска и Наце Груевски и должникот АД КЈУБИ Македонија Скопје. Апелациониот суд Скопје, одлучувајќи по овие жалби, донел Решение Рож.бр.689/09 од 23.04.2009 година, со кое жалбите се уважуваат, а Решението се укинува и предметот се враќа на првостепениот суд на повторно одлучување.
При повторното одлучување, Основниот суд Скопје II Скопје донел Решение Идс.Пк.бр.100/09 од 19.06.2009 година, со кое се одбива барањето на извршителот Благоја Николов за изрекување на парична казна на должникот АД КЈУБИ Македонија Скопје, поради неисполнување на обврската на должникот во определениот рок по приемот на налогот за извршување И.бр.181/08 од 03.12.2008 година.
Апелациониот суд Скопје, одлучувајќи по жалбата на Тања Груевска и Наце Груевски против Решението на Основниот суд Скопје II Скопје Идс.Пк.бр.100/09 од 19.06.2009 година, донел Решение Рож.бр.1195/09 од 09.07.2009 година, со кое жалбата се одбива како неоснована и се потврдува Решението Идс.Пк.бр.100/09 од 19.06.2009 година.
Врховниот суд на Република Македонија, со Решение ПСРРГ. бр.225/2010 од 26.10.2010 година го усвоил барањето на подносителите Тања Груевска и Наце Груевски за заштита на правото на судење во разумен рок и утврдил повреда на правото на судење во разумен рок во постапката по предметот Ро.бр.129/07 и И.бр.181/08 на Основниот суд Скопје II Скопје. Поради тоа, досуден е правичен надоместок заради повреда на правото на судење во разумен рок на подносителите на барањето во вкупен износ од 50.000,00 денари, кој треба да им биде исплатен во рок од три месеци од денот на правосилноста на ова решение.
4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Од наведените деловнички одредби произлегува дека основ за постапување на Судот во постапката за заштита на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот, освен постоење на конечен или правосилен поединечен акт со кој се наведува дека се повредуваат некои од наведените слободи и права, е барањето за заштита до Судот да е поднесено во рок од 2 месеци, но не подоцна од 5 години од доставувањето (приемот) на таквиот поединечен акт.
Барањето за заштита на слободите и правата на Тања Груевска и Наце Груевски, повредени со Решението Рож.бр. 1629/08 од 29 октомври 2008 година, до Уставниот суд е поднесено на 01.03.2011 година.
Видно од Известувањето добиено од Основниот суд Скопје II Скопје (акт 03 Су.бр. 745/2011 од 16.03.2011) и доставеното копие од доставницата за достава на Решението Рож.бр. 1629/08 од 29 октомври 2008 година, Решението е предадено на петти ноември 2008 година на извршителот Благоја Николовски од Скопје, кој потоа согласно Законот за извршување е должен да изврши достава на решението до странките по предметот.
Од увидот во доставената документација кон барањето, Судот утврди дека лицата Наце Груевски и Тања Груевска на ден 27.11.2008 година, дале изјава пред нотар Снежана Сарџовска од Скопје, во врска со Правосилната пресуда Рож бр.1994 од 03.01.2008 година на Апелациониот суд Скопје, И.бр.181/08 од 01.08.2008 година за Решението Рож бр. 1629/08 од 29.10.2008 година, од каде произлегува дека истите на овој датум биле запознаени со содржината на оспореното решение на Апелациониот суд Скопје, Рож бр. 1629/08 од 29.10.2008 година, односно дека Решението им било доставено најдоцна до датумот кога е извршена заверката на изјавата пред нотар.
Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и фактот дека подносителите, барањето за заштита на слободите и правата, повредени со Решението на Апелациониот суд Скопје, Рож бр. 1629/08 од 29.10.2008 година, го поднеле неблаговремено, односно по истекот на рокот од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки да се впушти во суштинско одлучување по барањето и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на барањето.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.47/2011
6 април 2011 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски