170/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за локалитет Мичурин-Урбана единица А, бр.07-188/2 од 6 август 2008 година, („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.12/2008), донесена од Советот на општина Аеродром.

2. ДГТ „ЗОКО“ ДООЕЛ-Скопје и Зоран Димишков од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата постапката за донесување на оспорената одлука била спроведена спротивно на членот 24 став 9 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука. Имено, на јавната презентација и јавната анкета одржана од 29 ноември до 12 декември 2007 година во просториите на Основното училиште „Блаже Конески“ во општината Аеродром, бил презентиран предметниот План на кој биле прикажани градежните парцели од Г.П.1.1, Г.П.1.2, Г.П.1.3 итн., но по оваа фаза во постапката, Советот на општината усвоил изменет План од претходно презентираниот, на тој начин што во донесениот План веќе не биле предвидени Г.П.1.1, и Г.П.1.2 и на нивна површина била предвидена сообраќајница. Со оглед на тоа што во ниеден анкетен лист не било предложено поништување на наведените две градежни парцели не било јасно како можел Нацрт планот да се разликува од Планот што бил усвоен и донесен од Советот на општината. Подносителите на иницијативата имале правен интерес за градба на двете градежни парцели кои биле поништени со донесениот План и имале направено големи трошоци за нивна реализација, меѓутоа со донесениот План биле спречени во реализацијата, со груба повреда во постапката при донесување на Планот, спротивно на членот 24 став 9 од Законот, бидејќи доколку имало прифатено било какви промени во Нацрт-Планот, требало да се одржи втора јавна анкета, на што упатувала наведената законска одредба, а втора јавна анкета не била одржана. Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената Одлука.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром на седницата одржана на 5 август 2008 година донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за локалитетот Мичурин Урбана единица А. Со членот 1 од Одлуката, е утврдено дека се донесува Деталниот урбанистички план за локалитетот Мичурин Урбана единица А, Скопје и Планот бил во согласност со Генералниот урбанистички план на град Скопје, законите и подзаконските акти наведени во оваа одредба. Во членот 2 од Одлуката е определен просторот од 26,85 ха. кој е предмет на планирањето, билансните показатели за намена на објектите и планскиот опфат на Планот. Во членот 3 од Одлуката е определена документационата основа со текстуалниот и графичкиот дел на Планот, потоа планската документација, нумеричкиот дел и условите за градба. Во членовите 4, 5, 6 и 7 од Одлуката е определено дека Планот се заверува со печат на Советот на општината Аеродром и потпис на претседавачот на Советот, потоа Советот на општината во рок од 30 дена од донесувањето на Планот треба да обезбеди картирање на Планот на хамер или на астралин, дека Планот се заверува во седум примероци и дека оваа одлука влегува во сила од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Аеродром“.

Одлуката е заведена под број 07-188/2 од 6 август 2008 година и е објавена во „Службен гласник на општина Аеродром“ бр.12/2008.

4. Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007 и 151/2007-исправка), во чие време на важење е донесена оспорената одлука.

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Според членот 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата. Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот содржат: „граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури“. Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.

Согласно член 18 од Законот, изработување на урбанистички планови вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.

Според одредбите од членовите 21 и 22 од Законот плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на членот 21 од Законот, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).

Според ставот 6 од овој член од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози. Според став 9 од овој член, доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета. Во ставот 10 утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Од изнесените законски одредби Судот оцени дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Според Судот, тргнувајќи од наведената законска регулатива, како и од увидот и анализата на документацијата од постапката за донесување на оспорената одлука, произлегува:

– Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија ДОО „ИН-ПУМА“ од Скопје го изработил Нацрт Деталниот урбанистички план за локалитетот Мичурин Урбана единица А, во општина Аеродром на кој била извршена Стручна ревизија во април 2007 година од Друштвото за градежништво, проектирање, трговија и услуги „Стан-арт“ ДООЕЛ Куманово и изготвувачот на планот дал одговор на ревизијата во мај 2007 година,

– Министерството за транспорт и врски – сектор за уредување на просторот, дало Стручно мислење бр.18-3048/2 од 12 јули 2007 година, а изготвувачот на планот „ИН-ПУМА“ од Скопје, дало одговор во јули 2007 година на забелешките на Министерството,

– Советот на општина Аеродром донел Одлука бр.07-136/6 од 27 ноември 2007 година за утврдување на Нацртот на Деталниот урбанистички план за локалитетот „Мичурин“ УЕ А. Градоначалникот на општината Аеродром донел Решение бр.08-7993/1 од 27 ноември 2007 година за организирање на јавна презентација и јавна анкета на Нацрт-Планот, во кое било определено дека соопштението ќе биде објавено во дневниот весник „Нова Македонија“ и јавната анкета ќе траела 10 работни дена од 29 ноември 2007 година до 12 декември 2007 година од 12 до 19 часот, во просториите на Основното училиште „Блаже Конески“ во општината Аеродром, а јавната презентација ќе се одржи на 3 декември 2007 година. Соопштението за јавна презентација и јавна анкета ги имало во својата содржина наведените податоци.

– Стручната комисија изготвила Извештај од спроведената јавна анкета и јавна презентација бр.18-4862/2 од 10 јули 2008 година, од кој произлегува дека биле поднесени 66 анкетни листови со забелешки по Нацрт-Планот од кој дел биле прифатени а дел не биле прифатени, а на јавната презентација биле присутни претставник од Секторот за комунални работи, урбанизам и заштита на животната средина во општина Аеродром, соработник за организационо-технички работи во општината и претставник од изготвувачот на планот „ИН-ПУМА“, во присуство на граѓани и правни лица.

– Министерството за транспорт и врски дало Согласност бр.16-8658 од 4 август 2008 година на Предлог-Планот за Деталниот урбанистички план за локалитетот „Мичурин“ УЕ А, општина Аеродром и потоа Советот на општината Аеродром ја донел Одлуката за донесување на предметниот план.

5. Во текот на постапката пред Судот, по повод поднесената иницијатива за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за локалитетот Мичурин Урбана единица „А“ општина Аеродром, Судот со писмо од 4 октомври 2010 година побара Советот на општината Аеродром да ја достави целокупната документација од постапката за донесување на Планот, како и да се произнесе по наводите во иницијативата, и Советот на општината достави своја информација за списите кои ги доставува, но не се произнесе по наводите во иницијативата и достави документација од постапката за донесување на Планот. Судот, врз основа на доставената документација ја утврди погореизнесената фактичка состојба. Меѓутоа, приговорот во иницијативата се однесува на тоа дека на увид на граѓаните на јавната анкета и јавна презентација бил изложен Нацрт-план кој немал никакви приговори со анкетни листови во однос на предвидените две градежни парцели посочени во иницијативата, а потоа, сепак бил донесен Планот кој бил различен во тој дел од Нацрт-Планот, и Советот на општината донела План кој се разликувал од изложениот Нацрт-План, при што двете градежни парцели за изградба на колективни стамбени објекти веќе не се предвидувале.
Советот на општината, дополнително, со писмо број 07-60/1 од 11 февруари 2011 година, го достави до Судот Синтезниот приказ од Деталниот урбанистички план за локалитетот Мичурин Урбана единица „А“ кој бил изложен на јавната анкета започната на 29 ноември 2007 година и Деталниот урбанистички план за предметното подрачје кој бил донесен со оспорената Одлука број 07-188/2 од 6 август 2008 година.
Од приложените докази Судот утврди дека Нацрт-Планот кој бил изложен на јавната анкета ги предвидувал градежните парцели 1.1 и 1.2. за изградба на две колективни станбени згради (семејно домување во зграда) со максимална висина од 19,2 м., додека овие градежни парцели не се содржани во Деталниот урбанистички план кој е донесен од Советот на општината Аеродром со оспорената Одлука.
Тргнувајќи од изнесената правна и фактичка состојба, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата, пред Судот се постави сомнеж за законитоста на постапката на донесувањето на Планот со оспорената Одлука, поради непочитување на одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање, според кои содржината на нацрт-планот со прифатените забелешки од јавната анкета е предмет на усвојување на планот и негово донесување, а пак согласно членот 24 став 9 од овој закон, доколку комисијата оцени дека нацрт-планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промени на границата на урбанистичкиот опфат, регулациони линии, намена на земјиште и други промени од поголем обем) градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградените забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета. Имено, доколку во случајов двете градежни парцели биле отстранети во фазата на јавната анкета и јавна презентација на Нацртот на Планот, тоа би било врз основа на анкетни листови и приговори кои биле прифатени од комисијата, и евентуално, на тоа да следела нова јавна анкета и јавна презентација на нацрт-планот. Меѓутоа, ниту доказите од постапката ниту Советот на општината докажуваат за постоење на вакви елементи во постапката на донесување на Планот, поради што се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Законот за просторното и урбанистичкото планирање.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски и д-р Гзиме Старова.
У.бр.170/2010
9 март 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски