Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 февруари 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 60 ставовите 3 и 4 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010 и 156/2010).
2. Наташа Станковска од Крива Паланка на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование, а во суштина се работи за оценување на уставноста на член 60 ставовите 3 и 4 од основниот текст на Законот за средното образование.
Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорениот член 60 ставовите 3 и 4 од Законот се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 32 став 2 од Уставот. Ова од причина што на граѓаните не им се овозможувале еднакви права во Република Македонија затоа што наставниот кадар со положен стручен испит се дискриминирал во однос на лицата кои немаат положен стручен испит. Имено со оспорените одредби лицата со положен стручен испит кој бил задолжителен во средното образование и претставувал услов да се стане наставник се изедначувал во правата со лицата кои го немале положено стручниот испит. Со ваквиот начин на уредување на ова прашање според подносителот се воведувала правна нестабилност во Република Македонија бидејќи не се овозможувало ефикасна гаранција дека доследно ќе се спроведе член 59 од Законот за средното образование во кој јасно е утврдено кој може да биде наставник во средното образование, при што еден од задолжителните услови бил и положен стручен испит. Воедно, со оспорените ставови 3 и 4 на членот 60 од Законот, според подносителот оставено било на субјективната волја на директорот да може да избере наставник врз основа на свое дискреционо право, без да ги почитува критерумите од членот 59 од Законот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.33/2010) во членот 60 по ставот 2 се додаваат два нови става 3 и 4 кои гласат:
„На јавниот оглас од ставот 1 на овој член може да се пријави и лице без положен стручен испит и да заснова работен однос на определено време до крајот на учебната година.
Без положен стручен испит не може да се заснова работен однос на неопределено време”.
4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 став 2 од Уставот,граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност,а според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Согласно член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со Законот за средното образование се уредува организацијата, функционирањето и управувањето во средното образование, како дел од системот на воспитанието и образованието.
Во Главата VI Насловот „Наставници и стручни соработници“, односно во членот 59 од Законот е предвидено дека воспитно образовната работа во средното образование ја остваруваат наставници, воспитувачи и стручни соработници (педагог, психолог, дефектолог, социолог, социјален работник, лаборант, библиотекар и друго).
Наставници можат да бидат лица кои завршиле соодветни студии за образование на факултет, висока школа или академија и имаат положен стручен испит. Наставници во средно образование можат да бидат и лица кои имаат соодветно високо образование стекнато на други факултети, а се здобиле со педагошка, психолошка и методска подготовка на соодветни факултети и имаат положено стручен испит.
Понатаму, во Законот односно во членот 59 се предвидени услови што треба да го исполнува наставник во средно образование за хендикепирани деца, наставник за практична настава, наставник во средно балетско образование по стручно теоретска и практична настава при што сите тие мора да имаат положено стручен испит.
Во членот 60 од Законот е предвидено дека:
1) Изборот на наставници, стручни соработници и воспитувачи по пат на јавен оглас го врши директорот на јавното училиште по предлог на конкурсна комисија, а за приватни средни училишта органот што го овластил основачот.
2) Јавниот оглас од став 1 на овој член се објавува најмалку во по еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и во весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
Во оспорениот став 3 на овој член е предвидено дека на јавниот оглас од став 1 на овој член може да се пријави и лице без положен стручен испит и да заснова работен однос на определено време до крајот на учебната година.
Во оспорениот став 4 на овој член без положен стручен испит не може да се заснова работен однос на неопределено време.
Според член 61 од Законот, наставниците во средното училиште можат да засноваат работен однос на определено време и без јавен оглас, но работниот однос да не трае повеќе од три месеци во текот на учебната година.
Во членот 62 став 1, пак, од Законот е предвидено дека наставник во средно образование може да заснова работен однос на определено време и доколку на јавен оглас не може да се избере наставник кој ги исполнува условите од нормативот за наставен кадар во средното образование или обемот на работа изнесува најмногу половина од работното време во работната недела утврдено со закон.
Според член 66 од Законот, наставник и стручен соработник кој за прв пат се вработува во јавно училиште е приправник. Приправничкиот стаж трае една година. Со приправнииот стаж наставникот се оспособува за самостојна воспитно образовна работа.
Согласно членот 67 од Законот, приправникот во јавното училиште полага стручен испит. Стручниот испит се полага според утврдена програма пред стручна комисија образована од Министерството.
Поблиски прописи за условите и начинот на полагање на стручниот испит во јавното училиште донесува министерот.
Во членот 69 од Законот е предвидено дека наставниците и стручните соработници во средното училиште се усовршуваат, оспособуваат и напредуваат во звања.
Наставникот и стручниот соработник кој за прв пат се вработуваат во образованието се со звање наставник-приправник и стручен соработник-приправник.
Тргнувајќи од посебното уставно значење и карактер на воспитно-образовниот систем, односно дејноста на средното образование, постои уставна можност со посебен закон да се пропишат условите под кои може да се изведува воспитно-образовната дејност во средното образование кое е задолжително, а во тие рамки да се утврдат и одредени критериуми за определување на приоритет под еднакви услови при засновање на работен однос. При тоа, право е на законодавецот да ги утврди посебните услови за вршење на воспитно-образовната дејност, како и да утврди одредени приоритети за вработување под еднакви услови, но во секој случај, доминантни, пред се, се предвидените општи и посебни услови предвидени за засновање на работен однос на одредено работно место.
Прокламираното уставно начело на еднаквост на граѓаните во суштина значи обврска на законодавецот во законите да утврдува исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат своите права и должности без притоа да се прави разлика меѓу нив. Имено, право е на законодавецот со закон да ги пропише условите кои треба да ги исполнува кандидатот за избор на одредено работно место. Токму врз основа на овие принципи законодавецот во Законот за средното образование ги определил условите кои треба кандидатите да ги исполнуваат за наведените места.
Имајќи ги предвид наведените одредби од Законот за средното образование, произлегува дека, работен однос на неопределено време за наставник и стручен соработник во средното образование, може да се заснова само доколку лицето има положено стручен испит. Од друга страна пак, за да се положи стручниот испит, Законот предвидува лицето да мора да биде вработено, при што тоа добива статус наставник-приправник и стручен соработник-приправник. Лицето со овој статус мора да помине приправнички стаж во траење од една година, во текот на која тоа се оспособува за самостојна воспитно-образовна, односно стручна работа преку совладување на програмата за стручен испит. Согласно законот, приправникот по истекот на приправничкиот стаж полага стручен испит пред комисија, и дури потоа, со положен стручен испит, лицето може да заснова работен однос на неопределено време како наставник, стручен соработник.
Оттука, според Судот, со одредбата дека на јавниот оглас за засновање на работен однос во средно училиште може да се пријави и лице без положен стручен испит и да заснова работен однос на определено време до крајот на учебната година им се овозможува на лицата да стекнат една година работен стаж заради полагање на стручен испит и да стекнат услови за засновање на работен однос на неопределено време како наставник, односно стручен соработник или воспитувач.
Наводите во иницијативата дека со оспорената одредба наставниот кадар со положен стручен испит се дискриминирал, односно бил ставен директно во понеповолна положба во однос на лицата кои го немале положено стручниот испит и дека статусната положба на лицата со положен испит и стекнато звање наставник и лицата без положен испит се изедначувал, Судот не ги прифати, од причина што во самиот закон јасно е разграничена статусната положба на лицата со положен стручен испит кои можат да засноваат работен однос на неопределено време во својство на наставник, стручен соработник или воспитувач и лицата кои немаат положен стручен испит и кое можат да засноваат работен однос на определено време од една година со статус на приправник.
За Судот, исто така, се неосновани и стравувањата на подносителката дека оспорената одредба не давала ефикасна гаранција дека доследно ќе се спроведувал членот 59 од Законот за средно образование и дека при изборот на наставниот кадар во целост ќе се почитувал условот кандидатот да мора да го има положено стручниот испит, од причина што во Законот, јасно е определено дека без положен стручен испит не може да се заснова работен однос на неопределено време, така што произлегува дека статус на наставник, стручен соработник или воспитувач може да се стекне само со положен стручен испит.
Оспорената одредба, според тоа, дава можност за засновање на работен однос за стекнување со статус наставник-приправник и доколку нема ваква одредба, на јавните огласи за засновање на работен однос на определено време нема да можат да се пријават лица без положен стручен испит, со што овие лица би биле ставени во нерамноправна положба по однос на засновање на работен однос во средните училишта, односно нема да можат да го положат стручниот испит како услов за засновање на работен однос за наставник, стручен соработник и воспитувач.
Поради наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не содржи елементи на дискриминација по ниту еден основ, и дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителката на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.140/2010
2 февруари 2011 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски