11/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 9 февруари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 46 став 2 алинеја 2 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2006, 35/2008 и 150/2010).

2. Дељо Кадиев, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба била
спротивна со членот 9 став 2 и членот 32 став 2 од Уставот, бидејќи тоа доведувало граѓаните да бидат ставени во нееднаква положба при вработувањето. Имено, оспорената одредба која ги уредувала посебните услови за избор на судија во Вишиот управен суд, го ограничувала правото на останатите граѓани да конкурираат за судија на Вишиот управен суд, односно пристап до ова работно место имале само судиите со тригодишно судско искуство од Управниот суд и лица вработени во државните органи со шестгодишно работно искуство од областа на правото. Според вака формулираната оспорена одредба, изборот за судија на Вишиот управен суд не бил подеднакво достапен и за другите вршители на правната професија, односно за тие граѓани воопшто не било достапно ова работно место и покрај исполнувањето на општите услови за избор на судија.

Од овие причини, со иницијативата се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 46 став 2 алинеја 2 од Законот, е определено:

-За судија на Вишиот управен суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку три години непрекинат судиски стаж како судија во Управниот суд до моментот на пријавувањето за избор и кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон или лице кое има шест години стаж на правни работи во државен орган со потврдени резултати во работата или кое во последната година е оценето со највисока позитивна оцена, согласно со закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 23 од Уставот, е утврдено дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно членот 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно Амандманот XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Забранети се вонредни судови.

Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 99 став 1 од Уставот, судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот.

Со одредбите од Законот за судовите е определено дека судската власт ја вршат судовите во Република Македонија кои се самостојни и независни државни органи.

Според членот 22 од Законот, во судскиот систем судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови, Управниот суд, Вишиот управен суд и Врховниот суд на Република Македонија.

Во делот III од Законот, кој се однесува на „Судии и судии поротници“, со членот 38 став 1 е уредено дека судиската функција ја вршат судии. Судијата се избира без ограничување на траење на мандатот.

Според членот 45 од Законот, за судија може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови:

-да е државјанин на Република Македонија,
-активно да го владее македонскиот јазик,
-да е работоспособен и да има општа здравствена способност за што се вршат здравствени прегледи,
-дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование на правни студии со просек од најмалку осум или дипломиран правник со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС), со просек од најмалку во секој во секој од двата циклуса на универзитетските студии, или нострифицирана диплома од правен факултет во странство за стекнати 300 кредити,
-да има положено правосуден испит во Република Македонија,
-активно да познава еден од официјалните јазици на Европската унија, од кои задолжително англискиот јазик, што се докажува со еден од следниве меѓународно признати сертификати:
1) ТОЕФЕЛ (TOEFEL) – најмалку 74 бода за електронско полагање преку компјутер, не постар од две години од денот на издавањето на сертификатот;
2) ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода, не постар од две години од денот на издавањето на сертификатот;
3) ТОЛЕС (TOLES) – најмалку високо ниво (higher level);
4) ИЛЕК (ILEC) – положен со успех најмалку Б 2 (Б 2) и
5) Кембриџ сертификат – најмалку Прв сертификат за англиски ФЦЕ – Б 2 ( First Certificate of English FCE – B 2),
-практична работа со компјутери и
-да ужива углед, да поседува интегритет за вршење на судиската функција и да поседува социјални способности за вршење на судиската функција, за што се спроведуваат тестови за интегритет и психолошки тестови.“

(2) Потребните видови на здравствените прегледи, формата и содржината на психолошкиот тест и тестот за интегритет, како и нивото на практичната работа со компјутери од ставот (1) алинеи 3, 7 и 8 на овој член ги уредува Судскиот совет на Република Македонија.

Според членот 46 став 1 од Законот, посебни услови за избор на судија во основен суд, апелационен суд и во Врховниот суд на Република Македонија се:

-за судија на основен суд може да биде избрано лице кое ја завршило почетната обука во Академијата за судии и јавни обвинители,

-за судија на апелационен суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку четири години непрекинат судиски стаж како судија во основен суд до моментот на пријавувањето за избор, кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон, или судија во Управниот суд или Вишиот управен суд кој во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон и

-за судија на Врховниот суд на Република Македонија, може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку шест години непрекинат судиски стаж како судија во апелационен суд до моментот на пријавувањето за избор и кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон или судија во Управниот суд или
Вишиот управен суд кој во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон.

Според членот 46 став 2 алинеја 1 од од Законот, посебни услови за избор на судија во Управниот суд се:

-за судија на Управниот суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку четири години непрекинат судиски стаж како судија во основен суд до моментот на пријавувањето за избор и кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон или лице кое има пет години стаж на правни работи во државен орган со потврдени резултати во работата или кое во последната година е оценето со највисока позитивна оцена, согласно со закон.

Според оспорениот член 46 став 2 алинеја 2 од Законот, посебни услови за избор на судија во Вишиот управен суд се:

-за судија на Вишиот управен суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку три години непрекинат судиски стаж како судија во Управниот суд до моментот на пријавувањето за избор и кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон или лице кое има шест години стаж на правни работи во државен орган со потврдени резултати во работата или кое во последната година е оценето со највисока позитивна оцена, согласно со закон.

Од анализата на оспорената одредба од членот 46 став 2 алинеја 2 од Законот, произлегува дека законодавецот пропишал посебни услови за избор на Виш управен судија. Начелно, според ова законско решение, посебните услови кои лицето треба да ги исполни се однесуваат на потребното работно искуство, позитивна оцена во работењето, најголем број постигнати бодови во однос на други пријавени лица и државниот орган каде овие лица претходно работеле и ја вршеле својата правничка професија. Оттука, според оспореното законско решение едно лице да може да биде избрано за судија во Вишиот управен суд, покрај тоа што треба да ги исполни општите услови од членот 45 од Законот и посебните услови, како што се потребното работно искуство, покажани резултати во работата и освоени најмногу бодови во однос на другите кандидати, потребно е исто така да исполни уште еден посебен услов, а тоа е претходно најмалку три години непрекинато да ја извршувал судската функција во Управниот суд или да имал најмалку шест години стаж во државен орган на “правни работи”.

Тргнувајќи од анализата на целината на оспорената одредба, јасно произлегува дека законодавецот со оспорената одредба направил дистинкција помеѓу лица кои извршуваат “судска функција” во Управен суд и лица кои работат на “правни работи” во други државни органи. Следствено на тоа, законодавецот, конкретизирал дека само од судии од еден суд ќе се врши избор за виш управен судија, а во случајов тоа е Управниот суд. Оттука, произлегува дека, со самото конкретизирање на судoт од каде може да се врши избор на судии, другите судии кои ја извршуваат судската функција во другите видови судови, според ова законско решение, не можат да бидат избрани за виш управен судија. Значи во случајот, законодавецот со оспореното законско решение, не ги опфатил и другите лица кои вршат судска функција во останатите судови. Ова дотолку повеќе што лицата судии, не можат да се подведат под категоријата лица кои работат на “правни работи” во државен орган, која категорија, тргнувајќи од целината на оспорената одредба, јасно упатува дека станува збор за лица од државните органи кои не вршат судска функција, туку “правни работи”. Оттука, произлегува дека законодавецот при креирањето на оспорената одредба, точно конкретизирал кои лица, од кои државни органи и со каква професија, можат да бидат избрани како виш управен судија.

Тргнувајќи од изнесеното, според Судот, во конкретниот случај, со оспорената одредба од Законот, се ставени во привилегирана положба лицата кои вршат судска функција во Управниот суд во однос на лицата кои вршат судиска функција во останатите судови, по однос достапноста за избор на конкретната судска функција за кое подеднакво ги исполнуваат сите претходни услови, спротивно на уставните начела за еднаквост и достапност на секое работно место, односно функција.

При уставносудската анализа на оспорената одредба од Законот, се имаше предвид ставот на Судот по предметите У.бр.88/2008 и У.бр.98/2008, каде Судот не повел постапка за оценување на уставноста на законски пропишаните посебни услови за избор на судии или јавни обвинители, меѓутоа, според Судот, погореизнесените примери не можат да се доведат во корелација со конкретниот предмет. Ова од причини што, пропишаните посебни услови во тие случаи, произлегуваат од исполнување на претходен услов за конкретните функции, а тоа во првиот случај е завршена обука во Академијата за избор на судии и јавни обвинители, за да едно лице биде избрано за судија во основен суд или за јавен обвинител во основно јавно обвинителство, на која обука секој има право да се јави на оглас и да му стане достапна таа судска функција, односно јавно обвинителска функција. Во вториот случај, исто така посебниот услов произлегува од претходно исполнет услов, а тоа е лицето претходно да било избрано за јавен обвинител од страна на Советот на јавните обвинители, на чиј оглас за јавни обвинители, можеле да се јават сите лица, кои ги исполнувале законските услови за тоа, а со тоа да им биде достапна функција во јавното обвинителство, односно функција во јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.

За разлика од наведените случаи, во оспорената одредба од Законот, посебниот услов за избор на виш управен судија, не е врзан ниту за претходна обука, ниту за претходен избор или слично, туку тој посебен услов, е врзан за државни органи на начин што дозволува можност за исклучување на судиите од други видови судови, освен судиите од Управниот суд. Законодавецот го стеснил кругот за избор на виш управен судија, кој е сведен само за дел од лицата кои вршат судска функција, во конкретниот случај за лицата кои извршуваат судска функција само во Управниот суд и за лица од органи на државата кои работат на “правни работи”, на кој начин според Судот, се ограничува можноста за достапност на работно место, односно функција и за останатите лица носители на судска функција од останатите видови судови. Имено, неспорно е правото на законодавецот да го уреди воспоставувањето на правниот режим со Закон кој важи еднакво за сите кои припаѓаат во иста категорија на лица кои ќе конкурираат за избор на судии во вршењето на судската функција, односно, подеднакво да ги пропише посебните услови за избор за лицата во иста категорија, што не е случај со оспореното законско решение, со што според Судот, се доведува во прашање еднаквоста на лицата кои припаѓаат во иста категорија, односно лицата кои вршат судска функција.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот, утврди дека во конкретниот случај, основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од членот 46 став 2 алинеја 2 од Законот со одредбите од член 9 став 2, член 23 и член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија. Судот оцени дека не се исполнети предвидените услови за примена на одредбите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд, за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија, преземени врз основа на оспорената одредба од Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот, одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Трендафил Ивановски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 11/2011
9 февруари 2011 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски