209/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 2 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 7 став 2 алинеја 2 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби немале основ во Уставот, ниту во Законот за класифицирани информации, затоа што постоењето на безбедносен ризик можело да се утврдува само за лицето за кое се бара издавање на соодветен безбедносен сертификат, а не и за неговите деца, брачниот дугар, родителите, па дури и за други лица со кои тој живее во иста семејна заедница, како што пропишувале оспорените одредби. Децата, брачниот дугар, родителите и другите лица со кои лицето за кое се бара издавање на соодветен безбедносен сертификат живее во иста семејна заедница, биле посебни личности и имале право на свој сопствен живот и за своите мани, грешки само тие можеле да сносат правни последици, а никако и лицето за кое се барал безбедносниот сертификат.

Поради наведеното, според подносителот на иницијативата, со оспорените одредби се повредувале член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4 и 11, член 11 став 1, член 18, член 25, член 51, член 88 и член 91 алинеја 5 од Уставот и одредбите на Законот за класифицирани информации, поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на нивната уставност и законитост.

3. Судот на седницата утврди дека според член 7 став 2 алинеја 2 од Уредбата за безбедност на лица корисници на класифицирани информации, постоењето на безбедносен ризик за лицето за кое се бара издавање на соодветен безбедносен сертификат, се утврдува од страна на Дирекцијата врз основа на спроведена оперативна безбедносна проверка за кандидатот, неговите деца и брачниот другар, за проверки од втор степен, а според алинеја 3 од истиот став, врз основа на спроведена оперативна безбедносна проверка за кандидатот, неговите деца, брачниот другар, родителите и за другите лица со кои тој живее во иста семејна заедница , за проверките од трет степен.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, а согласно алинеја 5 од истиот член, Владата донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Со Законот за класифицирани информации (“Службен весник на Република Македонија” бр. 9/2004 и 113/2007и 145/2010) се уредува класификацијата на информациите, условите, критериумите, мерките и активностите што се преземаат за нивна заштита, правата, обврските и одговорностите на создавачите и корисниците на класифицирани информации, меѓународната размена, како и други прашања во врска со користењето на класифицирани информации (член 1).

Согласно член 3 од Законот, овој закон се применува и за заштита на класифицирани информации примени од странски држави и меѓународни организации или создадени во меѓусебна соработка, доколку со ратификуваните меѓународни договори или со меѓународните договори на кои им пристапила Република Македонија поинаку не е уредено.

Според член 5 точка 3 од овој закон, ”Класифицирана информација” е информација која се заштитува од неовластен пристап или употреба и која се определува со степен на класификација.

Согласно член 6 став 2 од Законот, информациите кои се предмет на класификација се однесуваат особено на: јавната безбедност; одбраната; надворешните работи; безбедносни, разузнавачки и контраразузнавачки активности на органите на државната управа на Република Македонија; системи, уреди, проекти и планови од важност за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи; научни истражувања и технолошки, економски и финансиски работи од значење за Република Македонија.

Според член 7 став 3 од истиот закон, информацијата се определува со еден од степените на класификација:
– државна тајна;
– строго доверливо;
– доверливо и
– интерно.

За заштита на класифицираните информации, согласно член 24 од Законот, се преземаат мерки и активности за административна, физичка, информатичка и индустриска безбедност, како и за безбедност на лицата.

Според член 27 од Законот, мерки и активности за безбедност на лица се:
-определување на овластени лица за работа и постапување со
класифицирани информации;
– одговорно постапување со класифицирани информации;
– безбедносна проверка;
– издавање на безбедносен сертификат;
– издавање на дозвола за пристап до класифицирани информации и
– проверка и оценување на способноста за постапување со класифицирани информации.

Согласно член 30 од истиот закон, Владата со уредби ги уредува мерките и активностите од членовите 25 до 29 на овој закон.

Според член 41 став 1 од Законот, исполнувањето на условите за издавање на безбедносен сертификат се утврдува преку безбедносна проверка. Според став 2 на истиот член, безбедносната проверка од ставот 1 на овој член се врши врз основа на претходна писмена согласност од лицето на кое треба да му се издаде безбедносниот сертификат, која е составен дел на барањето од членот 35 став 1 на овој закон.

Безбедносна проверка, според член 42 став 1 од Законот, се презема пред издавање на безбедносен сертификат на правни и физички лица за пристап и користење на класифицирани информации, со цел да се утврди постоење или непостоење на околности што го ограничуваат пристапот и користењето на класифицираните информации.

Согласно член 45 од Законот, во зависност од степенот на класифицираната информација за која е поднесено барање за издавање безбедносен сертификат, се врши безбедносна проверка соодветна на степенот на класифицираната информација и тоа:
а)од прв степен за информација класифицирана “ДОВЕРЛИВО”;
б)од втор степен за информација класифицирана “СТРОГО ДОВЕРЛИВО” и
в)од трет степен за информација класифицирана “ДРЖАВНА ТАЈНА”.

Владата на Република Македонија, врз основа на член 30 од наведениот закон, има донесено Уредба за безбедност на лица корисници на класифицирани информации.

Со оваа уредба се уредуваат мерките и активностите за безбедност на лица корисници на класифицирани информации (член 1).

Според член 7 став 2 од наведената уредба, постоењето на безбедносен ризик за лицето за кое се бара издавање на соодветен безбедносен сертификат, се утврдува од страна на Дирекцијата врз основа на спроведена оперативна безбедносна проверка:
– само за кандидатот, за проверка од прв степен;
– за кандидатот, неговите деца и брачниот другар, за проверки од втор степен;
– за кандидатот, неговите деца, брачниот другар, родителите и за другите лица со кои тој живее во иста семејна заедница, за проверките од трет степен.

Според член 10 алинеја 11 од Уредбата, при оценката за постоење на безбедносен ризик за лицето за кое се бара издавање на безбедносен сертификат, помеѓу другото, се проверува дали лицето е способно да го издржи притисокот на роднините или блиските соработници за оддавање на класифицирани информации на странски разузнавачки служби и организации, терористички групи или други слични организации или лица кои можат да ја загрозат безбедноста на Република Македонија.

Во однос на прашањето за уставноста и законитоста на одредбите од член 7 од Уредбата според кои, постоењето на безбедносен ризик се барало, освен за лицето за кое се бара издавање на соодветен безбедносен сертификат, и за неговите деца, брачниот другар, родителите, па дури и за други лица со кои тој живее во иста семејна заедница, кое се покренува со иницијативата, Судот го имаше предвид следното:

Согласно одредбите на Законот за класифицирани информации, безбедносниот ризик на лицето се утврдува од надлежен орган при безбедносна проверка од прв, втор и трет степен (член 46-член 48).

Како разработка на овие законски одредби, Владата со член 7 од Уредбата пропишува дека постоењето на безбедносен ризик за лицето за кое се бара издавање на соодветен безбедносен сертификат, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации го утврдува врз основа на спроведена оперативна безбедносна проверка, која за проверки од втор степен покрај кандидатот, ги опфаќа и неговите деца и брачниот другар, а за проверките од трет степен, покрај кандидатот, ги опфаќа и неговите деца, брачниот другар, родителите и за другите лица со кои тој живее во иста семејна заедница. По оцена на Владата, односот на лицето кое бара безбедносен сертификат кон напред наведените лица треба да даде одговор за неговата лојалност, доверливост и одговорност во пристапот, ракувањето и чувањето на класифицираните информации кои треба да му бидат дадени за извршување на работните задачи, при што треба да се има предвид дека станува збор за класифицирани информации степенувани како „СТРОГО ДОВЕРЛИВО“ и „ДРЖАВНА ТАЈНА“.

Владата укажува (во својот одговор до Уставниот суд на наводите од иницијативата – акт бр. 51-7455/1 од 28.12.2010 година) дека ваквиот начин на проверка на еден од елементите на безбедносниот ризик со утврдување на лојалноста, доверливоста и одговорноста на лицето во ракувањето со класифицирани информации преку неговата способност да го издржи влијанието или притисокот на роднините или блиските соработници, бил елемент кој што бил прифатен и во земјите членки на НАТО и Европската унија. Во оваа смисла, се укажува дека според НАТО Директивата за персонална безбедност (Документ АС/35-D/2000-Rev.1 од 04.02.2005 година), на која соодветствува оспорената Уредба, во која се уредуваат критериумите за оценување на подобноста за добивање на безбедносен сертификат за физички лица, во точките 7, 8 и 9 се опфатени и брачните партнери и лицата со кои се живее во заедница и блиското семејство, како лица чиј карактер, однесување и услови можат исто така да бидат релевантни и би требало да бидат земени предвид при оценувањето на подобноста на кандидатот за добивање безбедносен сертификат.

Според Судот, неспорно е уставното овластување на Владата да донесува прописи за извршување на законите, односно во конкретниот случај со уредба да разработи одредби од Законот за класифицирани информации, заради нивна операционализација. Меѓутоа, определбата во Уредбата, оперативната безбедносна проверка, во случаи кога станува збор за заштита на класифицирани информации од највисок степен кои се однесуваат за безбедноста и одбраната на Република Македонија, да ги опфати и лицата од најблиското опкружување на лицето за кое се бара утврдување на безбедносен ризик, во отсуство на законска регулатива која утврдува дека оперативната безбедносна проверка треба да ги опфати и овие лица, значи дека Владата со подзаконски акт пропишува права и обврски за граѓаните, што ги надминува уставните овластувања на Владата да ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и да е одговорна за нивното извршување, поради што основано се постави прашањето дали тоа води кон повреда на владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Оттука, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на член 7 став 2 алинеја 2 во делот: „неговите деца и брачниот другар“ и алинеја 3 во делот: „ неговите деца, брачниот другар, родителите и за другите лица со кои тој живее во иста семејна заедница“ од Уредбата за безбедност на лица корисници на класифицирани информации со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 88 и член 91 алинеја 5 од Уставот и со одредбите на Законот за класифицирани информации.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.209/2010
2 март 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски