Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 2 март 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 74 став 3 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/10, 116/10, 156/10 и 18/2011).
2.Крсте Трајковски адвокат од Велес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од законот означен во точка 1 од ова решение.
Според наводите во инцијативата, членот 74 став 3 од Законот не бил во согласност со Амандман V точка 1 став 1 на Уставот на Република Македонија со кој на недвосмислен начин било утврдено дека македонскиот јазик и неговото кирилско писмо се службен јазик и писмо на целата територија на Република Македонија, а дека според став 2 на точката 1 од овој амандман друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните бил исто така службен јазик и неговото писмо, но како што е определено со овој амандман. Според тоа, ставот 2 претставувал само дополнување, надоврзување односно продолжување на ставот 1, а не и замена на ставот 1 од точката 1 на Амандманот V.
Покрај ова, постоела неусогласеност на оспорениот член 74 став 3 од Законот со член 4 од истиот закон со кој се утврдувало дека „Воспитно-образовната дејност во средното училиште се изведува на македонски јазик и кирилско писмо“ (став 1), како и дека „За припадниците на заедниците кои следат настава на јазик различен од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, воспитно-образовната дејност во јавните средни училишта се изведува на јазикот и писмото на соодветната заедница на начин и под услови утврдени со овој закон“ (став 2). Исто така се наведува дека „Учениците од став 2 задолжително го изучуваат и македонскиот јазик“(став 3). Неусогласеност постоела и во самиот член 74 од Законот бидејќи во ставот 2 било определено дека „За припадниците на заедниците кои наставата ја следат на јазик различен од македонскиот јазик, педагошката документација се води и издава на македонски јазик со употреба на неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на кои се изведува наставата“, а во ставот 3 дека дневникот на паралелката се води само на јазикот и писмото на кој се изведува наставата. Според тоа, оспорената законска одредба била недоречена, оставала простор за манипулација, непочитување и непримена на службениот македонски јазик и неговото писмо во воспитно-образовниот процес на целата територија на Република Македонија, поради што била неуставна.
3.Судот на седницата утврди дека во член 74 став 1 од Законот се определува дека:„Педагошката документација во средните училишта се води и издава на македонски јазик со употреба на кирилското писмо“ (одредбата е содржана во основниот текст на Законот објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.44/95 од септември 1995 година).
Според став 2 од истиот член на Законот, „За припадниците на заедниците кои наставата ја следат на јазик различен од македонскиот јазик, педагошката документација се води и издава на македонски јазик со употреба на неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на кој се изведува наставата“(одредбата е внесена во Законот со измените и дополнувањата објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2004 од октомври 2004 година).
Оспорениот став 3 на членот 74 од Законот определува дека:„Дневникот на паралелка се води на јазикот и писмото на кој се изведува наставата“ (оваа одредба е внесена во Законот со измените и дополнувањата објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2004 од октомври 2004 година).
Во став 4 од истиот член на Законот се определува дека:„Дневникот на паралелката задолжително се води и во електронска форма (е-дневник) преку веб апликација која ја администрира Министерството“ (оваа одредба е внесена во Законот со измените и дополнувањата објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2011 од 14 февруари 2011 година).
4. Според точката 1 од Амандманот V на Уставот, на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо (став 1).
Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член (став 2).
Личните документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се издаваат на македонски јазик и неговото писмо, како и на тој јазик и неговото писмо во согласност со закон (став 3).
Кој било граѓанин кој живее во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, во комуникацијата со подрачните единици на министерствата, може да употреби кој било од службените јазици и неговото писмо. Подрачните единици надлежни за тие единици на локална самоуправа одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот. Секој граѓанин во комуникација со министерствата може да употребува еден од службените јазици и неговото писмо, а министерствата одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот (став 4).
Во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон (став 5).
Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат најмалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа (став 6).
Според член 74 од Законот за средното образование, педагошката документација во средните училишта се води и издава на македонски јазик со употреба на кирилското писмо (став 1), а за припадниците на заедниците кои наставата ја следат на јазик различен од македонскиот јазик, педагошката документација се води и издава на македонски јазик со употреба на неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на кој се изведува наставата (став 2), при што дневникот на паралелка се води на јазикот и писмото на кој се изведува наставата (став 3), а дневникот на паралелката задолжително се води и во електронска форма (е-дневник) преку веб апликација која ја администрира Министерството (став 4).
Имајќи ја предвид содржината на членот 74 од Законот во целина, а особено содржината на ставовите 2 и 4 од овој член на Законот во врска со иницираното прашање, како и другите законски одредби на чиј дел упатува и подносителот на иницијативата, Судот оцени дека е несоодветно одредбата од оспорениот став 3 на членот 74 од Законот да се интерпретира издвоено од останатите законски одредби и на тој начин да и’ се дава еднострано значење. Оспорената одредба разбрана како дел од другите законски одредби не ја доведува во прашање употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, поради што Судот утврди дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Амандманот V на Уставот.
Во врска со наводите во иницијативата за неусогласеноста на членот 74 став 3 од Законот со другите одредби од истиот закон, Судот утврди дека меѓусебниот однос на одредбите од ист закон, според член 110 од Уставот, не влегува во делокругот на Уставниот суд.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски, и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У бр. 290/2009
2 март 2011 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски