187/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 февруари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за локалитет „Алекса Демниевски“ – општина Ѓорче Петров, Скопје бр.07-1474/4 од 21 јули 2006 година, донесена од Советот на општина Ѓорче Петров („Службен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр. 7/ 2006 година).

2. Томислав Арсовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Во поднесената иницијатива, подносителот на иницијативата наведува дека со оспорената одлука му било повредено правото на сопственост на градежна парцела на КП.бр.9726/1 КО Ѓорче Петров 6, а на која истиот бил сопственик според имотен лист бр.11215 за КО Ѓорче Петров и правото на сопственост на градежниот објект – семејна куќа изградена на КП.9726/1 КО Ѓорче Петров, а на која истиот бил сопственик видно од имотен лист бр.11337 за КО Ѓорче Петров 6.

Според наводите во иницијативата на градежната парцела, сопственост на подносителот на иницијативата, со новиот Детален урбанистички план се предвидувала нова градежна парцела со маркица бр.3.5.26. Градежната парцела, која била сопственост на подносителот на иницијативата, веќе претходно била урбанистички регулирана и на истата веќе постоел градежен објект, кој што бил изграден со легално одобрение за градење бр.16-2487/2 од 30 јули 2003 година.

Имајќи го предвид сето наведено, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената Одлука не била ценета постојната состојба и не било работено со ажурирана геодетска подлога во смисла на член 19 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што му било повредено правото на сопственост предвидено во член 30 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од оспорената одлука се предвидува дека со оваа Одлука се донесува Деталниот урбанистички план за локалитет Алекса Демниевски – Општина Ѓорче Петров, Скопје.

Деталниот урбанистички план е изработен според одредбите за спроведување на Генералниот урбанистички план на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр.8/2002), Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови („Службен весник на РМ“ бр. 2/2002) и Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот („Службен весник на РМ“ бр.2/2002 и 50/2003).

Според член 2 од Одлуката со Деталниот урбанистички план за локалитет Алекса Демниевски – Општина Ѓорче Петров од член 1 се опфаќа простор со површина на урбаниот опфат од 30,60ха.
Овој локалитет е дефиниран со следните граници на урбаниот опфат:

– север ул. Ѓорче Петров,
– запад и југ ул. „Сремски Фронт“ која преоѓа во ул. „Алекса Демниевски“,
– исток источни граници на КП-ли ориентирани кон ул. „1“, врти по осовина на новопроектирана ул. „1“, ул. „Ѓуро Салај“, ул. „Алекса Демниевски“, новопроектирана ул. „3“, новопроектирана ул. „5“ до ул. „Алекса Демниевски“ пак на север по новопроектирана ул. „6“ до „Социјалистичка Зора“ врти по ул. „Никола Пушкаров“ до пресек со ул „Браќа Чакреви“ и оди по осовини на колско пешачки улици „Рамиз Садику“ и ул. „9“ до ул. „Ѓорче Петров“.

Во член 3 од Одлуката се предвидува дека Деталниот урбанистички план за локалитет Алекса Демниевски – Општина Ѓорче Петров, изработен од АД за урбанизам, архитектура и инженеринг „ЗУАС“ – Скопје, со технички број 1176/03 е изготвен во две фази: Нацрт-План и Предлог-План.

Деталниот урбанистички план според истиот член од Одлуката содржи под А) Планиран развој и под Б) Документациона основа.

Според член 4 од Одлуката Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на Општина Ѓорче Петров и потпис на Претседателот на Совет на Општината.

Според член 5 од Одлуката Одделението за урбанизам на Општина Ѓорче Петров во рок од 30 дена од завршување на целосната законска постапка за донесување на Деталниот урбанистички план, ќе обезбеди комплетна документација за реализација на Планот.

Во членот 6 од истата одлука се предвидува дека Деталниот урбанистички план со сите негови делови кои се составен дел на оваа Одлука се чува во Одделението за урбанизам на Општина Ѓорче Петров.

Членот 7 од Одлуката предвидува дека Оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен гласник на општина Ѓорче Петров.

4. Во текот на претходната постапка Судот ја утврди следнава фактичка состојба:

Општина Ѓорче Петров и АД за урбанизам, архитектура и инженеринг ЗУАС-Скопје, на ден 1 август 2003 година склучила договор за изработка на Детален урбанистички план за локалитет дива населба Алекса Демниевски.

Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија – ИН ПУМА – изготви извештај од стручна ревизија на Деталниот урбанистички план локалитет Алекса Демниевски 2003-2008 за Општина Ѓорче Петров – Скопје под тех. бр.228/2002 од декември 2003 година.

АД за урбанизам, архитектура и инженеринг „ЗУАС“ – Скопје, изготви одговор на забелешките од извршената стручна ревизија по нацрт-планот за спорниот локалитет од март 2004 година.

Главниот архитект на Град Скопје Зоран Тониќ даде позитивно стручно мислење, бр.18а-755/1 од 13 декември 2004 година по доставениот Нацрт-план на предметниот Детален урбанистички план.

Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот до Општина Ѓорче Петров достави стручно мислење на 24 јануари 2005 година под бр.13-17473.

Одделението за урбанизам и заштита на животната средина утврди Нацрт-одлука за донесување на Детален урбанистички план за локалитет „Алекса Демниевски“ во Општина Ѓорче Петров, бр.18-848/3 од 1 јуни 2005 година.

Одделението за урбанизам и заштита на животната средина донесе Заклучок бр.18-848/2 од 1 јуни 2005 година, со кој се утврдени текстот на Нацртот за Деталниот урбанистички план за спорниот локалитет.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров донесе Одлука за организирање Јавна анкета по нацрт-одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за локалитет „Алекса Демниевски“ во Општина Ѓорче Петров, бр.08-848/4 од 8 јуни 2005 година, според која соопштението за организирање на Јавна анкета ќе биде објавено во јавното гласило „Утрински весник“ и истата ќе трае 15 дена од денот на објавувањето на соопштението во јавното гласило.

Соопштението за организирање на јавна анкета е објавено во дневниот печат „Утрински весник“ на 10 јуни 2005 година.

Месната заедница „Ѓорче Петров“ – Скопје до општина Ѓорче Петров – Одделение за урбанизам – Скопје, ја достави документацијата од спроведената јавна анкета на Деталниот урбанистички план за локалитет „Алекса Демниевски“ со писмо бр. 03-25/2 од 27 јуни 2005 година.

Одделението за урбанизам на Општина Ѓорче Петров изготви Записник од одржана стручна консултација по Нацрт Детален урбанистички план за локалитет „Алекса Демниевски“ бр.18-934/4 од 11 јули 2005 година.

Извештај од Комисијата за разгледување на анкетни листови по Нацрт-одлуката за Детален урбанистички план локалитет „Алекса Демниевски“, бр.18-934/5 од 20 декември 2005 година.

Секторот за планирање и уредување на просторот – Одделение за просторно и урбанистичко планирање, до општина Ѓорче Петров достави Мислење по Предлог Детален урбанистички план, бр.13-780/1 од 16 март 2006 година.

Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот, до Општина Ѓорче Петров издаде согласност на Предлог Деталниот урбанистички план за локалитет „Алекса Демниевски“ – општина Ѓорче Петров, бр.18-4816/3 од 15 мај 2006 година.

По добивањето на согласноста, Советот на општина Ѓорче Петров, ја донел оспорената Одлука бр.07-1474/4 од 21 јули 2006 година, која е објавена во „Службен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр. 7 од 31 јули 2006 година.

5. Според член 8 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005). Во Главата VI Преодни и завршни одредби на овој закон, во член 80 е утврдено дека постапката за донесување на урбанистичките планови започната пред денот на примената на овој закон (1 јули 2005 година), ќе продолжи според одредбите на законот кој бил во сила на денот на нивното отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја поминал фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација.

Со оглед на тоа што Судот утврди дека во времето на отпочнувањето на постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за општина Ѓорче Петров и спроведената јавна анкета по нацрт-планот во сила бил Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), анализата на правната и фактичката состојба во врска со постапката за донесување на оспорената одлука се врши во однос на овој закон.

Со член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови, во кои спаѓа просторен план на Републиката и урбанистички планови, во кои спаѓаат: генерален урбанистички план, детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината.

Со член 16 став 1 од Законот се утврдува дека изработување на сите урбанистички планови врши правно лице овластено од министерот надлежен за работите на уредувањето на просторот, ако во редовен работен однос има најмалку три овластени лица – со лиценца за изработка на урбанистички планови. Согласно ставот 2 на истиот член, овластување за изработка на урбанистички планови, освен генерален урбанистички план може да добие правно лице кое во редовен работен однос има најмалку едно овластено лице – со лиценца за изработка на урбанистички планови.

Во член 17 став 1 од Законот се утврдува дека плановите од член 7 на овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план. Според став 3 на истиот член, по нацртот на деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина, се спроведува јавна анкета. Согласно став 5 на истиот член, јавната анкета по деталниот урбанистички план и урбанистичката документација за населено место во општина, ги организира општината, односно градот Скопје. Согласно став 7 на овој член, одлука за организирање јавна анкета по нацрт детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината донесува градоначалникот на општината, односно градоначалникот на Град Скопје по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација. Согласно став 8 на истиот член, органите на државната управа, како и институциите особено од областа на заштитата на спомениците на културата, во текот на изработката на плановите од членот 7 на овој закон, доставуваат свои барања со предлог на мерки и режим на планирање и уредување на просторот.

Според член 18 став 1 на овој закон, јавната анкета по нацртот на деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки, на анкетни листови, до организаторот на анкетата. Согласно ставот 2 на истиот член, за времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Согласно став 4 на истиот член, извештај за стручната расправа и јавната анкета за плановите од член 17 став 5 на овој закон, со образложение за неприфатените забелешки, изработува општината, односно Градот Скопје.

Согласно член 19 став 1 од Законот, пред организирањето на стручната расправа и јавната анкета, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија. Согласно став 2 на истиот член, стручната ревизија на урбанистичките планови според Програмата од членот 14 на овој закон ја врши правно лице кое има добиено овластување од член 16 став 1 на овој закон, што го определува градоначалникот, која ја врши стручно научна институција или комисија што ги определува министерот надлежен за работите на урбанизмот. Согласно став 4 на овој член, изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по стручната ревизија.

Согласно член 20 став 1 од Законот, измените и дополнувањата на плановите од член 7 на овој закон се вршат по иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

Според членот 21-а од Законот, при изработување на урбанистички план од членот 7 точка 2 на овој закон (генерален урбанистички план, детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината) задолжително се применуваат нормативи и стандарди за уредување на просторот, кои ги донесува министерот надлежен за работите на уредувањето на просторот.

Согласно член 22 став 3 од Законот, општината донесува генерален урбанистички план, детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината, а согласно став 6 на истиот член, овие урбанистички планови се донесуваат по издавањето согласност на предлогот на планот од страна на министерството надлежно за работите на уредувањето на просторот. Со оваа согласност, согласно член 23 став 1 од Законот, се потврдува дека планот е изработен согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Законот за просторното и урбанистичко планирање, меѓу другото, го уредува изработувањето и постапката за донесување на плановите.

Согласно членот 2 од овој закон, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.

Врз основа на овластувањето дадено во цитираната законска одредба Уставниот суд на Република Македонија, при оценувањето на уставноста и законитоста на оспорената Одлука за донесување на Деталниот урбанистички план, има надлежност само за оценување на постапката за донесување на Детален урбанистички план, односно дали истата е запазена во смисла на одредбите на Законот за просторното и урбанистичко планирање, кој важел во моментот на донесувањето на Одлуката.

Наводите на кои се укажува во иницијативата по однос на повредата на правото на сопственост на градежна парцела на КП.бр.9726/1 КО Ѓорче Петров 6, за кое подносителот приложува ИЛ.бр.11215 за КО Ѓорче Петров и правото на сопственост на градежниот објект – семејна куќа изградена на КП.бр.9726/1 КО Ѓорче Петров 6 – КП.,бр.11337 за КО Ѓорче Петров, според Судот, не може да бидат предмет на оценување во оваа постапка.

Бидејќи со закон не е регулирано дека треба да запре донесувањето на урбанистичките планови и нивните измени и дополнувања поради спорни имотно правни односи на граѓаните за чие решавање се применуваат законите во Републиката, меѓу кои е и Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Макекдонија“ бр. 18/2001 и 92/2008) тогаш според ставот на Уставниот суд изразен во Одлуката У.бр.227/2008 од 22 април 2009 година единствено треба да се има предвид дека уредувањето и хуманизацијата на просторот и унапредувањето на животната средина и природата е темелна вредност определена со Уставот и претставува посебен интерес за Републиката за негово непречено остварување.

Правото на сопственост, на што како спорен момент се укажува во предметната иницијатива, се стекнува според самиот закон, врз основа на правна работа и со наследување (член 112 од Законот за сопственост и други стварни права).

Во одредбите на член 156 до 163 од Законот за сопственост и други стварни права, се содржани правилата за заштита на правото на сопственост. Овие законски одредби за заштита на правото на сопственост (156-163) се однесуваат на т.н. стварна правна заштита на правото на сопственост која се постигнува само и исклучиво преку сопственичките тужби, преку кои се изведува контрадикторна – доказна постапка и врз основа на која се утврдува фактичката состојба, со цел за правилна примена на материјалното право.

Од наведеното, јасно произлегува дека во постапката за донесување на Детален урбанистички план не може да се утврдува правото на сопственост, туку истата се утврдува во редовна постапка пред надлежен суд, иницирана со сопственичка тужба. Ова дотолку повеќе што, според Судот, ваквата околност на која се укажува во иницијативата не може да биде правна пречка за урбанистичкото планирање кое во својата суштина претставува план, а не реална реализација на терен и располагање со имот. Ова дотолку повеќе што, Судот не се впушта во оценка на уставноста бидејќи кога станува збор за урбанистички планови Уставниот суд ја цени само валидноста на постапката за нивното донесување.

По однос на наводот во иницијативата дека при донесување на оспорената одлука не била ценета постојната состојба и не било работено со ажурирана геодетска подлога, во смисла на член 19 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005), Судот оцени дека е неоснован. Ова од причина што постапката за донесување на оспорената одлука била спроведена во време на важење на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/1996, 28/1997м 18/1999, 53/2001 и 45/2002) и во период кога доносителот на актот немал законска обврска за изработка на ажурирана геодетска подлога.

Со оглед на тоа што со иницијативата неосновано се изнесуваат наводи за проблематизирање на уставноста и законитоста на оспорената Одлука за донесување на предметниот план, Судот оцени дека од изнесената анализа во однос на оспорената одлука не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за сопственост и други стварни права.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.187/2010
16 февруари 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски