У.бр.124/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 9 февруари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 16 став 5 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008 година).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 14 став 1 точка 11 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008 година).

3. Сандо Ивановски од Битола и Благој Јовановски од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и закoнитоста на Законот означен во точкaта 1 на ова решение.

4. Според наводите на подносителот на иницијативата Сандо Ивановски од Битола, оспорените одредби на член 14 став 1 точка 11 во врска со член 7 став 1 точка 8 од Законот имале ретроактивна примена спротивно на член 52 став 4 од Уставот. Имено од 01.01.2009 година по влегувањето во сила на оспорените одредби од Законот без известување му бил исплаќан придонес за пензиско и инвалидско осигурување поради невработеност по основица која била помала од предходно утврдената која изнесувала 23,822,00 денари поради што му било прекинато неговото веќе стекнато право за остварување на поповолна пензија. Со решение број 0306/2374-04 од 18.11.2004 година на Заводот за вработување на Република Македонија, Биро за вработување во Битола, на подносителот на иницијативата му било признаено право на паричен надоместок до вработување во висина од 11. 911,00 денари за првите 12 месеци, со усогласување до 31.12.2008 година.

Според подносителот на иницијативата Благој Јовановски од Велес со оспорените одредби од овој закон се повредувал членот 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32, член 50, член 51 и член 52 од Уставот. Со решение број 03-7/178 од 17.12.2004 година на Заводот за вработување на Република Македонија, Биро за вработување во Велес, на подносителот на иницијативата му било признаено право на паричен надоместок до вработување во висина од 30,115,16 денари за првите 12 месеци, кој износ претставувал неговата просечна нето плата, со усогласување до 31.12.2008 година. Како основ за пресметка на паричниот надоместок за првите 12 месеци бил земен износот од 50 % од неговата просечна нето плата. Имено, истиот смета дека законодавецот грубо го кршел правото на корисниците на паричен надоместок во случај на невработеност, создавал правна несигурност на граѓаните, ги кршел основните права и слободи и имал повратно дејство кое влијаело негативно за користење на веќе стекнатите права.

5. Судот на седница утврди дека според член 1 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, се уредуваат видовите на придонеси од задолжителното социјално осигурување (придонеси); обврзници за плаќање на придонеси; обврзници за пресметка и уплата на придонеси;, основиците на кои се плаќаат придонеси; стапките на придонеси; начинот на пресметка; роковите на плаќање на придонеси; контрола на пресметување и уплата на придонеси како и други правила кои се значајни за утврдување и плаќање на придонесите.

Согласно членот 2 од овој закон, со плаќање на придонесите се обезбедуваат средства за финансирање на задолжителното социјално осигурување.

Според член 3 од Законот, средствата од придонесите се јавни давачки над кои контрола врши Министерството за финансии, а на располагање на институциите за задолжително социјално осигурување, основани со закон кои го уредуваат системот на задолжително социјално осигурување, за намени утврдени во согласност со тие закони.

Во членот 4 од Законот е определено значењето на одделни поими кои се употребуваат во наведениот закон како што се: обврзник за плаќање на придонеси, обврзник за пресметка и уплата на придонесите, осигуреник, работодавач, плата, дополнителни примања од работен однос, исплата по основ на деловна успешност, надоместок на плата, институции за задолжително социјално осигурување, самовработено лице, индивидуален земјоделец, припадник на монашки и други верски редови и верско службено лице, најниска месечна основица, највисока месечна основица, просечна месечна плата и странец.

Според членот 5 од Законот, во задолжително социјално осигурување спаѓаат придонеси за:

1) пензиско и инвалидско осигурување врз основа на тековна исплата,
2) задолжително капитално финансирано пензиско осигурување,
3) стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење.
4) здравствено осигурување и
5) осигурување во случај на невработеност.

Според член 6 од Законот, средствата собрани од задолжително социјално осигурување од член 5 точки 1 и 3 на овој закон се приход на фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија.

Средствата собрани од задолжително социјално осигурување од член 5 точка 2 на овој закон, се лична сопственост на осигуреникот.

Средствата собрани од задолжително осигурување од член 5 точка 4 на овој закон се приход на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Средствата собрани од задолжително социјално осигурување од член 5 точка 5 на овој закон се приход од Агенцијата за вработување на Македонија.

Во членовите 7, 8, 9, 10, 11 и 12 од Законот таксативно се утврдени кои се обврзници за плаќање на придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, обврзници за плаќање на придонес од задолжително здравствено осигурување, како и обврзници за плаќање на придонес за задолжително осигурување во случај на невработеност.

Според членот 13 од Законот, обврзник за пресметка и уплата на придонесите е:

1) работодавачот за своите вработени,
2) Фондот на пензиско и инвалидско осигурување и Фондот за здравствени осиггуреници во точно определени случаи,
3) работодавачот и Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија за работник кој зема надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа.
4) Агенцијата за вработување за лица од членовите утврдена во овој закон.
5) Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за лица од членовите утврдени во овој закон.
6) Управата за извршување на санкции за лица од членот утврден во овој закон.
7) Установата од областа на образованието за лица од членот наведен во овој закон.
8) надлежен орган на државната управа за лица од членовите утврдени со овој закон.
9) организаторот за лица од членот утврдени со овој закон и
10) професионален спортски клуб за лице од членот утврден со овој закон.

Во членот 14 од Законот, во четиринаесет точки е утврдено што претставува основица за пресметка и плаќање на придонесите.

Во членовите 15 и 16 од Законот е утврдена најниската односно највисоката основица за пресметка и уплата на придонесите при што основицата не може да биде пониска од 50% од просечната плата по работник во Република Македонија објавена во тековниот месец, со одредени исклучоци, а највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесот е износот од четири просечни плати.

Во членовите од 17 до 23 од овој закон е уредено прашањето за пресметка и уплата на придонесите.

Во членот 24 од Законот, е утврден рокот за уплата на придонесите, а во член 25 од Законот се утврдени стапките по кои се пресметуваат и плаќаат придонесите.

Во член 26 од Законот, е уредено прашањето за ослободување од обврската и мирување на обврската за плаќање на придонеси.

Членот 27 од Законот, го уредува прашањето на обработка на личните податоци на обврзниците за плаќање на придонесите.

Членовите 28 и 29 од Законот, го уредуваат прашањето на пропишувањето на висината на глобата за сторен прекршок од областа на пресметка и уплата на придонеси.

Во прeодните и завршните одредби од Законот, односно во членовите од 30 до 37 е уредено прашањето за тоа од кога ќе почне примената на пресметување и плаќање на утврдените придонеси, престанок на важењето на одделни одредби од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Законот за здравственото осигурување, Законот за вработување во случај на невработеност како и повеќе одлуки со кои биле утврдени стапките на придонеси за задолжително здравствено осигурување, пензиско и инвалидско осигурување и друго.

6.Според член 8 став 1 алинеите 7 и 8 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, покрај другите се и слободата на пазарот и претприемништвото,хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Според став 2 од Уставот, на наведениот член во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политиката и верската припадност, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според член 32 став 1 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на приврмена невработеност, а според ставот 3 на наведениот член секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Во член 35 став 1 од Уставот е утврдено дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Судот утврди дека според член 16 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување највисока месечна основица за пресметување и уплата на придонесите е износот од четири просечни плати. При пресметка на највисоката месечна основица се зема предвид просечната плата по работник во Република Македонија објавена во тековниот месец. Највисоката месечна основица ги вклучува сите примања на обврзникот за плаќање на придонеси од работен однос остварени во тековниот месец. На износот повисок од највисоката месечна основица не се пресметуваат и уплатуваат придонеси. Највисока месечна основица за пресметување и уплата на придонеси за лице корисник на паричен надоместок за време на привремена невработеност изнесува 80% од просечната плата по работник во Република Македонија објавена во тековниот месец.

Судот смета дека прашањето на остварување на правата од социјалното осигурување и обврската за плаќање на придонесите од социјалното осигурување до донесување на предметниот закон беше уредено со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Законот за здравствено осигурување, Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, како и со подзаконски акти односно одлуки со кои беше уредена висината на стапките на придонесите. Тоа значи дека обврската за плаќање на придонеси од задолжителното социјално осигурување постоела и пред донесување на Законот за придонеси од задолжителното социјално осигурување.

Судот исто така утврди дека придонесите претставуваат јавна давачка и се пропишуваат со закон и кај овие јавни давачки изразен е елементот на противуслуга, односно се претпоставува дека лицата кои се задолжени за овој вид на јавни давачки, во одреден момент на старост, болест, инвалидност, мајчинство или привремена невработеност, ќе имаат директна корист преку остварување на одредено право од сферата на социјалното осигурување, како резултат на плаќање на соодветни придонеси.

Со измените на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност од 2004 година паричниот надоместок се утврдува како просечна месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци пред престанокот на работниот однос, при што во вид се земаат исплатените плати на работникот. Според член 68 став 2 од истиот Закон дефинирана е највисоката основица на паричниот надоместок во износ од 80% од просечната месечна нето плата по работник.

Судот утврди дека правото на паричен надоместок кој го примаат невработени лица е право од осигурување во случај на невработеност, а правото на пензија е право по основ на задолжително пензиско и инвалидско осигурување. Притоа, осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување се и невработените лица кои примаат паричен надоместок.

Судот смета дека неосновани се наводите во иницијативата дека пресметката на придонесите требало да се врши не според основицата во периодот на остварувањето на правото на пензија, туку според основицата во периодот кога невработените лица се стекнале со правото на паричен надоместок по основ на привремена невработеност, бидејќи погрешно со иницијативата се поистоветува правото на пензија и правото на паричен надоместок, а со тоа и погрешно се доведува во корелација основицата за пресметка и плаќање на придонеси со остварено право на паричен надоместок.

Судот утврди дека, имајќи ги предвид прашањата кои се уредуваат со оспорениот закон, односно утврдувањето на осигурениците, придонесите и стапките на придонесите, како и начинот на нивното регулирање, прозлегува дека законодавецот утврдува права и обврски кои еднакво се однесуваат на сите граѓани што се наоѓаат во иста положба, со што се реализира уставната определба за еднаквост на граѓаните пред Уставот и пред законите како и начелото на социјална солидарност.

Судот смета, дека тргнувајќи од наведените уставни одредби и содржината на оспорените одредби од овој закон по однос на наводите во иницијативата не може да се постави прашањето за согласноста на член 16 став 5 од Законот со уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување. Со оглед на тоа дека Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.48/2009 од 20.05.2009 година не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во целина, како и со решение У.бр.17/2010 од 13.10.2010 година не поведе постапка за оценување на уставноста на член 14 став 1 точка 11 од Законот, следува Судот да ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 14 став 1 точка 11 од овој закон.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски и д-р Гзиме Старова.

У.бр.124/2010
9 февруари 2011 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски