Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 9 март 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 12 став 3 во делот
2. Фондацијата „Институт отворено општество-Македонија“ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со поименичното означување во законската одредба на две здруженија на граѓани-Македонски младински прес и Советот на Младински НВО на тој начин што од нивните редови да биле бирани членовите на Управниот одбор на Националната агенција, законодавецот ги ставал овие здруженија на граѓани во поповолна положба во однос на останатите здруженија на граѓани и физички лица кои работат и дејствуваат во оваа област, со што останатите здруженија на граѓани биле ставени во нееднаква положба односно биле дискриминирани. Таквата законска одредба била своевиден преседан со оглед дека наведените организации немале никаков особен статус за претставување на здруженијата на граѓани кои работат во областа на образованието или европските програми за мобилност односно на ваков начин се создавал монопол во претставувањето на здруженијата на граѓани за остварување на Програмите на ЕУ за „Доживотно учење“ и „Млади во акција“, а заинтересираните лица и регистрираните здруженија на граѓани од оваа област биле ставени во нерамноправна положба и однапред биле оневозможени по сила на Законот да конкурираат за членство во оваа Национална агенција и да можеле преку Агенцијата да работат на остварување на своите цели и заложби.
Подносителот на иницијативата смета дека, ако законодавецот одлучил во определен орган на управување да вклучи и претставници на граѓанскиот сектор како легитимен фактор во управувањето и спроведувањето на програмите на ЕУ во областа на образованието и мобилноста, тогаш требало да остави здруженијата на граѓаните од оваа област самите, преку различни форми на организирање, здружување, коалицирање, платформи и слично, да одлучат, предложат и изберат кои субјекти ќе бидат нивни претставници во органот на управување или дополнително со Законот да определи критериуми по кои здруженијата на граѓани ќе се квалификуваат за кандидатура за членство во тоа тело и ќе бидат избрани во транспарентен процес или нивното членство во Националната агенција ќе биде ограничено со мандат. Во конкретниот случај, без никакви критериуми, по дискреција на Владата и Собранието на Република Македонија биле определени две здруженија на граѓани кои биле ставени во поповолна положба во однос на сите останати.
Ваквото законско формулирање во член 12 став 3 од Законот било во директна спротивност на член 9 и член 20 ставовите 1 и 2 од Уставот и ја нарушувало слободата на здружувањето на граѓаните заради остварување на легитимни цели, еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, како и ја повредувало темелната вредност владеењето на правото утврдена во член 8 од Уставот. Исто така, ова законско формулирање било во директна спротивност и со член 11 став 1 од Европската конвенција за човековите права и слободи. Подносителот на иницијативата укажува дека Уставниот суд, со Одлука У бр.21/2007 од 9 април 2008 година, укинал членови од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со кои Сојузот на студенти се ставал во поповолна положба во однос на останатите студентски организации во врска со застапувањето на студентите во рамките на органите на управувањето на Универзитетот, поради што и во овој случај требало да интервенира.
3. Судот на седницата утврди дека во член 12 од Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007) се определува дека: „Орган на управување на Националната агенција е Управниот одбор“ (став 1) и дека: „Претседателот и членовите на Управниот одбор ги именува и разрешува Владата на Република Македонија“ (став 2).
Во оспорениот став 3 од овој член на Законот се определува дека: „Управниот одбор го сочинуваат претседател и четири члена, и тоа: по еден од Министерството за образование и наука, Министерството за финансии и Македонскиот младински прес и два члена од Советот на Младински НВО.“ Оспорен е делот: „и Македонскиот младински прес и два члена од Советот на Младински НВО.“
Но, со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2011 од 25 февруари 2011 година) се определува дека членот 12 став 3 се менува и гласи: „Управниот одбор го сочинуваат претседател и четири члена и тоа по два од Министерството за образование и наука и од Министерството за финансии и еден член од Агенцијата за млади и спорт.“
Оваа законска одредба влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност во „Службен весник на Република Македонија“ (член 7) односно на 5 март 2011 година.
4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува, покрај другото, за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа што оспорената содржина на законската одредба престанала да важи, при што во сегашната одредба на членот 12 став 3 од Законот не е содржана определбата само претставници на конкретни два субјекти да бидат избрани како членови на Националната агенција, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за одлучување по иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова- Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски и д-р Гзиме Старова.
У бр.40/2010
9 март 2011 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски